Recetec K3 е серија на гуми која произлезе како наследник на Metzeler Racetec K0, K1 и К2. Разликата од овие модели до К3 е тоа што гумата од самата фабрика е квалификувана како гума за возење на градски асфалт, но со перформанси на гума за на стаза.
Веќе првиот поглед на гумата ни го открива тркачкиот дух во неа и перформансите кои можат да се очекуваат. Страните на гумите се без никакви шари, што гарантира перформанси слични на слик гума при возење под максимален агол. Средишниот дел го краси истата шара како и кај K0, K1 и K2. При дизајнот на гумите производителот се погрижил за перфектен контакт во суви временски услови, па за стабилноста и нема потреба да дискутираме премногу.
Како и секоја гума која одлично "држи", се појавуваат стандардните проблеми со брзото трошење. Доколку се земе просек од агресивно но и нормално возење, со еден сет гуми ќе поминете 6-7.000км.
Гумите функционираат беспрекорно кога се загреани, но, немојте ни да помислите да им верувате додека се ладни. Ова веројатно е единствената негативна страна, но исто како и побрзото трошење од стандардни гуми, се должи на перформансите кои гумите ги имаат кога се возат на идеални услови, на топол асфалт и добро загреани.
При полна работна температура, гумите имаат неверојатни карактеристики. Наглото кочење и забрзување, како и влегувањето и излегувањето од кривина со голема брзина го поднесуваат без никаков проблем, па возачот може да го покаже целиот свој потенцијал знаејќи дека има гуми на кои може да им верува.
Во услови на мокар асфалт и дожд, потребно е да бидете екстра внимателни. Racetec К3 не се гуми со кои ќе можете да ги покажете вашите способности кога ќе заврне, што е и нормално за гума која нема никаква шара на 5цм од краевите на гумата. Возењето на овие гуми со брзина поголема од 80км/ч во дождливи услови е опасно дури и за најискусните возачи.
Во однос на цената, К3 не се евтини гуми, но народски кажано - колку пари, толку музика. Плаќате гуми легални за возење низ градските улици со карактеристики на гума за на стаза, а сепак цената им е пониска од класичните тркачки гуми.
Важен податок за возачите кои сакаат да го добијат максимумот од своите гуми, е дека тие не прегреваат дури ни по повеќечасовно возење. Немавме можност да ги возиме на стаза, но по повеќечасовно агресивно возење гумата ги задржа истите одлични перформанси и карактеристики кои ги имаше пред почетокот на тестот.
Ова значи дека и покрај тоа што K3 е квалификувана како градска гума, нема да погрешите во ниеден момент доколку ја употребите на стаза.
Гумите за тестирање беа позајмени од MotoProm, каде можат да се купат по цена од 170 евра за предна гума со димензија 120/70 ZR 17 и 215 евра за задна гума со димензија 190/50 ZR 17.
За крај, ја препорачуваме Metzeler Racetec K3 на сите спортски возачи, кои бараат одлични перформанси од гумите, а притоа не им е важно со еден сет на гуми да поминат 15.000км.
Tомислав Трајковски