Вакви мали временски разлики меѓу постигнатите времиња по круг, во последната предсезонска тест сесија, е до сега незапамтено!  

20 fabio quartararo 72 marco bezzecchi

Повторно со доза на резерва заради, како што наведовме и во претходната статија, условите под кои генерално се постигнуваат резултатите, но набиениот редослед во кој скоро 20 возачи се наоѓаат во една секунда, гарантира неверојатно интересна сезона. Можеби една од најинтересните до сега. Секако дека и досега секоја трка во MotoGP не остава скоро никого рамнодушен, особено ако се следат сите викенд сесии почнувајќи од Moto3, па преку Moto2 и се до кралската класа (како што впрочем Бог го замислил MotoGP викендот).

Тогаш што би било поразлично сега, особено ако се знае дека според просекот земен од сите извозени кругови во последниот тест викенд повторно познато име излегува на врвот?

Ќе се обидеме да објасниме токму според ова рангирање кое што вреди повеќе од само еден брз круг.

  1. Fabio Quartararo со најдобар просек повторно на врвот? На тестирањето сигурно, но дали и на крај од шампионатот по извозени 21 трка, останува да видиме. По изјавите дека постојано вози на “нож” за да може да вози високо темпо, покажува дека можеби ова што го гледаме е навистина најдоброто од комбинација Fabio-Yamaha. Ако се земе ова предвид и не баш за фалење, нели? Дополнително загрижува и најниската максимална брзина на Yamaha. “Е добро де, и лани беше така!” Да, ама лани Fabio ги искористи расеаниот Ducati, кој започна да напаѓа со Zarco, па потоа со Martin, па со Miller, за да заврши со Pecco, неконкурентите Honda и Suzuki, изгубениот KTM и сеуште незрелата Aprilia. А и во неговиот табор реално немаше конкуренција. Оваа сезона работите изгледаат поинакви во секој од овие аспекти.
  2. Pol Espargaro е веројатно најголемото изненадување тука. По зимската пауза која ја помина возејќи крос мотори на земјени кружни патеки, пробувајќи да го прилагоди стилот кон пргавата RC213V ’21, сега наиде на “мачка” која сака повеќе да преде отколку да гребе. Наместо да пролизгува задното тркало при кочење, сега се однесува понеутрално што му овозможува да се потпре повеќе на сопирање со задната сопирачка, техника која му помага да ја совлада кривината пофлуидно, наместо да влезе само на предното тркало до средината на свиокот и потоа да забрзе нагло како Marc. Оваа техника на управување со користење и на задната сопирачка, особено добро ја има совладено и Pecco со што почнаа победите на Ducati, моторот кој претходно работеше слично како ланската Honda. Од таму е и доброто време на Pol. Конечно го вози моторот природно, според неговиот стил.
  3. Marc Marquez е повторно при врвот. Дали е зад Pol? Изјавата на Marc дека не сакал да троши енергија за постигнување на брзи кругови е малку застрашувачка. Во исто време со тоа кажува и дека рамото, а и општата физичка подготвеност не му се сеуште на 100%. Не е ни чудно ако се знае дека до пред 3 недели немаше седнато на мотор околу 3 месеци. Дали има доволно време да врати дел од кондицијата до почетокот на сезоната е нешто што ќе го видиме на првата трка во Катар за 3 недели. Многу тројки, забава за нумеролозите ☺.
  4. Takaaki Nakagami е веќе трет возач на Honda на врвот од поредокот!? Никој не спори дека симпатичнот Јапонец е брз, но ова е уште една потврда за навистина добро сработената домашна задача на HRC. Ќе видиме дали овојпат ќе успее да си ги смири пеперутките во стомакот кога ќе се најде во позиција да освои подиум.
  5. Alex Rins е повторно брз. Така беше и на ланските тестирања, па по освоената титула на неговиот колега Mir, најавуваше и сопствен напад на врвот. Знаеме како заврши сето тоа. Иако ја заврши минатата сезона зад неговиот тимски колега, реално се наоѓаше во позиција за освојување на високи пласмани на неколку трки, но истите не ги заврши заради сопствени грешки. Сè е во негови раце, па доколку оваа верзија на Suzuki GSX-RR понуди перформанси за борба во врвот, тогаш повторниот неуспех би донел и потенцијален отказ.
  6. Enea Bastianini е момчето кое импресионираше минатата сезона со дури 2 подиуми! Сега конечно на 2 години поновата верзија GP21 која му “легна” уште од првиот контакт, може да продолжи да ниже уште подобри резултати. Сигурно повторување на ланската сезона ќе му носи унапредување и промена на тим.
  7. Brad Binder е еден од оние возачи кои знаат да прогресираат во текот на трката, што е карактеристика на шампиони. Ако успее KTM да го унапреди новиот RC16 доволно за да му овоможи подобри карактеристики за еден брз квалификациски круг, тогаш можеме да очекуваме приклучување кон борбата за врвот.
  8. Aleix Espargaro е веќе ветеран во Aprilia во неговата 6-та сезона за италијанскиот тим. Сега ја гледа шансата за редовни посети на подиумот. Вреден работник и ентузијаст, но прашање е до кога ќе чека за конкуренет мотор. Конечно ќе ја дели гаражата со конкурентен возач, што е дополнителен мотив. Ќе видиме што ќе покаже потенцијалот на моторот во Катар.
