Историјата на марката Brough Superior е многу интересна и се движи од Британија кон Франција, но ние тука ќе зборуваме повеќе за нејзината иднина. Генерално нашата страница обработува текстови на мотори кои се поблиску до нашата реалност, но од време на време не е лошо да продолжиме да сонуваме.
Марката на мотоцикли која го носи името на нејзинито идеен творец Британецот George Brough, почива на едноставните начела да креира мотоцикли кои се последен збор на технологијата без компромис во однос на цената на чинење. Инаку George можел да помине и полесно во животот ако се помирел со неговиот татко, инаку пионер во конструирањето на мотоцикли, William Edward Brough, кој имал развиен бизнис, но сакал да оди чекор понатаму. На ова неговиот татко гледал со скепса, и всушност оваа негова карактерна црта на пркос и инает се вмрежила и во мотоциклите кои ги изработувал, а кои биле бескомпромисни и далеку понапредни од конкурентите на своето време, а воедно забележувале и брзински рекорди.
Доволно информации за минатото на брендот?
Она што е ново од марката која од Британска подоцна прејде во Франција, од каде и ден денес изработува и продава ексклузивни мотори, е неодамна прикажаниот модел AMB 001 чија варијанта Pro беше промовирана на саемот во Милано EICMA.
Креацијата која треба да асоцира на моделите на британската марка Aston Martin, во својата Pro варијанта нуди поголема моќ, аеро крилца за да се задржат сите 225 коњи за подлогата и секако уште повеќе карбонски елементи на оклопот.
Инаку зголемената моќ (дури 25% во однос на стандадрната верзија) е извлечена со пресетирање на целиот софтвер на турбо моторот од 997 кубни сантиметри распеделени во V форма на двата цилиндра, но и на наново проектираните цилиндри кои имаат поголемо ладење и одведување на топлината, што треба да гарантира и поголема издржливост.
Моторот воедно има и структурна фунцкија како што се гледа на фотографиите, а целиот дизајн на оклопот дава една флуидна ретро футуристичка форма која изгелда како да се движи дури кога стои.
Високата моќ и ниската маса гарантираат однос помеѓу двата најбитни параметри за високи перформанси, од дури 1.28 hp/kg, што го става овој супербајк на ниво на F1!
За ексклузивноста ќе се погрижи лимитираното производство од само 88 парчиња кои можат да се возат легално само на тркачка патека.
Инаку и главната инсирација односно моделот Aston Martin Valkyrie AMR Pro е со исклучиво тркачка намена. Соработката помеќу двете легендарни марки привлекуваше многу внимание на овој саем, а веруваме и во иднина.
Цената не ни е позната, но ако можеше да се плати во 2011 година околу 350.000 долари за последниот примерок на Brough Superior SS100 произведен на почетокот на минатиот век, тогаш за очекување се вртоглави бројки и 100 години подоцна.
Кого го интересираат повеќе технички детали може да прочитаат овде.