За време на нашиот престој на патеката Мизано во Сан Марино имавме прилика да направиме и неколку ексклузивни интервјуа. Првото кое го објавуваме е она со возачот на Кавасаки тимот, Том Сајкс.

Возачот на Кавасаки по седум извозени рунди во генералниот пласман се наоѓа на третата позиција со заостанување од 8 бодови зад второпласираниот Џонатан Реа, и 46 зад водечкиот Макс Бијаџи. До сега во сезоната тој има забележано 6 пол позиции, 1 победа и 6 подиуми.

tom-sykes-3

Ајде да почнеме од почеток, да им доловиме на нашите читатели кој е Том Сајкс. Кога за прв пат започна да возиш, а потоа и да се тркаш?
- Започнав со тркање во 2000-та година, кога имав 14 години, но пред ова возев оф-роуд уште во времето кога имав 6-7 години. Инаку роден сум и растен во Британија, таму започнав со трките, најпрво во Британскиот Супербајк. Потоа следуваа две возења во Светскиот Супербајк шампионат во 2008-ма со две вајлд карти. Оттогаш се натпреварувам во ВСБК, за тимот на Кавасаки.

Имајќи во предвид дека Кавасаки е јапонски тим со шпански сопственик, каква е атмосферата во тимот?
- Одлична, атмосферата е прекрасна, се е релаксирано и сите си ја работат својата работа. Знаете, одлично е кога имате 6 пол позиции од 7 трки, резултатите навистина помагаат за атмосферата во тимот да биде на потребното ниво.

Засега ова е твојата најдобра сезона во кариерата, какво е чувството?
- Засега сум задоволен од резултатите и уверен сум дека имаме капацитет да застанеме на врвот. Нема да биде лесна работа, но знаеме каде сме, а тоа е навистина важно. Механичарите работат одлично и моторот е во прекрасна форма, имаме проблем единствено со температурата, па затоа на патеки како Солт Лејк Сити и Мизано имаме проблем да ја одржиме формата. Кога надворешната температура е висока, машината не може доволно долго да се носи со жештината па темпото за кусо време опаѓа. Сепак ќе повторам, знаеме каде е проблемот со моторот, и работиме напорно да го решиме тој дел, се останато е перфектно за што зборат и резултатите.

tom-sykes-1

Има многу шпекулации за твојата иднина во МотоГП, порано или покасно тоа и ќе се случи имајќи ги во предвид твоите резултати. Хипотетички да позборуваме, доколку добиеш понуда за следната сезона да настапиш во МотоГП, а истовремено дознаваш дека Кавасаки се враќа во шампионатот во 2014 и ќе имаш шанса да возиш за нив. Ќе останеш ли лојален на зелениот тим?
- Уф, тешко прашање.. знаете за мене не толку важно во кој шампионат возам, она што ми е важно е да уживам во она што го правам, а во моментов тоа е возењето Супербајк за Кавасаки. Секако дека би сакал да се обидам во МотоГП, и доколку добијам примамлива понуда не гледам зошто да не ја прифатам. Е сега во однос на тоа дали би чекал или би се префрлил веднаш... незнам :)

tom-sykes-2Имаш 26 години, наскоро ќе наполниш 27, уште колку години се гледаш во мото трките?
- Млад сум да размислувам за повлекување или нешто слично, има многу возачи кои се активни и по 40-та година, па додека не ги стигнам нив не ни помислувам на нешто такво. Всушност ќе возам мото трки се додека можам и додека ми е убаво.

Какви се односите помеѓу тебе и останатите возачи во Супербајк шампионатот? Минатата година бевме сведоци на неколку инциденти во кои беше вклучен Макс Бијаџи.
- Имам одлични односи со сите, знаете јас разговарам отворено со возачите. Немам проблем да направам муабет со било кој од нив, вклучувајќи го и Бијаџи. Ова посебно се однесува на оваа сезона кога Кавасаки направи одличен мотоцикл и сме на самиот врв, па така Макс е оној кој има проблем со тоа, но како што кажав разговарав со него и мислам дека засега немаме лични проблеми.

Кој е твојот омилен мото возач?
- Кога растев мои идоли беа Мик Дуан и Карл Фогерти, но во никој случај не би го заборавил Валентино Роси. За мене е несватливо како луѓето го забораваат веднаш и само затоа што има две лоши сезони го отпишуваат. Никој не смее да заборави кој е Валентино Роси и што се има направено, и мислам дека му треба само уште малку време да се навикне на новиот мотор, за повторно да покаже кој е кој.

Спомена дека уште како дете си возел крос, си размислувал ли да го промениш шампионатот?
- Не! Барем не за мотокрос, но да бидам искрен би пробал да возам нешто на четири тркала. За мене интересен е ДТМ шампионатот, но би возел и рели.

Каква е ситуацијата дома во Британија, имаш ли третман на ѕвезда?
- Нема да те лажам, кога сум на островот ретко, навистина ретко кој ме препознава. Луѓето не се толку многу заинтересирани за мото спортот. На пример доколку играв фудбал дури и во некоја споредна лига мислам дека ќе имав подобар третман отколку сега. Не се жалам на тоа, едноставно такви се работите во Англија.

Каков е твојот став во однос на безбедноста во мото спортот, веќе следната недела ќе стапнеш на лудиот камен, и во иднина сигурно ќе имаш принова. Дали ова ќе влијае на тебе и дали би им дозволил на своите деца да се занимаваат со мото спорт?
- Да така е, следната недела ќе се женам, а здравје во иднина кога ќе имам и деца мислам дека тоа нема да промени ништо во мојот став кон мото спортот. Трките знаат да бидат и опасна работа но никој не мисли на тоа додека вози. Искрено јас и би сакал да добијам момче кое ќе ја дели мојата страст кон мото трките. Такво е моето размислување сега, незнам, можеби ќе се промени тоа кога ќе имам деца, но засега сум со таков став.

tom-sykes-4

За крај, имаш ли некаква порака за возачите од Македонија?
- Само да им порачам да ги следат своите соништа. Ништо не е невозможно, и никогаш не треба да се откажуваат. Се сe може доколку навистина се сака, знам дека имаат многу пречки во однос на финансиската поддршка и техничките можности, но сепак, треба само напорно да работат и се ќе си дојде на свое место.

Присуството на патеката Мизано во Сан Марино за трката од Супербајк Шампионатот беше овозможено од Динамикс.

Back To Top