Некој ќе го памети по добро, некој по зло, но дефинитивно ова беше викенд за паметење во MotoGP.

MotoGP 

Многу нешта се случуваа на последната трка во MotoGP, колку што се случуваа на патеката толку и вон патеката. За дел од нив пишувавме пред викендот, но некои од нив се случуваа за време на сесиите, меѓу сесиите, на квалификации и секако за време на трката. Надвор од резултатите на патеката главна вест беше најавата за повлекување на Marc Marquez од остатокот на сезоната заради повторна операција на коската на надлактицата и рамото. Ова значеше и негова последна трка до време кога би бил повторно подготвен за трка. Иако предвидувањата велат дека се потребни неколку месеци за целиот процес на рехабилитација и евентуален старт н следната сезона во полна форма, сепак знаеме колку е наблагодарно да се даваат прогнози кога е здравјето во прашање. Ова последното е особено важно ако се знае дека во оваа операција ќе се примени агресивен метод на повторно кршење на коската за да се ротира во правилната позиција и повторно заздравување. Како последица на лошото заздравување и инфекцијата што ја имаше во претходниот период, горниот дел на коската се поврзала со долниот дел под одредена ротација, што значи со отсапување кое имало за последица сосема неприродна позиција на остатокот од раката и дланката во однос на телото. И веројатно доколку Шпанецот не се занимава со дејност која вклучува управување на мотор со брзина од над 350 km/h како и сили на сопирање од 1.5-2G, како и бројни падови, тогаш можеби ќе функционира колку толку нормално и со така заздравена коска до крајот на животот. Но за врвен спортист кој реално има уште доста да освои, ова едноставно не е доволно. Жртвата која ќе ја направи со четвртата операција во болницата Mayo Clinic во Rochester, Minnesota специјализирана за овој тип на повреди, покажува колку му е битен спортот во кој оствари огромни успеси. Да признаеме или не, сакале или не, Marc Marquez е веројантно најдобриот возач што се појавил во овој спорт и оваа повреда го спречи да освои барем уште една титула. Секоја чест за Quartararo и Mir, но овде зборуваме за човек кој често победуваше доминантно и ја понижуваше конкуренцијата. Настрана неверојатните квалификации во кои често беше побрз за поприлична разлика од другите. Не навлегуваме во симпатиите или асимпатииите кои ги буди кај едните и другите. Тоа е сепак лично. Некогаш знае да ги премине границите, но дека е еден од најголемите возачи на овој спорт, тоа е неспорно. Ако земеме предвид дека се справува со константни болки и корисити апчиња за истите, тогаш навистина неговите 3 победи од минатата година се за уште поголемо почитување. Очигледно дека повеќе не може да продолжи со исто темпо и го чекаме да се врати во старата форма. Можеби целата таа психоза околу идната операција беше и причина за уште еден пад во квалификациите по што беше свикана прес конференцијата. Премногу лоши падови имаше човекот кој секако многу паѓаше и претходно, но сега едноставно целата ситуација прави падовите да бидат се побрутални. 

72 marco bezzecchi

Што се однесува до трката можеме да кажеме дека донесе новина во стартниот поредок. Домашниот терен во комбинација со променливите услови како и искуството на Ducati со софтверот на Magenti Marelli, особено во променливи услови, им даде на помладите возачи можност за фантастични резултати остварени со доза на поголем ризик. Другите имаат што да изгубат и во услови кога е можен пад сигурно размислуваат два пати пред да ја свртат рачката за гас до крај или пред да ги притиснат сопирачките што е можно подоцна.

Па така имавме ново лице на првата позиција, заслуга на Fabio Di Giannantonio кој успеа да заврши како најбрз на квалификациите со своето Gresini Ducati GP21. Тоа е неговиот најдобар резултат како и прва пол позиција во кариерата во најголемата класа односно втора во сите класи воопшто! Дека му лежи оваа патека, докажува и најбрзото време кое го има постигнато токму тој во класата Moto3 во 2018 година. До него во првиот ред се пласираа и двајцата возачи на тимот VR46 Marco возејќи Ducati GP21 и Luca на GP22! Тројца Италијани со италијански мотори. Доминацијата на Ducati ја заокружија и Zarco и Bagnaia на петтата и шестата позиција по што следеше Fabio со својата Yamaha. Делириумот на Италијаните го дополни Aleix Espargaro со Aprilia во третиот ред, пред возачите на Honda и т.н.

По стартот кој помина без многу проблеми, започна една борба помеѓу тројцата, во моментов најдобри, откако го изгубија четвртиот во 13-тиот круг. Enea не успеа да се задржи на моторот и продолжи во песокта каде што ја заврши својата трка. Се свртеа картите на оваа трка кога станува збор за Enea и Pecco. 

63 francesco bagnaia mugello 2022

Претходно останавме и без Pol Espargaro кој ионака ги вози своите последни трки за Honda, и станува се погласен во критиките упатени кон Јапонците. Оној кој веројатно ќе го замени, Joan Mir, исто така ја заврши порано трката заедно со неговиот сегашен тимски колега Rins. Тиа двајца не завршија трка откако Suzuki најави повлекување. Дали е пресуден психолошкиот момент, или едноставно веќе не се развива моторот, па се оди лесно преку лимитот, останува да дознаеме. 

