(Време на читање: 2 - 3 минути)


Скопје и годинава (17, мај) ќе биде дел од глобалниот мото-хепенинг The Distinguished Gentleman’s Ride, настан кој на едно место ги спојува љубителите на класичните мотоцикли и елегантниот стил со една многу поважна мисија: подигнување на свеста за машкото здравје.

phoca_thumb_l_DGR-Skopje-2018-83

Единаесеттото скопско издание на овој престижен хуманитарен настан ќе се одржи во мај, синхронизирано со светската дата кога илјадници „дотерани“ мотоциклисти излегуваат на улиците во повеќе од 1.000 градови ширум светот за да испратат заедничка порака. Во Скопје организаторите очекуваат повеќе од 220 учесници, кои со своите класични и винтиџ машини, облечени во препознатливи костуми, ќе продефилираат низ градот и ќе го привлечат вниманието на јавноста кон предизвиците што најчесто се премолчуваат - ракот на простата и менталното здравје кај мажите.

Локалната организација, предводена од „Gentleman’s Crew Skopje“, упатува отворена покана до сите љубители на мотори и добар стил да бидат дел од ова уникатно доживување. Настанот не е само возење, туку симболично движење кое ја менува перцепцијата за моторџиите и ги обединува околу заедничка хумана цел. Покрај учесниците, придонес може да даде и секој што ќе ја поддржи акцијата преку донации, со што директно се поддржуваат глобалните програми за истражување и превенција.

phoca_thumb_l_DGR-Skopje-2018-51

Скопје е дел од оваа приказна од 2016 година, кога првпат се приклучи на глобалното движење. Оттогаш па наваму, интересот постојано расте, а домашната заедница веќе придонесе со повеќе од 24.000 долари во вкупните светски фондови. Секоја наредна година носи сѐ повеќе учесници, подобра организација и поголема видливост на пораката што ја носи настанот.

Од мала иницијатива до најголемиот глобален хуманитарен мото-собир

The Distinguished Gentleman’s Ride започнува како идеја во 2012 година во Сиднеј, Австралија, кога основачот Марк Хава инспириран од ретро естетиката и културата на класичните мотоцикли создава настан кој ќе ги спои стилот и хуманоста. Од мала иницијатива со неколку илјади учесници, настанот прераснува во најголемиот глобален хуманитарен мото-собир, со стотици илјади учесници и десетици милиони долари собрани средства за борба против болестите што ги погодуваат мажите.

 phoca_thumb_l_DGR-Skopje-2018-68

Главниот фокус останува на поддршката на фондацијата Movember, која ги насочува средствата кон истражување на ракот на простата, но и кон програми за подобрување на менталното здравје и превенција од самоубиство кај мажите. Во таа насока, секое учество во возењето претставува и личен придонес кон глобалната мисија за подобра и подолга животна перспектива за машката популација.

Годинава, скопската рута, на 17 мај со старт во 11 часот, повторно ќе биде исполнета со звукот на класичните мотори и елегантниот изглед кои се заштитен знак на настанот. Организаторите најавуваат издание што ќе ги надмине претходните по бројност и енергија, задржувајќи го духот на традицијата, комбинација од страст кон мото-културата и искрена посветеност кон една повисока цел. 

Пријавете се на неделниот билтен за да ги добивате сите нови содржини директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: