Светскиот шампион, Жоан Мир, ја одби можност да настапи со бројот 1 и наместо тоа во сезоната која е пред нас ќе вози со бројот 36.

Актуелниот MotoGP шампион, Жоан Мир, потврди дека и во иднина ќе вози со бројот 36 и дека нема да ја користи регистрацијата со број 1.

„Бројот ќе остане ист како и секогаш, лојален сум на 36“, вели Мир. „Би било одлично да возев со бројот 1 кој е навистина посебен и уникатен. Но бројот 36 е дел од мене, ме донесе до оваа позиција и ми помогна при освојувањето на двете титули, во MotoGP и Moto3.“

„Но тоа не значи дека ако освојам уште една титула нема да го земам бројот 1. Засега останувам со 36. Тој ја одбележува напорната работа која ја вложував досега и најдобро ми одговара.“

Марк Маркез (93) и Валентино Роси (46) исто така ги задржаа своите броеви иако освоија неколку титули. Последниот возач кој настапи со бројот 1 во MotoGP е Кејси Стонер кој возеше за Repsol Honda во 2012 година.

Бројот 1 не бил дел од Suzuki уште од 2001 година кога за тимот возеше Кени Робертс Јуниор.

 DSC4024 copy copy copy

И покрај финансиската добивка која ја носи бројот 1, проект менаџерот на Suzuki MotoGP, Шиничи Сахара, вели дека нема да му пречи кој број и да го одбере Мир.

„Среќен сум што Мир ја освои титулата минатата година. За мене тоа е доволно. Но ако Жоан одбере да го промени бројот за следната сезона, исто така ќе бидам среќен.“

„Воопшто нема да биде лесно но ќе се обидеме повторно да стигнеме до титулата. Затоа не ми прави никаква разлика со кој број ќе настапи нашиот возач. “

Ниту еден возач во MotoGP ерата не успеал да ја одбрани титулата додека настапувал со бројот 1. Во Премиерната класа тоа последен пат се случи во 1998 година кога титулата ја освои Мик Дохан.

Back To Top