Во меѓувреме Pecco и Quartararo рутински ја обработија трката и ги нижеа противниците на патеката која конечно има таква конфигурација што ни дозволува да уживаме во храбрите маневри. Долгиот правец на кој се постигнуваа неверојанти брзини (Jorge Martín 363.6 km/h!) како и првиот свиок Sano Donato во кој ссе влегува со силно сопирање, само дополнително нè оставаа без здив.

Крајот на трката беше релативно мирен кога се виде дека Aleix не може да се бори за повисоко место од третото затоа што едноставно изгуби премногу време на почетокот на трката со младите Дукатисти, додека пак истото важи и за актуелниот шампион кој направи се што можеше да направи со својот мотор и не можеше да го достигне Pecco. Можеби и можеше да го достигне, но не и да го престигне, затоа што знаеме како оди приказната со моменталната ситуација во MotoGP во однос на аеродинамиката и предниот пневматик.

На четврто место заврши Zarco, но она што радува се 5-тото и 6-тото место на Marco и Luca, како и одличнот Brad Binder на KTM кои заврши во само 3-4 секунди заостаток зад победникот!

Takaaki запстануваше над 10 секунди што само ја покажува лошата форма на Honda, пред Oliveira и Marc. Пол ситерот DiGia заврши како 11-ти што е во линија со недостатокот на искуство и сосема доволен број на бодови како стимул за панатаму. Зад него заврши Vinales кој претекна половина возачи од 26-тата позиција која не му гарантираше лесна трка. Очигледно е брз во трка, но мора да стартува од повисока позиција, особено со фактот што претекнувањето во трка станува се потешко со карктеристиките на моторите оваа сезона. Уште еден тркач којо се мачи со физичката состојба Jorge Martin заврши како 13-ти. Овој Шпанец закажа операција по следната трка во Барселона, по која се надева дека ќе му се врати целосното чусвство во десната рака со која понекогаш има проблем да ги контролира гаста и сопирачката Можеби од таму и дојде оној нов брзински рекорд…Шала на страна, потребно е и тој да се врати во неговата стара форма и да го гледаме повторно на врвот. 

Вообичаено, тука некаде се наоѓаат и останатите учесници со исклучок на Jack Miller, кој имаше лоши квалификации Q1, во кои го исфрли токму постариот Marquez кој на негова сметка се квалификуваше за понатаму, откако го следеше Австралијанецот. Jack не беше воопшто среќен овојпат, откако и претходно во неколку наврати се шегуваше во ваквите ситуации. Сега шегата беше на негова сметка.

Moto2

Pedro acosta moto2 mugello 2022

Некако симболиката како да си играше игри овој викенд, во кој видовме како по пензионирањето на бројот 46 токму неговиот тим постигна најдобри резултати во MotoGP, а од друга страна и по најавата на Marc Marquez за (привремено) повлекување, токму неговиот рекорд за најмлад победник во класата Moto2 премина во рацете на уште еден голем талент Pedro Acosta. Младиот Шпанец со свои 18 година и 4 дена ја оправда довербата на целата MotoGP јавност дека е исклучителен возач и иднината на овој шампионат. Не ја испушти првата позиција уште од првиот свиок во кој влезе пред пол ситерот Aron Canet кој успеваше да го следи во скоро цела трка пред да падне во 12-тиот круг. Штета. Ако останеше веројанто ќе ни понудеа интересна трка за првото место. Одлични настапи имаа и Американецот Joe Roberts кој по победата во Португалија си ја поврати самодовербата и вози како кога влезе во оваа категорија, како и на уште еден победник од оваа сезона Јапонецот Ai Ogura. Токму последниот се израмни со бодови на врвот на поредокот со Италијанот Celestino Vietti кој по одличниот пробив до втората позиција откако на почетокот падна во поредокот, испадна од конкуренција заради технички дефект.

Интересен настап имаше и ветеранот Mattia Pasini како wildcard, кој и покрај годините (36), паузата во настапување (2 години) како и познатите физички лимити на неговата десна рака (повреден нерв по што комндите за гас и сопирање се префрлени на левата рачка), се квалификуваше на 5-тата позиција, но заврши на 15-тата. Всушност борбеноста што ја покажа е во склад со неговата легендарна изјава ‘You ride the bike with the balls, not the arms’! Вечен борец. Браво! 

Moto3

moto3 mugello 2022

Тука со судиска одлука победи Sergio Garcia на сметка на невнимателноста на неговиот тимски колега Izan Guevara, кој на момент излезе од патеката или подобро кажано загази 3-4 сантиметри на тревнатото ќоше од тротоарот. Фантастична и чиста борба на тимските колеги на GasGas до последните (санти)метри следени од одличниот Tatsuki Suzuki на Honda. Тројцата влегоа во целта скоро изедначени во фотофиниш. Разлика од првиот до третиот +0.012!!! Двајцата Дениси паднаа од водечките позиции што беше особено трагично за домашниот возач Foggia кој тешко го поднесе опасниот пад и се врати во гаражата со солзи, додека пол ситерот Турчинот Oncu успеа по падот да се врати на моторот и да освои еден бод на крајот. 

Следната станица е Барселона која спремна ги пречекува сите фанови на MotoGP за уште една лудница на патеката и трибините. 

Back To Top