Враќањето на Андреа Ианоне во трките на светскиот шампионат не беше ништо помалку од брилијантно, по четиригодишната забрана заради допинг.
„Манијакот“ обезбеди подиум на својата прва трка во WorldSBK, а потоа беше на чекор од третото место и на последната трка во почетната рунда на Филип Ајленд.
Ианоне го продолжува успешниот настап сезонава откако го заврши минатонеделниот тест во Каталуња со четврто најбрзо време.
Италијанецот не изгубил ниту еден од своите таленти и покрај тоа што е надвор од спортот четири години, а говорејќи за WorldSBK.com, Ианоне детално објасни какво било неговото отсуство.
„Моите четири години без трки... на почетокот беше драматично“, започна Ианоне. „Тешко е да се разбере и прилагоди бидејќи го изгубив целиот мој живот. Кога ќе изгубите сè, вие сте малку дезориентирани. Тоа е како голема несреќа, но кога имате голема несреќа, можеби ќе застанете една година. Јас бев надвор четири години. Тешко е да се објасни оваа ситуација. Чувствував голема поддршка од моите фанови, моето семејство и моите пријатели, но не беше лесно. Особено во првата година бев малку позатворен во себе, но, чекор по чекор, почнав да живеам малку нормален живот.“
„Престанав да го следам MotoGP и почнав да се фокусирам на WorldSBK. Не знам зошто, но ова е реалноста. Кога следев некои трки, се чувствував како да сакам да бидам во трките и битката, и затоа понекогаш почнав да разговарам со Џиџи Дал’Иња.“
„Еден ден отидов во Мисано со татко ми и го сретнав. Разговаравме малку и тој рече: „Значи, Андреа, го сакаш ова и мислиш дека си подготвен?“. Му кажав дека сум. Се вратив после долго време, и навистина сум возбуден за овој камбек. Среќен сум, го живеам овој сон. Нема да го повратам изгубеното; тоа е невозможно, но делумно, сакам да се обидам да ја вратам среќата“.
Со помал притисок на рамениците во споредба со MotoGP, Ианоне исто така изговори слични зборови како Алваро Баутиста, Икер Лекуона и Реми Гарднер кои дојдоа во шампионатот од MotoGP, што е поврзано со уникатната атмосфера на падокот во Супербајк.
Шампионат кој порано важеше за многу неконкурентен, Ианоне верува дека е променет во последните години, а особено во 2024 година.
„WorldSBK е навистина добар шампионат, атмосферата во овој падок е фантастична. Чувствувам голема страст за мотоспортот, за мотоциклот, тоа е навистина добра енергија за мене. Нивото е навистина високо бидејќи секој возач е брз. Мислам дека првите 10-12 возачи се навистина брзи Цела моја кариера мислев дека тоа е најдоброто првенство. Сега сум тука и сакам да уживам“ - дополни Ианоне.