(Време на читање: 2 - 3 минути)


Pirelli ја претстави новата ANGEL GT III, четвртата генерација гуми од семејството ANGEL, наменета за спорт-туринг, кросовер и naked мотоцикли со средна и голема зафатнина. Новиот модел ќе биде достапен од почетокот на 2027 година, а италијанскиот производител најавува подобрено управување, поголема сигурност на влажна подлога и порамномерни перформанси во текот на работниот век на гумата.

Четврта генерација на семејството ANGEL

Новата ANGEL GT III претставува продолжение на серијата која започна со ANGEL ST, а потоа се развиваше преку моделите ANGEL GT и ANGEL GT II. Во изминатите петнаесетина години ова семејство гуми стана важен дел од понудата на Pirelli во спорт-туринг сегментот, наменет за мотоциклисти кои бараат комбинација од спортски карактеристики, удобност и можност за долги патувања. Со четвртата генерација, Pirelli се обидува дополнително да ја подобри таа рамнотежа, без да го изгуби спортскиот карактер по кој е препознатлив брендот.

pirelli angel gt iii

Полесно управување и попрецизни реакции

Една од главните цели при развојот на ANGEL GT III била подобрување на управливоста, особено во секојдневното возење и на долги релации. Според Pirelli, новата конструкција треба да овозможи помазни и поприродни реакции на мотоциклот при промена на насоката, со помал напор од страна на возачот. Истовремено, производителот наведува дека се задржани прецизноста при управувањето и стабилноста при подинамично возење, карактеристики кои се особено важни за мотоциклистите кои сакаат спортски стил на возење и кога користат туринг гуми.

Подобрени перформанси на влажна подлога

Посебно внимание при развојот било посветено на однесувањето на гумата на дожд и на асфалт со намален грип. Pirelli најавува подобрени перформанси на влажна подлога во споредба со претходните генерации, со цел возачот да има поголемо чувство на контрола и сигурност во променливи временски услови. Ова е особено значајно за спорт-туринг мотоциклистите, кои често поминуваат големи растојанија и се соочуваат со различни временски услови во текот на едно патување.

pirelli angel gt iii 2

Порамномерни перформанси со зголемување на километражата

Друга важна цел била гумата да ги задржи своите карактеристики што е можно подолго, дури и со постепеното абење на шарата. Според производителот, ANGEL GT III е развиена така што управливоста, стабилноста и чувството при возење треба да останат порамномерни во текот на нејзиниот работен век. Задната гума доби нов дизајн на шарата, кој покрај подобрената издржливост треба да придонесе и за намалување на бучавата. Намалената бучава е особено важна при подолги патувања, каде што удобноста игра значајна улога во намалувањето на заморот на возачот.

Нов изглед со препознатливиот ANGEL потпис

Покрај техничките подобрувања, Pirelli го освежи и изгледот на новата генерација. Дизајнот на шарата ги задржува карактеристичните визуелни елементи на семејството ANGEL, но во модернизирана форма. Новина е и страничниот ѕид со висок контраст, на кој се истакнати логото ANGEL и натписот Gran Turismo. Со ова Pirelli сака дополнително да ја нагласи идејата зад новиот модел – гума која овозможува комбинација од спортско возење и удобност на долги патувања.

Достапност од почетокот на 2027 година

Pirelli ANGEL GT III ќе се појави на пазарот на почетокот на 2027 година и ќе биде наменета за модерни спорт-туринг, кросовер и naked мотоцикли. Останува да се види како новата генерација ќе се покаже на независните тестови, особено во однос на однесувањето на дожд, километражата и задржувањето на карактеристиките со текот на времето.

Пријавете се за да ги добивате најважните содржини двапати неделно директно во вашето сандаче.

Коментари

Back To Top

Ти се допадна ова што го прочита?

Следи нè на социјалните мрежи: