Во организација на Сојузот на спортови на Велес, а под покровителство на општина Велес синоќа на бродот „Панини“ на велешкото езеро „Младост“ се одржа 56. доделување на награди и признанија на манифестацијата „Избор на спортист за 2015“.

Првото место, односно титулата спортист на Велес за 2015 година и златниот пехар го освои 23-годишниот мотоциклист Драган Ванов, член на „Мото Велес“.

Драган Ванов е годинешен освојувач на третото место во генералниот пласман во најсилната класа од 450 кубика во Мото крос на Македонија. Тој потекнува од семејство на моториклисти, а првиот мотор му е купен во 2005 година. Од 2006 година тој е присутен во државното првенство во најмалата класа и од тогаш Ванов реди успеси на домашни и меѓународни трки.

Тој искажа благодарност до татко му, Сашко Ванов кој е и негов спонзор како и општина Велес, која го награди неговиот труд со ова признание на градот. Признанието, како што рече, ќе му биде и поттик за понатамошни успеси во натпреварите.

Се надеваме дека ќе соберам средства за настап на Источно-европското ендуро, што е мото трка по нерамен терен и се надевам дека имам шанси за освојување на нови врвни резултати рече Ванов.

Кај сениорите екипно, за најдобра екипа за 2015 на Велес е прогласен младинскиот велосипедски клуб „Велес“, освојувачи на купот на Македонија. Втора е екипата на мото клубот „Мото Велес“, а трет градскиот ракометен клуб „Борец“.

Извор: Lider.mk

Back To Top