Повеќеилјадната публика имаше можност по убаво и сончево време да ужива во атрактивните возења и прекрасни скокови на најдобрите македонски натпреварувачи.
Повеќеилјадната публика имаше можност по убаво и сончево време да ужива во атрактивните возења и прекрасни скокови на најдобрите македонски натпреварувачи.
Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, a во техничка организација на МК Шари мотокрос на16 јуни на патеката Порој крај Тетово се одржа вториот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос за сезоната 2013.
Во најмалата класа МХ85 можевме да ја видиме иднината на македонскиот мотокрос. Христиан Станковиќ (МК Мотостарс) убедливо победи во двете трки, додека втор беше Албан Елези (МК Вардар) кој ги искористи техничките проблеми на Илир Рамадани (МК Шари Мотокрос) кој на крајот беше трет. Големи аплаузи доби и најмладиот учесник, 6-годишниот Албион Усеини. Станковиќ го презема водството во генералниот пласман со вкупно 94 бодови.
Во класата МХ2 во двете возења видовме голема битка помеѓу клупските другари од МК ЛТД спортс, Никола Гулевски и Михаил Бајовски. Гулевски имаше пех да падне на квалификациите и го оштети својот мотоцикл, меѓутоа неговиот тим со несебична помош од домаќините го оспособи мотоциклот за настап. Бајовски имаше одличен старт и долго водеше, но Гулевски го мина на 3 кругови и успеа да победи во првата трка. Во втората трка Бајовски возеше константно и на крајот победи што му беше доволно за конечен триумф. На третото место во двете трки заврши уште еден член на МК ЛТД Спортс, Денко Манчевски. Гулевски води во домашниот шампионат со вкупно 97 бодови.
Во најсилната класа МХ1 очекувано уште една убедлива победа однесе Гоце Томовски (МК Гого) кој собра и најмногу аплаузи од публиката победувајќи и во заедничка конкуренција на класите МХ1 и МХ2 и остварувајќи го најбрзиот круг на целиот натпревар. Второто место го освои гостинот од Албанија, Петрит Ѓерѓи, а Симеон Николовски (МК Мотостарс) беше поуспешен во директниот дуел со Фазли Ислами (МК Шари мотокрос) и го освои последното место на подиумот. Томовски е неприкосновен во оваа конкуренција и досега освои максимални 100 бодови.
Возбудлива трка видовме и во класата МХ3. Иако убедливо најдобар беше Борче Костов (МК ЛТД спортс) зад него видовме борба за сите позиции. Клупските колеги Џавит Адили и Амир Амети (МК Шари мотокрос) во двете возења беа постојано еден зад друг. Во првото возење поуспешен беше Амети, додека Адили не потклекна на постојаните напади од конкурентот во второто возење и на крајот заврши како втор. Костов го презема водството во генералниот пласман со 88 бодови.
Во екипниот пласман најуспешен беше клубот дебитант МК ЛТД спортс од Битола, пред организаторот МК Шари мотокрос и МК Мотостарс од Битола.
Следниот натпревар од Шампионатот на Македонија во мотокрос е веќе следниот викенд, на 23 јуни на патеката во Смолево крај Битола.
Извор: „МФМ“