Бројките од Еропските извештаи за безбедност во сообраќајот говорат дека патиштата во земјава се далеку од безбедни, а Македонија е единствената во Европа каде што бројот на жртви од сообраќајни незгоди, од година на година наместо да се намалува, постојано се зголемува..
Според црната статистика за бројот на сообраќајки во кои учесници се возачите на мотоцикли, за 2012 има мал тренд на намалување, но тоа не треба да не охрабрува, туку напротив да не мотивира да ја зголемиме свеснота со цел бројот на несреќи да се сведе на минимум.
Да ја подигнеме свеста на другите учесници во сообраќајот
Поттикнати од незгодата која се случи на првиот сончев ден годинава на кој повеќето од нас започнаа со возење на моторите, започнуваме со кампања која има за цел да ја зголеми свесноста на останатите учесници во сообраќајот за мотоциклите.
Сликата во поголема резолуција може да се превземе со клик овде. Она што можете вие да го направите е да ја споделите со пријателите кои возат автомобили. Колку повеќе кружи сликата на социјалните мрежи, на веб порталите, весниците и сите други медиуми до кои можеме да допреме, толку е поголема веројатноста дека ќе му влезе во глава на некој возач на автомобил за кој нормална работа е да сврти полукружно на две полни ленти.
Следен чекор е организирање на возење низ Скопје, масовно, мирно и бучно, со цел да ја подигнеме свеста на останатите возачи. Идејата е возењето да се одржи кон крајот на месецов, секако доколку временските услови го дозволуваат тоа, а за датумот и местото дополнително ќе бидете известени.
Што велат бројките?
Во текот на 2012 година настрадале вкупно 423 мотоциклисти, од кои шест загинале, 109 се тешко повредени и 308 се телесно повредени. Исто така, во текот на годината настрадале и 100 сопатници од кои еден загинал, 18 се тешко повредени, а 81 полесно.
Статистиката за претходните години е следна:
Во текот на 2009 година настрадале 519 возачи на моторцикли (девет лица загинале, а 510 се повредени) и 129 патници на моторцикли (едно лице загинало а 128 се повредени). Во текот на 2010 година настрадале 456 возачи на моторцикли (11 лица загинале, а 445 се повредени) и 112 патници на моторцикли (едно лице загинало, а 111 се повредени) и во сообраќајните незгоди случени во текот на 2011 година настрадале 431 возач на моторцикли (11 лица загинале, а 420 се повредени), додека 95 патници на моторцикли се здобиле само со повреди.
Возачи | Загинати | Повредени | Вкупно |
2009 | 9 | 510 | 519 |
2010 | 11 | 445 | 456 |
2011 | 11 | 420 | 431 |
2012 | 6 | 417 | 423 |
Вкупно | 37 | 1792 |
Со-возачи | Загинати | Повредени | Вкупно |
2009 | 1 | 128 | 129 |
2010 | 1 | 111 | 112 |
2011 | 1 | 94 | 95 |
2012 | 1 | 99 | 100 |
Вкупно | 4 | 432 |
Што со неодговорните моторџии?
Секако дека сме сведоци и на многу моторџии кои ги користат булеварите за докажување на тркачките способности. Иако сме свесни дека немаме тркачка патека или друго место каде што може да се покаже потенцијалот и талентот, апсолутно ги осудуваме ваквите појави. Грешката чини живот, за дел од секундата се може да тргне наопаку, а единствен на кој ќе му биде важно дали сте поминале со 200 или 250 на „Партизанска“ ќе биде судскиот вештак.
Со цел да се зголеми свеста на возачите на мотоциклите за правилно возење во градски средини и носење на соодветна опрема, наскоро ќе подготвиме нови слики со пораки кои треба да допрат до оние кои лудуваат по нашите патишта.
Повеќе детали за проектот следуваат наскоро, а вие пред да ја навртите рачката за гас сетете се на бројките од табелите, носете опрема, возете внимателно, не бидете дел од статистиката.