Многу нешта се случуваа овој викенд на, веројатно, најлудата патека во првенството.

championship web aus 0.big

Дали би ни пречело да имаме 22 трки токму на патеката во Австралија? Веројатно не, ако на тоа ја додадеме и патеката во Портимао, првенството би личело на вистинска адреналинска забава во која не би имале ни минута одмор додека ги гледаме најбрзите како ги фрлаат мотоциклите од свиок во свиок. Еве од нас би ги додале и Laguna Seca и Mugelo…но светот не функционира така. Можеби е и вистинска причина зошто оваа трка беше една од највозбудливите сезонава и фактот што имаше пауза од 2 сезони, како и дополнителната возбуда од фактот што влегуваме во финалето на сезоната и се решаваат титулите. Една титула се реши, а за освојување на титулите во остантите 2 класи ќе се води битка на последните 2 патеки.

MotoGP 

Се верува дека лебедот пред да умре ја пее најубавата песна, за што се користи терминот Swansong. Можеби ова е најточната аналогија за постигнувањето на Suzuki на оваа трка. И веројатно ќе имаше многу повеќе победи сезонава ако не беше донесена одлуката за повелкување од шампионатот и гаснење на тимот кој важи за еден од најпозитивните во падокот. На крајот на краиштата конечно добија и помоќен мотор како дополнување на одличната шасија и најдобрата агилност во свиоците. Токму овие карактеристики најдобро ги искористи Alex Rins кој успеа да победи по четврти пат со синиот GSX-RR и стана најуспешен возач на тимот од Hamamatsu по нивното последно враќање во MotoGP во 2014 година. По една победа имаат Maverick Vinales и шампионот од 2020 година Joan Mir. Иако техничкиот дел доаѓа од Јапонија, тимот е генерално европски со седиште во Италија. И ако можеше да освои титула во онаа чудна сезона која започна многу подоцна заради пандемијата, сега по дополнителното влошување на економската клима заради оваа луда војна во Украина, веројатно им дојде премногу на бордот во Јапонија кој реши да го угасне проектот. Причините за повлекувањето дополнително се бараа и во слабите продажни резултати во класата на спортски мотори, кои треба да се индикатор зад логиката на вложување средства во MotoGP. Но генерално таа класа е во криза и сите производители го знаат тоа, затоа што едноставно купците мигрираа во класата Adventure. Ионака ова е првенство на прототипи, а не на продукциски мотори. За тоа служи WSBK кој е во голем процвет заради достапноста и одличните битки кои се одвиваат буквално на секоја трка. На крајот на краиштата и F1 нема ама буквално никаква поврзаност со патничките возила на производителтите кои се наптреваруваат во планетарно најпопуларниот автомото спорт. 

Токму последниот успех веројатно може да ги боли најмногу Јапонците кои биле одговорни за одлуката за повлекување. Нејсе. 

Rins уште еднаш го победи Marc Marquez во директен дуел по оној во Силверстоун во , и e еден од ретките што го направил тоа во нормални услови. Затоа и на крајот 8 кратниот шампион одговори полу сериозно, полу на шега дека нема да му посака многу успех за следната сезона кога ќе возат исти мотоцикли. Како што искрено кажа, тој е само уште еден противник на патеката и би било лицемерно да му поскаува успех, кога всушност ќе вози против него во борбата за освојување на титулата. Друго е прашањето колку всушност ќе му одговара Honda-та на помладиот Шпанец. Неговиот уникатен стил на возење со прилично исправената позиција на седење, најсличен на покојниот Norick Abe, и мазниот стил на возење кој го бара Suzuki, можеби ќе му биде пречка. А можеби и ќе има среќа, ако Honda се движи во тој правец на развој за следната сезона. Ќе видиме.

Ако неговата победа од 10 стартна позиција е за пофалба, тогаш мораме да го пофалиме и второпласираниот Marquez кој беше постојано во комбинација за место на подиумот, иако тврдоглаво и контра советите на Јапонците одбра да вози со мека задна гума, одлука која беше единствена на целиот грид. Причините за ваквата одлука кај сите остантие беа, стравот од трошење на пневматикот пред крајот на трката заради побрзите мотори, но и заради фактот што за 3 години многу работи се сменети кај моторите и генерално во начинот на тркање. Но ете Marc покажа уште еднаш зошто е Marc и си ја послуша интуицијата и искуството и успеа да заврши со само 0.186 секунди зад првиот! Ова беше и јубилејен 100-ти подиум на Шпанецот кој го прослави прилично бурно со неговиот тим и публиката. Причината е јасна. Ова е конечно старо новиот Marquez. Физички можеби на 80% од она што беше некогаш, но од друга страна пак ментално веројатно на 102,5% (што би рекол покојни Амди). Ја потврди довербата од неговиот тим, и си потврди себеси дека направи исправна одлука што се повелече на сред сезона за финалната операција. И така. По последното отворање на раката, сечење на коската, ротација од 33-34 степени во нормалната позиција, повторно одмарање, вежбање по 4-5 часа дневно и за 4 месеци оп на подиум! Лесно нели? Ако може вака да вози сега, со моторот кој во рацете на останатите возачи на Honda е резервиран за последното место во конструкторскиот шампионат, тогаш нека му ја мислат останатите возачи кога ќе го средат уште подобро моторот и Marc ќе се врати од зимскиот одмор…

Чекај чекај, а што е со кандидатите за освојување на титулата?

