Новите возачи на MotoGP тимот на Suzuki, Андреа Јанон и Алекс Ринс го претставија 2017 GSX-RR

Новите возачи на Suzuki MotoGP, Андреа Јанон и дебитантот Алекс Ринс , во неделата на патеката во Сепанг го претставија моделот за новата сезона, 2017 GSX-RR.

Откако си замина главниот возач, Маверик Вињалес, компанијата одлучи да го рестартира својот MotoGP проект.

suzuki rr 1

Вињалес, кој заврши на четвртото место во генералниот пласман минатата сезона, на тимот му ја донесе првата MotoGP  победа по 2007 година. Сепак, од следната сезона, тој ќе настапува за неколкукратниот шампион, Yamaha.

Suzuki не чекаше долго и потпиша договор со Андреа Јанон кога стана јасно дека италијанецот ќе го напушти Ducati за да се ослободи место за Хорхе Лоренцо. Минатата сезона Јанон  исто така ја оствари својата прва MotoGP победа на патеката во Австрија која беше и прва победа за Ducati по 2010 година.

„Навистина сум среќен што ја започнувам оваа нова авантура,“ изјави Јанон. „Suzuki за мене отсекогаш биле дел од светот на трките и се надевам дека ќе ја добијам наклонетоста на фановите исто како што направиле и поранешните, фантастични, возачи кои се дел од историјата на овој тим.Престојната сезона е голем предизвик но истовремено и голема мотивација за мене.“

„Со нетрпение чекам да му вратам на Suzuki за целиот интерес и посветеност што ја покажаа кон мене. Ќе дадам се од себе во новата сезона и ќе се обидам да ги постигнам најдобрите резултати за тимот.“

На Moto2 ѕвездата, Алекс Ринс, се гледа како на возач кој во иднина би можел да биде наследник на Маверик Вињалес.

За разлика од Јанон кој го имаше својот прв настап на патеката во Валенсија, Ринс имаше повреда и мораше да го пропушти тестот.

„Главната цел на секој возач е да стигне до MotoGP бидејќи тоа е врвот на мото трките,“ изјави Ринс.

„Тимот е неверојатен и ми дадоа поддршка уште од првиот момент. Мотоциклот исто така е фантастичен и сум многу задоволен, мотивиран и благодарен на Suzuki што веруваат во мене.Ова ќе биде фантастична година во која ќе научиме многу еден за друг и тоа е нашата главна цел уште од самиот почеток.“

„Несреќата во Валенсија ни ги расипа плановите но работиме напорно за да се вратиме на вистинскиот пат. Со нетрпение чекам да настапам со GSX-RR.“

Технички, новиот мотоцикл е опишан како еволуција на веќе одличната машина од минатата сезона. Промени има кај моторот, шасијата и електрониката. Поради четирите места на подиумот кои ги освои Вињалес, тимот следната сезона ќе може да направи помалку промени на моторот, ќе има помалку приватни тестирања и нема да може да го развива моторот во текот на сезоната.

Исто како и кај останатите фабрички тимови и Suzuki се уште до крај не го довршил изгледот на моделот за сезоната 2017. Официјалниот тест во Сепанг ќе се оддржи утре.

Back To Top