Доколку имате можност за тоа, дали би сакале да научите како да возите како вистинските MotoGP ѕвезди?
Aprilia во моментов е во сериозна офанзива во MotoGP. Перформансите се сè подобри и тимот делува се покомпактно. После години поминати во обид, по победата на Espargaro и се подобрите пласмани на Vinales конечно се гледаат плодовите од вложените средства и напорна работа. Само успехот на патеките не би бил оправдуван кај бордот на директори кои секако сакаат табелите во Excel да им покажат позитивни бројки и враќање на инвестицијата.
Успехот треба да се преточи во промоција на брендот и да се зголеми вредноста, за да има смисла целиот ангажман. Како дел од маркетиншката промоција, ќе се одржи Aprilia Pro Experience за време на викендот меѓу трките во Херез и Ле Ман на 8-ми мај 2022 на патеката Marco Simoncceli во Мизано. А кои се предавачите односно од кого ќе имаат можност да научат учесниците на овој настан?
Дали имињата Max Biaggi, Lorenzo Salvadori и Andrea Iannone ви значат нешто? Не? А што мислите за Maverik Vinales и Aleix Espargaro? Токму легендата Biaggi, кој се јавува во улога на главен тренер на настанот, има освоено 3 титули во светскиот шампионат во класата 250cm³ и уште 2 титули во WSBK со Aprilia. Salvadori покрај улогата на тест возач, и неколкуте трки кои ги извозе во MotoGP, има освоено и титула во европскиот шампионат во класата до 125cm³ за италијанската марка. Останатите возачи се добро познати, кој заради постигнатите резултати кој заради други причини...
Iannone иако е поактивен на модните писти отколку на тркачките патеки, сепак не смее да се заборави искуството и знаењето кои ги поседува, додека пак на активните тркачи и победници во MotoGP Vinales и Espargaro, не им треба воопшто посебно претставување. Моторот кој ќе се користи исто така не бара посебно претставување затоа што се работи за многу посакувана машина Aprilia RSV4 Factory.
Секој учесник ќе има можност да работи со некој од гореспоментатите супер инструктори и ќе може, покрај динамичкиот тренинг кој ќе служи за усовршување на точните тркачки линии и дотерување на точките на сопирање, во паузите да ги анализира постигнатите времиња. Тренингот ќе се состои од шест 20-минутни сесии што е сосема доволно време да се научат многу работи кога се вклучени вакви професионалци во целата приказна.
Кој е расположен и има доволно желба (€) може на време да се информира и пријави за настанот на следниот линк Aprilia Pro Experience.