Традиционалното „Вепарско петочко гравче“ повторно ја собра мото заедницата на едно место, но овојпат со уште поубава причина. По повод Меѓународниот ден на семејството, Мото клуб Вепар од Скопје организираше afterwork дружба со мотори, музика, ладно пиво и гравче, во соработка со СОС Детско Село.
Настанот започна со мото дефиле, возење до Фонтана Парк па до клубот на МК Вепар, каде што моторџиите пристигнаа во колона и продолжија со дружење во опуштена, семејна атмосфера. Пораката беше едноставна, но силна: секое дете заслужува љубов, поддршка и сигурност.
„Семејството е моторот кој нè движи“ беше мотото со кое Вепар ја најави оваа дружба, а според реакциите на присутните, настанот беше одлично организиран и уште подобро реализиран.
Погледнете дел од атмосферата од дефилето:
▶ Погледни го видеото на FacebookПосебна благодарност беше упатена и до МВР, кои го обезбедија дефилето со мотори и овозможија колоната безбедно да помине низ градот. Дел од моторџиите јавно се извинија и до возачите на автомобили за краткото запирање на сообраќајот, но како што напиша еден од присутните: „Малку е потребно за насмевка!“

На настанот присуствуваа и деца од СОС Детско Село, претставници од ПО за СЕО, како и голем број моторџии кои уште еднаш покажаа дека мото заедницата знае да биде гласна, но и голема кога треба да се вози со срце.
Браво за МК Вепар, за СОС Детско Село, за МВР и за сите моторџии кои беа дел од оваа убава приказна. Вакви настани ѝ даваат вистинска вредност на мото сцената.


Коментари