Фановите на Светскиот Супербајк шампионат од Северна Ирска сигурно ќе ги израдува информацијата дека серијата ќе почне да се оддржува во нивната земја.

Започнувајќи од 2019 година, патеката „Lake Torrent“ ќе биде домаќин на трка од шампионатот. Ваквата информација денеска ја потврдија Dorna (сопственик на медиумските права ) и Manna Developments (сопственик на патеката) и соопштија дека е потпишан три годишен договор.

Во моментов има само еден проблем, а тоа е дека патеката сѐ уште не постои. Планирано е таа да биде изградена на 40 минути возење од Белфаст. Откако ќе биде завршена, таа ќе има 12 свиоци, а вкупната должина ќе изнесува 3,8 километри. А како што можете да видите од сликата, името не е случајно, таа се наоѓа покрај вештачко езеро.

northern irish world superbike lake torrent circuit

„Откако конечно ја идентификувавме локацијата и ја добивме дозволата за градба, овој ден за нас претставува голем успех кој ќе биде надминат само кога патеката ќе ја исполниме со повеќе од 30 илјади фанови кои ќе присуствуваат на првата трка од шампионатот,“ изјави Дејвид Хендерсон од Manna Developments.

Секако, во моментов има големи сомнежи во однос на тоа дали патеката ќе биде готова до 2019 година. Се надеваме само дека овој проект нема да заврши исто како и плановите за патеката во Велс.

Back To Top