Ducati најави серија на мерки кои ќе ги применат на нивните модели, при што ќе се користи и напредна електроника, за да се подобри безбедноста на возачите.
Под мотото „2025 Safety Road Map“, првата цел на фабриката која е сместена во Болоња е да го вметне „cornering ABS“ системот кај сите свои мотоцикли, вклучувајќи ги притоа и поевтините модели.
Повеќето од нивните мотоцикли веќе се опремени со ваков систем, но да се вметне тој кај сите модели на компанијата преставува значителен чекор напред кон подобрување на безбедноста на возачите. Од таму велат дека нема да запрат само со тоа...
Ducati планира да додаде и серија на „Advanced Rider Assistance“ системи на своите мотоцикли вклучувајќи притоа и употреба на радари кои ќе ја надгледуваат околината на возачот и ќе го предупредуваат доколку се појави некаква опасност. Во суштина, системот ќе биде заден радар кој ќе го предупреди возачот доколку има некое возило во неговата слепа точка или пак доколку некое друго возило му се приближува со голема брзина. Таквите системи се веќе вообичаена работа кај автомобилите.
Во однос на контролата на патувањето, која веќе ја има кај неколку модели на Ducati, од компанијата велат дека на предниот дел на мотоциклот ќе биде вграден уште еден радар кој ќе биде одговорен за растојанието меѓу мотоциклот и останатите возила. И повторно, овој систем е доста распространет кај автомобилите но се уште го нема кај мотоциклите.
Од компанијата велат дека овие системи заедно со напредниот интерфејс ќе бидат воведени кај моделите за 2020 година. Тука се поставува уште едно прашање. Кои ќе бидат тие модели? Најголеми се шансите тоа да биде нова Multistrada.