Тие си ги имаат внатрешните демони и нешто помалку конкурентите мотори за занимација. И ако делуваше дека Fabio ќе се понуди некоја чудесна партија по која е познат, и што е всушност причината зошто воопшто е во борба за титулата, сепак инфериорниот мотор кој е најмалку развиен во последните некололку години во однос на целиот грид, си го направија своето. Едноставно притисокот е преголем кога знаете дека немате баш вистинско оружје за рамноправна борба на патеката. Ова не го кажуваме за да ја опревдаме слабата форма во која се наоѓа актуелниот шампион, туку едноставно во првите 8 се најдоа дури 6 мотори на Ducati, додека првата Yamaha заврши на 13-тото место во рацете на одличниот Cal Crutchlow. На претходниот трки овој скор беше и полош…

Дури ни Aprilia која важеше за фаворит на оваа патека не успеа да им одолее на моќта на нивните комшиски мотори. Сепак Aprilia дојде на оваа патека со скоро никакви претходни податоци затоа што мотоциклот од 2019-тата година и овој немаат допирни точки, па на крај веројатно е и максимумот 9-тата позиција на Aleix Espargaro, но загрижува очајното 17-то место на Vinales.Секако и ова е последица на недостатокот на доволно информации за сетап, па така се приметуваше огромно пролизгување на задното тркало при додавање на гас кај помладиот Шпанец, дури и на правците.

Со овој резултат третиот аспирант за титула го зголеми заостатокот зад првиот во генералниот пласман на скоро недостижни 27 бода. И така дојдовме до новиот лидер во поредокот, Pecco Bagnaia, кој извозе врвно и неколку круга пред крајот беше и лидер на трката, но се реши за сигурно трето место, во однос на обид за победа и потенцијална уште една изгубена трка затоа што останатите двајца на подиумот нема ама баш никаков залог за да не ризикуваат. Едноставно немаа што да изгубат. Pecco го изјави ова на крај од трката, признавајќи дека откако видел дека Fabio е надвор од трка се решил за посигурната варијанта. Ова му донесе покрај психолошка и бодовна предност од 14 бода пред Французинот на 2 трки до крај. Простор за радост има особено ако се знае дека следните две патеки во минатото одговараа на Ducati, посебно Малезија со долгите правци, но 50 бода од 2 победи се во игра и нема место за опуштање. Секако Pecco заврши како најдобро пласирано Ducati пред Marco Bezzecchi кој воедно ја освои титулата за најдобар дебитант, но и можеше да се насети резервираноста во однос на евентуален напад на неговиот колега и личен пријател Bagnaia. Можеби ќе можеше и да го претекне, но постариот Италијан секако возеше одлично и нема да дознаеме дали навистина имаше помош од помладиот колега. Секако делуваше дека нема да му помогне клубскиот колега Miller кој во еден момент го нападна и му ја презема позицијата пред да попушти и да се реши на варијанта чување пневматици за финалето на трката. Тоа финале не дојде на крајот, благодарение на Alex Marquez кој се прецени во свиокот кој го носи токму името Miller Corner (ден претходно свиок Honda) и се обиде опортунистички да го претекне Luca Marini кој во моментот се наоѓаше меѓу двајцата, со едно (пре)касно сопирање по што се заби точно во грбот на Австралиецот носејќи го надвор од патеката. Сосема непромислена, скоро аматерска грешка.

a65i1382 0 0.video list big 3x

Не помогнаа извинувањата на Шпанецот веднаш штом стана од тревата, признавајќи дека направи катастрофална грешка, а Австралиецот може единствено да се радува што не помина со некои потешки повреди од судирот, и ќе си ја чека следната можност за победа на домашната патека на која победи своевремено во најмалата класа во 2014 година, во сезоната во која токму Alex стана шампион со само 2 бода предност пред Jack. Miller имаше разбирање за грешката на Шпанецот, затоа што и самиот има направено грешки во минатото, од кои и сезонава во Портимао кога го “собра” Mir борејќи се за второто место…

Инаку зад Marco, во последниот круг успеа да се протне и Enea Bastianini кој стартувајќи од 15-тата позиција покажа исклучително високо темпо особено во финишот. Повторно, тоа е негов препознатлив стил, но и стилот на Rossi (иронично само Enea не е во академијата на Rossi), и генерално рецепт за освојување на победи и титули. Ако знаеме и дека му се активирало воздушното перниче во неговиот комбинезон уште во вториот круг, тогаш е можеби изгубена дури и победата. Навистина ќе биде интересна следната сезона, особено по поголемото искуство кое го има Бештија.

