„Патеката е многу тесна па затоа борбата меѓу возачите ќе биде жестока“ – Алекс Ринс.
Алекс Ринс, најновиот победник на една MotoGP трка, очекува жестока борба меѓу возачите на неговата домашна трка во Херез која се вози овој викенд. Возачот на Suzuki, кој стигна до својата прва победа на трката во Остин, во моментов се наоѓа на третото место во генералниот пласман и заостанува само пет поени во однос на лидерот Андреа Довициозо.
Но, доколку броењето на поените започне од трката во Мотеги која се возеше минатиот октомври, тогаш Ринс би бил на првото место со освоени 116 поени а веднаш зад него би биле Довициозо со 105 и Маркез со 95 поени.
Во однос на трката која се вози овој викенд, новиот асфалт на делови од патеката засега преставува непознат дел за возачите но Ринс е убеден дека неговиот GSX-RR повторно може да биде компетитивен.
„Мислам дека Херез може да биде добра патека за нас. Одговара на карактеристиките на нашиот мотоцикл. Има делови каде што посилно треба да се притисне на сопирачката и затоа треба да го имаме најдобриот сетап на мотоциклот.“
„Среќен сум што ќе одам во Херез и што конечно почнаа Европските трки. Тие се многу поинакви од претходните. Катар, Аргентина и Тексас се уникатни патеки и мора да им се пристапи на специфичен начин. Ќе мораме да бидеме конзистентни и да се држиме до правецот кој го имаме поставено. “
„Исто така и патеката е многу тесна па затоа борбата меѓу возачите ќе биде жестока. Но, среќен сум што ќе возам пред домашните фанови.“
Ова исто така значи и дека тимот ќе треба да посвети големо внимание на брзината за време на квалификациската сесија. Во досегашниот дел од шампионатот, Ринс нема стартувано ниту една трка повисоко од седмото место.

За неговиот тимски колега, Јоан Мир, трката во Херез исто така ќе биде прв настап пред домашна публика.Тој ќе се обиде да го повтори успехот кој го постигна на трката во Катар. На останатите две трки, Аргентина и Остин, Мир не успеа да освои поени.
„Едно нешто е сигурно. Не можам да дочекам да почнат подготовките за трката. Сакам да заборавам на лошите спомени од трката во Остин каде што направив мала грешка, но тоа сепак на крајот ме чинеше многу. “
„Сепак, убеден сум дека на следните трки можеме да имаме напредок бидејќи веќе докажавме дека можеме да се носиме со другите тимови. Имаме потенцијал да постигнеме добар резултат на трките кои се пред нас. Покрај ова, ќе биде интересно да се вратам во Шпанја и да ги видам моите фанови. “
Во однос на техничката страна, шефот на тимот на Мир, Френки Карчеди, предупреди дека патеката може да биде опасна.
„Херез е опасна патека и ако имате проблеми со сетапот тоа веднаш ќе се забележи“ , вели Карчеди. „Поради оваа причина, патеката е важна за сите производители. Тука можете да видите колку е добар вашиот сетап.“
„Генерално гледано, ако вашиот мотоцикл е добар на оваа патека, тогаш ќе имате добра година. Ова е интересна патека која има многу брзи свиоци, кои обично се добри за нашиот мотоцикл.“
Во шампионатот на конструкторите, досега Suzuki има освоено 49 поени и ова е најдобриот старт за тимот уште од 2000 година кога Кени Робертс Помладиот ја освои титулата.
Слободниот тренинг започнува во петок наутро.

Коментари