Марк Маркез имаше одлична трка во Германија и сигурно чекори кон освојување на нова титула.
Марк Маркез имаше уште еден одличен настап во Германија и ја продолжи борбата за титулата. Неговите двајца ривали, Фабио Куартараро и Алекс Ринс не успеаа да ја завршат трката во Заксенринг.
Маркез имаше одличен старт и уште од самиот почеток на трката направи удобна предност во однос на своите ривали. Тој успеа да постигне и нов рекорд на патеката кој сега изнесува 1 минута 21.228 секунди. За Шпанецот ова беше десета трка по ред во Германија како успева да ја освои пол позицијата и да стигне до победа. Со овој резултат, разликата во однос на Андреа Довициозо е зголемена на 58 поени.
Борбата за победа му ја олесни излетувањето на двајцата главни конкуренти. Куартараро беше првиот кој заврши надвор од патеката и ова за него беше прв пад оваа сезона. Возачот на Petronas Yamaha трката ја заврши уште во вториот круг. Алекс Ринс, кој го презеде второто место, се обиде да го стигне Маркез но сепак излета надвор од патеката во деветнаесетиот круг.

Мавери Вињалес се најде на второто место но тогаш веќе Маркез имаше удобна предност. На крајот тој успеа да го изедначи рекордот на Валентино Роси од 10 победи по ред на една иста патека. На Италијанецот тоа му успеа во Муџело.
Возачот на Monster Yamaha постојано беше следен од Кал Кратчлоу но сепак на крајот успеа да се одбрани од нападите на возачот на LCR Honda.
Кратчлоу трката ја заврши на третото место но имаше интересна борба за четвртата позиција помеѓу возачите кои настапуваат со мотоцикл на Ducati. Најуспешен беше Данило Петручи а веднаш зад него беше неговиот тимски колега Андреа Довициозо. Џек Милер на крајот мораше да се задоволи со шестото место.

Дебитантот Јоан Мир беше седми а Валентино Роси заврши на осмата позиција. Возачот на Petronas Yamaha; Франко Морбидели беше девети а Стефан Брадл, кој беше замена за повредениот Хорхе Лоренцо, ги заокружи првите десет позиции.
Тито Рабат имаше добар настап. Иако стартуваше од последното место, на крајот успеа да се најде на единаесетата позиција. Зад него беше Пол Еспаргаро од Red Bull KTM. Двајцата возачи имаа среќа откако Алеш Еспаргаро на два круга до крајот на трката излета надвор од патеката. Ова им овозможи да се искачат една позиција погоре.
Андреа Ианоне заврши на тринаесетата позиција а веднаш зад него беа Такааки Накагами и Карел Абрахам, кој го освои последното место кое носи поени.
Хафиз Сиахрин не успеа да освои поени но сепак се најде пред Франческо Бањаиа. Мигел Оливеира се најде на последното место, иако на почетокот на трката излета надвор од патеката. Јохан Зарко не ја заврши трката.

Коментари