Доколку возите мотоцикл или пак планирате да почнете да го правите тоа, сигурно дека ќе се најде некој кој ќе ви приговара за таквата одлука, кој ќе ви кажува колку е само тоа опасно и дека има големи шанси да загинете.
Да бидам искрен, за разлика од многу други возачи, мене не ми се случува тоа толку често. Отсекогаш ми се допаѓал одговорот кој го дава еден познаник кој вели „Ако ми кажеш дека братот на најдобриот пријател на мојот чичко починал додека возел пијан и при брзина од 100 километри на час, тоа нема да ме убеди дека возењето мотоцикл е опасно, туку само ќе ми сугерира дека братот на најдобриот пријател на мојто чичко бил навистина невнимателен“.
Сепак, секогаш кога ќе ми постават такво прашање, јас веднаш поставувам друго прашање, односно дали тој некогаш во животот возел автомобил. Дали знае некој кој се здобил со сериозна повреда или пак загинал при автомобилска несреќа. Потоа одбивам да продолжам со разговорот. Поентата ми е дека секаде постои ризик но тоа не значи дека не треба да ги правиме работите кои ги сакаме. Но денеска, се сетив на еден подобар одговор.
Замислете двајца луѓе кои трчаат секој ден. Лицето А, без разлика какво е времето секогаш трча надвор. За разлика од него, лицето Б, без разлика какво е времето секогаш трча во затворен простор. Врз основа на овие работи, што мислите кое лице има поголеми шанси да заболи од рак на кожа? Кој има поголеми шанси да добие смрзнатини? Кој има поголеми шанси да биде удрен од автомобил. Кој има поголеми шанси да се лизне на мразот и сериозно да се повреди?
Во сите случаи, лицето А се изложува на многу поголем ризик бидејќи трча надвор. Сепак, не покажуваме со прст кон лицето А и не му велиме дека е идиот. Наместо тоа, јасна ни е желбата и користа која лицето А ја има со тоа што трча надвор и покрај поголемите опасности. Животот на лицето А е збогатен со тоа што повеќе време поминува надвор во природа наместо внатре.
Ова е мое мислење и тоа се однесува и на возењето мотоцикл. Сум паднал и навистина, навистина не ми се допаѓа тоа. Но уште помалку ми се допаѓа идејата да не излегувам надвор. Понекогаш вреди да се ризикува. Што мислите вие?