По долга борба со коронавирусот, почина Фаусто Гресини.

Откако два месеци беше хоспитализиран во болница, поради компликации предизвикани од Ковид 19, почина Фаусто Гресини, соопшти неговиот тим. 60 годишниот Италијанец кој се разболе во декември, поради респираторни проблеми на 30-ти истиот месец беше примен во болницата во Болоња.

Првично тој се наоѓаше во кома но потоа малку по малу неговата состојба се подобруваше. Иако постојано му беше потребен респиратор, од тимот соопштија дека тој бил свесен и можел да разговара со неговата фамилија.

Сепак, за брзо време се појавија компликации и неговата состојба нагло се влоши.

Неодамна беше соопштено дека се наоѓа во критична состојба а се појавија и информации дека тој починал во понеделникот навечер. Набргу после тоа ваквите информации беа демантирани од страна на неговиот менаџер и фамилија.

Fausto Gresini txt 24 02

Во вторникот наутро беше издадено следново соопштение:

„Веста која никогаш не сакавме да ја соопштиме, но која за жал мораме да ја споделиме со сите вас. После речиси два месеци борба со Ковид 19, Фаусто Гресини за жал почина само неколку дена откако наполни 60 години. Сите кои се дел од тимот се заедно со неговото семејство и им изразуваме сочуство на неговата сопруга Надиа и неговите четири деца, Лоренцо, Лука, Алис и Агнес. “

После 12 години кариера како Гран При возач, кој ги помина во класата од 125cc, Гресини премина во тимскиот менаџмент во 1997 година.

Неговиот тим освои три титули во помалите класи, во 1997 година заедно со Даихиро Като ја освои титулата во класата од 250cc, во 2010 година стана шампион во Moto2 со Тони Елијас а во 2018 година, во Moto3 победи со Хорхе Мартин. Покрај ова, неколку победи со сателитскиот тим на Honda MotoGP постигнаа Сет Жиберно (8), Марко Меландри (5) и Тони Елијас (1).

Секогаш близок со своите возачи, Гресини се соочи со големи загуби во својата кариера. Во 2003 година почина Даихиро Като а во 2011-та, Марко Симончели. И двајцата возачи ги загубија животите додека ги носеа боите на Гресини.

Back To Top