Тимскиот менаџер на Suzuki, Давиде Бривио, тврди дека новиот уред на мотоциклот на Ducati има врска со аеродинамиката. Вели дека Suzuki поднесе жалба со цел засекогаш да се реши проблемот.

Suzuki ги објасни причините зошто поднеле жалба против употребата на новиот уред кој може да се најде на мотоциклот на Ducati.

Во моментов се уште се разгледува победата на Андреа Довициозо на првата трка од сезоната која се возеше во Катар, откако четири фабрики, Honda, Suzuki, KTM и Aprilia, поднесоа жалба поради уредот кој е закачен на вилушките на GP19 мотоциклите со кои настапија Довициозо, Данило Петручи и Џек Милер.

Жалбата која беше поднесена веднаш после трката беше одбиена од страна на стјуардите но целата работа не заврши таму. Четирите фабрички тимови потоа повторно доставија жалба и сега целата работа е префрлена на Апелацискиот суд кој е задолжен за MotoGP. Целиот проблем настана откако на 2-ри март до тимовите беше испратен документ со кој се дозволуваат додатоци на мотоциклот само доколку тие не ја подобруваат аеродинамиката. Во моментов, тој документ се уште не е објавен во јавноста.

Suzuki Protest Txt 2 15 03

Од Ducati велат дека уредот има за цел да ја лади задната гума а тоа го потврди и спортскиот директор на тимот, Паоло Чиабати.

Но, останатите се сомневаат во ова тврдење. Давиде Бривио, шефот на Suzuki смета дека додатокот е во спротивност на правилата. Пред трката тој разговараше со преставниците на Ducati и им порача дека ќе поднесе жалба доколку додатокот се користи за време на трката.

„Минатата година, имавме состанок со сите производители кои се дел од MotoGP. Разговаравме за аеродинамиката и се договоривме да поставиме еден вид на ограничување со цел да не се зголемат трошоците за истражување и развој на аеродинамиката“, се наведува во соопштението кое го испрати Бривио.

„Оваа одлука наложува секој тим да има еден сет на аеродинамична каросерија пред да почне шампионатот. Во текот на сезоната е дозволена само една промена. Исто така беше наведено и дека мотоциклот не смее да има никакви додатоци кои ја подобруваат аеродинамиката.“

„Пред неколку недели, Ducati го престави овој уред за кој тврдеа дека единствената цел му е да ја лади задната гума. Техничкиот директор ги прифати овие додатоци и испрати нов правилник во однос на техничките регулации.“

„Инжинерите кои работат во сите четири фабрички екипи сметаат дека додатокот има врска со аеродинамиката, ја подобрува брзината и поради тоа се во спротивност на правилата.“

Suzuki Protest Txt 1 15 03

„Побаравме состанок со техничкиот директор за да добиеме објаснување во врска со ова. Не бевме задоволни од одговорот кој го добивме. Потоа имав оделен состанок со првите луѓе на Ducati за да го изразам моето незадоволство од тоа што си поигруваат со правилата и им соопштив дека ќе поднесам жалба доколку продолжат да ги користат додатоците.“

„Но и покрај разговорот, тие ги употребија додатоците. Жалбата ја поднесовме со цел еднаш и засекогаш да се реши проблемот.“

Сепак, извори блиски на тимовите велат дека никој не верува дека жалбата ќе го промени резултатот. Жалбата е направена за да се разјасни дали тимовите во иднина ќе можат слободно да работат во однос на развојот на овој одел.

Како што изјави Бривио: „Сега очекуваме јасен став од FIM, техничкиот директор и сите кои се дел од серијата. Со жалбата сакаме да се разјаснат правилата и насоките. Како што кажав и претходно, тоа е единствената цел на жалбата која ја поднесовме. Да се објасни што можеме а што не можеме да правиме.“

Back To Top