Алекс Ринс беше најконзистентниот возач за време на последниот ден од тестовите во Сепанг.  Вели дека Suzuki е подготвен да победи на неколку трки во 2019 година.

Откако помина три исполнети со тестови денови на патеката во Сепанг, Алекс Ринс вели дека тој и неговиот тим, Suzuki, се подготвени да постигнат неколку победи во новата сезона. Шпанецот беше еден од најдобрите возачи за време на тестовите во Малезија, а брзината која ја постигна во петокот беше поздравена и од неговите ривали.

Ринс можеби ги заврши три дневните тестови на дванаесетото место, но ниту еден возач не извозе побрзо од него за време на последниот ден од тестирањата.

„Ова беше едно позитивно чувство“, изјави Ринс кој на последниот ден ја испроба новата шасија која ќе ја има GSX-RR.

„Малку го подобривме мотоциклот и целокупниот пакет сега е многу подобар. Но, треба да продолжиме да работиме. Бидејќи тука немавме доволно време, во Катар ќе треба да испробаме и други работи. Во секој случај, шампионатот ќе биде навистина интересен и многу возачи ќе се борат за првото место. Ајде да видиме што ќе се случи. “

„За тестот во Катар, инжинерите ќе треба да ги анализираат податоците кои ги собравме во овие три дена.  Многу кругови завршивме со време помало од 2 минути и тоа е навистина добро. Сега треба да ги анализираат податоците за да откријат нешто ново. Во моментов сум навистина среќен.“

Alex Rins Suzuki Txt 11 02

„Имавме многу позитивни тестови и испробавме многу работи. Мислам дека основата е малку подобра во споредба со минатата година. Во Катар ќе треба да потврдиме дали е тоа така. Но, се движиме по добар правец.“

„Со оглед на топлото време кое го имавме во текот на ови три дена, постигнавме добар резултат. Бевме конзистентни. Смирен сум бидејќи верувам во нашиот проект, нашиот мотоцикл и целиот тим работи навистина напорно. “

Дали е загрижен поради брзината на Ducati бидејќи нивните возачи ги зазедоа првите четири позиции? „Не, бидејќи на трката работите ќе бидат поинакви. Ducati се секогаш брзи но ќе видиме што ќе се случи.“

Неодамна Ринс ги отфрли наводите дека би можел да се бори за титулата. Наместо тоа, вели дека треба да се оди чекор по чекор.После ови три дена, дали верува дека може да стигне до победа на некоја од трките?

„Да се победи на една трка воопшто не е лесно но мислам дека мотоциклот е подготвен и можеме да изненадиме во текот на сезоната.“

Back To Top