  9. Joan Mir е мотивиран за враќање на врвот. Многумина не гледаат опасност во него заради единствената победа во неговата шампионска сезона, но оние кои ја следеа неговата кариера во пониските класи знаат кој е неговиот потенцијал. И минатата сезона некако помина под радарот, но освојување на 6 подиуми и трето место во генералниот пласман зад Fabio и Pecco е нешто што кажува многу за него. GSX-RR-от делува подобро од лани!
  10. Franco Morbidelli конечно фит и со соодветна машина под него може да покаже што знае. Дали ќе успее да ја повтори и подобри сезоната 2020-та, останува да видиме. На тест сесиите постојано напредуваше што е генерално негов стил, и се очекува да се вклучи во борбата за врвот. 
  11. Johann Zarco е еден од петте привилегирани кој ќе ја вози последната генерација на Ducati GP22. Тоа кажува се за тоа што се очекува и од него. Дали ќе го гледаме како го изведува познатото салто наназад, или ќе го испратиме на крајот од сезоната ќе дознаеме набрзо.
  12. Maverick Vinales возеше како препороден на тестирањата. Самодовербата е вратена и се очекува дополнително навикнување на моторот кој за првпат ќе го вози цела сезона. Има искуство во победување, но и во непредвидливиот темперамент. Сега како тазе родител можеби ќе ја видиме најдобрата верзија на Vinales.
  13. Jorge Martin е гладен за успех. Има и моќно оружје во форма на GP22 под него, па по првата сезона исполнета со се и сешто, од повреди до победи и пол позиции, е уште еден од оние кои целат на врвот.
  14. Francesco Bagnaia е веќе обележан како фаворит и сè пониско од тоа е рамно на катастрофа. Сепак Pecco е веќе во процес на продолжување на договорот со Ducati и е долгорочна инвестиција, па ќе биде растеретен од стресот на неизвесноста. Очекуваме само најдобро од него. Дури и Marc по ланските дуели го ослови како подобрена верзија на Dovizioso кој доследно му парираше на Шпанецот.
  15. Miguel Oliveira е стоматологот кој имаше одлична прва сезона и е веќе херој во родната Португалија. И тука резултатите ќе зависат од развојот на Австријците кои знаат да инвестираат многу во текот на сезоната и да ја свртат играта.
  16. Alex Marquez беше исто така задоволен од промените на моторот на Honda. Дали ќе ја повтори солидната сезона 2020-та останува на него. Неговите колеги се на врвот на поредокот на тестирањата.
  17. Luca Marini е уште едно изненадување од предсезонските тестирања. Или можеби и не е? Ако се земе предвид неговата висина и фактот што лани позицијата на моторот апсолутно не му одговараше, па дури и самиот се нарече дека е понапорен дури и од Lorenzo кога бара решение од неговите инженери. Ова ги објаснува одличните квалификации, но и слабите резултати во трка кога се црпи целата енергија додека се бори со моторот. Тоа беше и една од причините за неуспехот на Lorenzo. Сега италијаните конечно слушаат.
  18. Jack Miller ја игра играта на музички столици оваа сезона. Ducati се гледа како најголем фаворит. Нема оправдување, колку и да ни е симпатичен Австралиецот, добрите резултати му се неопходни.
  19. Raul Fernandez е најдобар од почетниците на последниот тест викенд. Брзината ја има, искуство ќе стекне и уште останува прашањето на темпераментот. Најдобро би било да учи трпеливо оваа сезона, но ако дозволува неговиот RC16 познавајќи го неговиот стил, може да блесне на неколку трки.
  20. Andrea Dovizioso се најде многу пониско од она што се очекува од него, но повеќе фактори се причина за тоа. Стилот со кој победуваше на Ducati треба што побрзо да го заборави и едноставно да извози што повеќе километри на новата M1. Резултатите се голем прашалник за оваа сезона, и веројатно одлучувачки за продолжување на кариерата.
  21. Fabio Di Giannantonio полека ги учи „цаките“ на големите мотори. Има тим во кој владее семејна атмосфера, има одличен мотор GP21 и може да ја искористи сезонава за усогласување и учење.
  22. Marco Bezzecchi е на истата машина како и Di Gia, па освен што е попргав од неговиот сонародник би требало да го помине првото одделение со солиден успех. Финтите ала Rossi веројатно ќе бидат присутни како потсетник за големиот учител и ментор.
  23. Remy Gardner е рековалесцентот кој имаше таква (не)среќа да го учи новиот мотор со повредена рака. Пукнатината на коската на зглобот на раката му правеше проблеми, но не заостануваше многу зад неговиот колега од Tech3 KTM. Кога ќе биде фит може да биде многу брз.
  24. Darryn Binder е на очекуваното последно место. Како единствен од поновата ера кој по Miller успеа да прескокне цела класа и да дојде директно во MotoGP, му претстои една сезона на учење и само учење...

Многу кандидати на врвот, но само еден може да го освои. Кој е Вашиот избор и Ваша проценка, или желба за освојување на титулата во MotoGP за сезоната 2022?

Back To Top

Благодарност!

Ви благодариме за тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт.