Асоцијацијата Железен задник или оригинално именувана Iron Butt Association е организација посветена на безбедни и долги патувања со мотор. Глобално има повеќе од 75.000 членови, а оваа есен, го доби и првиот член од Македонија.

244774308 200484625533427 7878169312601609695 n

На почетокот на 80-тите години во Америка основачите на оваа асоцијација решиле да преземат чекори за да го регистрираат и заштитат името, и да го формализираат начинот на кој возачите се стекнуваат со сертификат кој ја означува припадноста во ова елитно друштво на издржливи и посветени моторџии ширум светот. 

Оттогаш наваму повеќе од 75.000 возачи извозеле еден од зададените предизвици и се стекнале со некој од сертификатите. Првото Iron Butt возење се организирало во 1984 година во Америка. На почетокот било организирано како рели на издржливост кое се одвивало секоја втора година, за подоцна да прерасне во достигнување кое можеш да го постигнеш сам и да добиеш признание за тоа. 

Во богатата историја на оваа организација извозени се голем број различни релија и поминати се илјадници километри. Напишани се книги и снимен е документарец во две продолженија (Hard Miles). За сите оние кои не можат да се приклучат на некои од официјалните релија, асоцијацијата нуди можност за сертификација на лични достигнувања и тоа поделени во повеќе различни предизвици. 

Некои од најпопуларните се:

- SaddleSore 1000 - 1,000 милји за помалку од 24 часа
- Bun Burner 1500 - 1,500 милји за помалку од 36 часа
- SaddleSore 1600K - 1,600 километри за помалку од 24 часа (надвор од Америка)
- Bun Burner 2500K - 2,500 километри за помалку од 24 часа (надвор од Америка)
- Coast to Coast series - Возење од еден до друг брег на Америка
- 48 States in 10 days - 48 сојузни држави во Америка за 10 дена

Подготвени за некој од предизвиците? 

Пред нешто повеќе од еден месец до нас се обрати првиот Mакедонец кој извозел еден од овие предизвици. Стојан Поповски, нашиот познат триатлонец и учесник на бројни Iron Man натпреварувања, е човекот кој уредно си ги прочитал правилата, си го евидентирал своето патување и официјално го доби првиот сертификат за извозени 1600 километри на мотор за помалку од 24 часа. 

205551048 555151749197779 8794498336489556804 n

Официјална потврда доби од германскиот огранок на Iron Butt Association затоа што тоа е најблиското претставништво до нас. Столе ги извозел овие километри на Балканов на почетокот на месец август, одејќи кон еден од своите професионални натпревари и тоа со закачен велосипед на својот Suzuki Bandit. Потврдата ја има, и сега може и официјално да го прогласиме за прв Македонец сопственик на еден од Iron Butt сертификатите. Столе вети дека ќе ни раскаже повеќе детали за неговиот подвиг и искуството штом му стигне и испечатениот сертификат за да може да го сликаме со него, а дотогаш ќе прави планови за некој од следните предизвици. 

246781922 554599898978258 5426890653536470781 n

Започнето го своето истражување за Iron Butt од нивниот официјален вебсајт и ако сте спремни за предизвици, започнете да го планирате својот тест на издржливост - https://www.ironbutt.org/, ние сме тука да го пренесеме и пофалиме вашиот успех. Се разбира безбедноста е на прво место и не заборавајте го мотото на асоцијацијата: Светот е нашето игралиште - (The World Is Our Playground).

Back To Top