Фабричкиот тим на Red Bull KTM, само што објави дека нивниот професионален возач, Рајан Данџи, одлучил да се повлече од натпреварувањето. Објавата следува кратко откако тој ја освои својата трета последователна титула во AMA 540SX шампионатот, притоа возејќи со фабричката верзија на 450 SX-F.
Данџи, кој има 27 години, досега има освоено вкупно 9 AMA Supercross и Motocross шампионати вклучувајќи четири AMA 450SX титули, три AMA 450 Class MX титули како и AMA West Coast SX Lites и AMA 250 Class MX. Тој беше витален дел од успехот на тимот на САД во 2009,2010 и 2011 година и успеа да освои три Motocross des Nations шампионати.
„Одлуката воопшто не беше лесна. Постигнав повеќе отколку што си замислував и среќен сум поради тоа. Долго време сум тука и морам да признаам дека нашиот спорт воопшто не е лесен. Сезоните се долги и бараат голема жртва, напорна работа и дисциплина ако сакаш да останеш на врвот,“ изјави Данџи.
Иако вели дека е во одлична форма и може да продолжи да се натпреварува, сепак признава дека сето тоа бара голем ментален напор, нешто што тој во моментов се мачи за да го постигне.
„Ни претставува чест што работевме со Рајан во изминативе десет години,“ изјави тимскиот менаџер, Роџер Де Костер. „Постојано се наоѓаше на подиумот и морам да признаам дека никогаш немам работено со возач кој си ја сфаќаше работата толку сериозно. Ова е крај на една ера но Рајан сепак ќе остане дел од нашиот тим.“
Фабричкиот тим на Red Bull KTM изразува голема благодарност до Рајан Данџи за развојот на брендот и му посакуваме успех во иднина.