Бахатин Софуоглу и тимот на Yamaha Motoxracing спогодбено ја прекинаа соработката со моменталнa важност, со што турскиот возач ја менува средината и до крајот на сезоната 2026 ќе се натпреварува во класата World Supersport за тимот QJMOTOR Factory Racing.
Испразнетото место во тимот на Motoxracing, го пополнува 22-годишниот Холанѓанец Тван Смитс каде ќе управува со Yamaha R1. Тој претходно оваа сезона веќе имаше деби во WorldSBK шампионатот на патеката во Асен.
Тван Смитс во WorldSBK падокот е присутен од 2021 година, кога забележа два настапи во WorldSSP300, а во 2023 и 2024 година се појави на по две трки во WorldSSP. Оваа сезона, младиот Холанѓанец се истакна во Euro Moto шампионатот во класата Superbike, каде оствари четири победи и шест подиумски пласмани.
„Возбуден сум и среќен што ја започнувам оваа нова етапа. Тркањето во WorldSBK е остварување на сонот, а тоа што ќе го правам со тимот на Yamaha Motoxracing го прави уште попосебно“, изјави Смитс.
Тимскиот директор на Yamaha Motoxracing, Андро Карузи, истакна дека разделбата со Софуоглу е договорена во соработка со Кенан Софуоглу, со цел возачот да ја искористи новата можност за својот натамошен развој.
Нов предизвик за Софуоглу со QJMOTOR
Бахатин Софуоглу ќе го замени Маркос Рамирез во тимот на QJMOTOR Factory Racing, кој моментално ја минува својата трета сезона во WorldSSP. Турскиот возач ќе ги вози последните три рунди од шампионатот на мотоциклот SRK 800 RS, проект кој неодамна го забележа својот најдобар резултат сезонава со 13-тото место на Рафаеле де Роса.
Софуоглу, кој во периодот од 2022 до 2024 година имаше солидни настапи во WorldSSP, вклучително и победа во Каталонија во 2023 година, веќе го тестираше кинескиот мотоцикл во август.
Имав можност да го тестирам SRK 800 RS и да работам со тимот во август, кога се роди идејата за овој нов проект. Со нетрпение очекувам повторно да се качам на новиот мотор и максимално да се вложам. Бахатин Софуоглу, возач
Лу Шуаиронг, маркетинг директор на QJMOTOR, нагласи дека тимот ќе пристапи трпеливо кон развојот на мотоциклот и адаптацијата на новиот возач, истакнувајќи го потенцијалот што Софуоглу го покажа за време на тестирањата во Кремона.


Коментари