Зад него уште една солидна трка на Mairini кој сепак заврши зад колегата Bezz и тоа со поновата машина. Ќе мора покрај одличните анализи кои ги прави и зрелоста која ја покажува во приодот на трките, да почне да покажува и подобри резултати, за да се тргне од (огромната) сенка на неговиот постар полубрат.

Martin тонеше надолу по одличните први кругови и битките со најдобрите. Сепак од пол позиција до 8 позиција на крајот не е резултат за радост и ќе треба да поработи повеќе на планирање на трка ако сака да ги убеди шефовите на Ducati дека погрешиле што не го одбраа во фабричкиот тим за 2023-тата.

Пред Espargaro заврши Zarco кој имаше една тивка трка во која беше скоро невидлив, но сепак му донесе бодови на својот тим.

Brad Binder ги заокружи првите 10 со заостанување од само 6 десетинки зад првиот што уште еднаш ни покажува колку беа блиски борбите за најдборите позиции.

Продолжуваме во Малезија и тоа следниот викенд за да видиме дали ќе се реши борбата за титула, или повторно бодовно ќе се доближат фаворитите.

Moto2

Ова е втората класа во која сеуште се решава борбата за титула, пред се благодарение на падот на фаворитот Augusto Fernandez и слабиот резултат на Ai Ogura. Првиот падна под притисок на високото темпо на клубскиот колега Acosta, кој се чини ќе биде најголем кандидат за титула за следната сезона и вози се подобро како одминува оваа сезона. Сепак момчето кој минатата година како дебитант освои титула, имаше потреба од пола година за да сфати како функционираат помоќните мотори во Moto2 и ќе беше вистинска штета да отидеше директно во најмоќната класа. Едноставно ова е природниот процес и ќе влезе многу поподготвен во MotoGP, веројатно уште во 2024-та.

А Fernandez наместо да размислува за титулата се чини повеќе размислуваше за Acosta. Му благодариме затоа што ја остави борбата за титула сеуште жива со разликата од само 3.5 бода во корист на Јапонецот кој мака мачеше со слабиот грип и заврши како 11-ти благодарение на падовите на конкурентите. Ова е веројанто и најслабото негово издание. Да се надеваме дека ќе покаже подобра форма во останатите трки и дека ќе ја однесе борбата до финалната трка во Валенсија. 

Пред да продолжиме понатаму со резултатите, да споменеме и дека се случи еден инцидент кој можеше да помине и многу полошо кога во еден момент по падот на Jorge Navarro на кој наиде Simone Corsi и неможејќи да го избегне го прегази со моторот, Шпанецот остана беспомошно да седи точно на еден метар од свиокот на кој поминуваат останатите возачи во полна трка. Додека еден редар буквално со тело го заштитуваше повредениот возач, друг се обидуваше да повика помош. Ова траеше дури 2 круг пред конечно да го повлечат на носилки. Дирекцијата на трката мораше да ја прекине трката во ваков случај! Навистина незамисливо, особено ако се знае колку млади животи се изгубени само во рок од претходните 2 недели! Инаку Navarro е со скршеница на надколеницата, но она што загрижува е обилното внатрешно крварење заради повреда на артерија. Се надеваме на брзо опоравување.

Инаку на оваа трка недофатлив беше Alonso Lopez кој на го испушти водството од првиот до последниот круг, дури ни кога ја отслужи казната долг круг! Одллична форма за момчето кое дојде како замена за неубедливиот Romano Fenati. Немаше ни да дознаеме каков талент е доколку не му ја покажеа врата на Италијанот. Подиумот го дополнија Acosta и се подобриот Dixon.

Moto3

Има ли подобар начин да се освои и прослави титулата од победа во трка? Титула е титула, и може да се освои и со една победа (прашајте го Joan Mir), но уште е послатко ако ја прославите со победа на трката по која останатиете немаат ни математичка шанса за предизвикување. Токму тоа го направи одличниот Izan Guevara и наместо да тактизира, опуштено напаѓаше и пукаше од сите оружја за да слави пред Турчинот Oncu кој повторно возеше хаотично со неколку инциденти, и најголемиот конкурент и клубски колега Garcia кој ќе треба да се помири со уште една вице шампионска сезона. 18-годишниот Шпанец е новиот шампион во Moto3 и мирно ќе може да продолжи да вози во повисоката класа во истиот тим Aspar Gas Gas со кој ја освои оваа титула.

Патот во шампионатот го водеше од првата победа која ја освои во Америка во 2021-та година, која ја доби на необичен начин, во трката исполета со инциденти кога по првиот прекин во моментите кога водеше ја имаше првата можност. По продолжените во моментите на водство му попушти задната суспензија и додека се повлекуваше во боксот настана еден карамбол на друг крај од патеката. За негова среќа, но несреќа на неколку возачи кои учествуваа во тој страшен инцидент, следеше прекин и прогласување на победник за возачот кој водел во последниот извозен круг, односно младиот Шпанец. Така ја дочека веста за победата плачејќи по изгубената шанса. Никогаш не треба да се жали за минатото. Минатото е минато, а иднината е и дури како светла за ова момче.

Back To Top