Компанијата Autoliv, еден од најголемите светски производители на системи за безбедност во возилата, работи на нов тип на воздушно перниче (airbag) наменето за мотоцикли, кое значително ги надминува досегашните решенија. Новата патентна пријава открива дизајн со горна и долна воздушна комора, со цел подобра заштита на возачот при фронтални, коси и странични судири.
Дека airbag системите можат да функционираат и на мотоцикли не е новост. Honda Gold Wing веќе околу две децении е единствениот сериски мотоцикл кој нуди ваков систем. Но додека технологијата во автомобилската индустрија значително напредуваше, кај мотоциклите развојот практично стагнираше. Autoliv сака да го промени тоа и уште во 2023 година ги претстави своите планови за поширока примена на ваквата технологија кај мотоциклите. Иако првично се очекуваше системот да биде подготвен за сериско производство до 2025 година, развојот се одвива побавно од планираното, но проектот и понатаму активно продолжува.
Нов дизајн на airbag со две воздушни комори
Најновата патентна пријава на Autoliv покажува значително понапреден концепт во споредба со претходните решенија. Досегашните демонстрации на компанијата прикажуваа таканаречен „ѕиден“ дизајн – вертикална, амортизирана бариера која се поставува директно пред возачот. Овој пристап обезбедува добра заштита при директни фронтални судири, но има ограничена ефикасност во други сценарија на несреќи.
Новото решение се состои од горна и долна воздушна комора сместени во заедничка надворешна обвивка. Таа обвивка е составена од повеќе парчиња специјално обликуван текстилен материјал. Ремени, кои во патентните скици се прикажани со испрекинати линии, го држат системот на место и обезбедуваат потребна структурна стабилност.
Клучната иновација е во самата форма на airbag-от. Тој е дизајниран така што при активирање се распоредува околу горниот дел од телото и главата на возачот. Истовремено, во делот околу рацете се предвидени отвори кои спречуваат надуениот airbag да ја попречи контролата врз мотоциклот.
Самото функционирање е слично на системите во автомобилите. Сензорите препознаваат судир и активираат гасен генератор кој го надувува airbag-от во дел од секундата. Потоа следува контролирано празнење на воздушните комори, при што системот ја апсорбира енергијата од ударот пред таа да се пренесе на возачот, значително намалувајќи го ризикот од повреди.

Спортските мотоцикли се најголем технички предизвик
Според моменталната концепција, новиот дизајн најлесно би можел да се примени кај скутери, туринг мотоцикли и крузери – категории кај кои возачот седи поисправено и има поголемо растојание помеѓу себе и предниот дел на мотоциклот.
Кај спортските мотоцикли ситуацијата е значително посложена. Пред сè, наклонетата позиција на телото значи дека главата на возачот се наоѓа над трокутот на вилушката и многу поблиску до потенцијалната точка на удар при фронтална несреќа.
Дополнително, просторот помеѓу возачот и предниот дел на мотоциклот е значително помал, што остава многу помалку простор за сместување на airbag системот и бара уште побрзо активирање. Покрај тоа, возачите на спортски мотоцикли често ја менуваат позицијата на телото во свиоците, што дополнително ја усложнува задачата да се конструира систем кој ќе обезбеди сигурна заштита без оглед на положбата на возачот.

Цената и побарувачката како главни пречки
Технологијата за функционални airbag системи на мотоцикли веќе постои. Дваесет години Honda Gold Wing со airbag се јасен доказ за тоа, а во меѓувреме технологијата значително напредна. Сепак, најголемите пречки за поширока примена не се техничките ограничувања, туку цената и побарувачката.
Иако многу моторџии без проблем инвестираат значителни суми во нова кацига или кожен комбинезон, подготвеноста да се плати дополнително за безбедносен систем кој, во идеален случај, никогаш нема да биде потребен, е значително помала.
Слична ситуација се забележа и при воведувањето на ABS системите. Безбедносните технологии во мото индустријата често следат ист образец: на почеток се гледаат како непотребен или скап додаток, но со текот на времето достигнуваат точка на прифаќање и стануваат стандард. Денес малкумина би размислувале за нов мотоцикл без ABS.
Дали airbag системите ќе поминат по истиот пат зависи од производителите – односно од тоа дали ќе продолжат да инвестираат во развојот и да ги понудат овие системи како опција на поширок спектар модели.


Коментари