Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, a во техничка организација на МК Александар од Скопје,
Под покровителство на Мотоциклистичка федерација на Македонија, a во техничка организација на МК Александар од Скопје на 18 и 19 август на патеката крај Лазарополе ќе се одржат четвртиот и петтиот натпревар од Шампионатот на Македонија во ендуро за сезоната 2012.
Годинешниот шампионат во оваа возбудлива мото дисциплина е распишан во 4 класи: Е1, Е2, Е3 и Т1, а на претходните натпревари во Велес и Скопје учествуваа вкупно 32 натпреварувачи.
Патеката е со должина од 15 километри, а натпреварувачите ќе треба да ја поминат на три пати во секој од двата натпреварувачки денови. Во рамките на секој круг ќе има и еден брзински испит кој содржи елементи од мотокрос, ендуро, како и екстремни елементи. „Брзинецот“ ќе биде најпривлечен за публиката со оглед на конфигурацијата на теренот, одличната прегледност и близината до стартот, како и прекрасната околина на Лазарополе. Покрај тоа на патеката ќе има и 2 временски контроли и една контролна точка. Збирот на времиња од „брзинецот“ и казнените поени од временските контроли од трите кругови ќе ги одредат најдобрите по класи.
Во класата Е1 засега најголеми конкуренти за титулата се Драган Ванов (МК Мото Велес) со 72 и Филип Кондратенко (МК Гого) со 69 бодови.
Во класата Е3 со максимален учинок засега е дебитантот Горан Тасиќ (МК Мото Велес) со 75 бодови, пред Борче Костов (МК Мотостарс) со 59 и Амир Амети (МК Шари мотокрос) со 58 бодови.Во најбројната класа Е2 водечки е двократниот шампион Ивица Милошевиќ (МК Мотори) со 67 бодови.
Патот до третата титула по ред и златната кацига единствено може да му го загрозат Бојан Лазов (МК Мото Велес) со 54, Ведран Манев (МК Ендуранс тим) со 51 и Валентин Тошев (МК БрзКруг) со 50 бодови.
Виктор Ефремов (МК Мото Велес) не дозволи никакво изненадување во класата Т1 и со три победа и 75 освоени бодови е на сигурен пат кон златната кацига. Зад него се Баже Шишковски (МК Александар) со 59 и Николчо Николов (МК Ендуранс тим) со 58 бодови.
Во екипна конкуренција засега во водство е МК Мото Велес пред МК Александар и МК Ендуранс тим.Според програмата стартот на првиот натпреварувачки ден е во сабота 18 август од 16:00 часот, а на вториот во недела 19 август од 10:00 часот. Збирот на бодови од двата дена ќе ги одреди најдобрите по класи и во клупска конкуренција.