Ако сметавте дека по ноќната трка на прашливиот асфалт во Катар, и дождливата трка на (распаѓачкиот) асфалт во Индонезија, конечно ќе влеземе во нормален тркачки викенд, сте се излажале!

argentina 2022

Што се случува сега? Што е специфично овој викенд? Па, по доцнењето на неколку лета кои носат опрема на некои од тимовите, одлучено е да се откажат сите активности на патеката во петок, за да можат сите да стартуваат во исти услови со подготовките за овој викенд во сабота. Ова е новиот распоред за викендов.

Компресираниот викенд, во спортот во кој секоја тренинг сесија е исполнета со возбуда и адреналинот кај сите учесници е на страшно високо ниво, ќе биде дополнително зачинет со помалку време за подготовки. Рецепт за тотално лудило на патеката и вон неа. Ќе играат нервите. Прв пат трка по 2019 година исто така значи и скоро воопшто немање на валидни податоци за патеката, пред се заради промената на моторите како и фактот што помалку од половина од натпреварувачите возеле претходно на оваа патека. Еден од нив е и Takaaki Nakagami кој за беља е тестиран како позитивен на Ковид 19 и нема да се натпреварува викендов. Ова се воедно и дополнителни главоболки за Honda која по отсуството на Marc Marquez, сега останува без уште еден возач во трка. Stefan Bradl ќе ја пополни едната голема празнина, но премалку време е причина за изнаоѓање соодветна замена за јапонскиот возач. 

Инаку како причина за задоцнувањето покрај огромната раздалеченост помеѓу двете патеки и фактот што војната во Украина, и санкциите кон Русија како последици на истата, створи дополнителни проблеми. Имено околку 20% од летовите биле опслужени токму од Руски компании. Мора да се сфати дека сите сме дел од една целина и зависиме еден од друг, но во тој случај не би постоеле војни на прво место...

marc argentina 2019

Иако веќе пишувавме за отсуството на Marc, во меѓувреме доаѓаат и информации дека по првичното огромно разочарување кај Шпанецот, се родила силна желба за враќање на патеките, и ако успеале да го задржат и да го одвратат од идејата да се врати предвреме на оваа трка во Аргентина, тогаш тешко дека може да се каже истото за следниот викенд во Северна Америка. Едноставно повредата се залекува побрзо од претходниот пат, но секако пресудна е огромната желба која ја има Marc за враќање на највиското скалило на подиумот. Знаеме дека една од шансите за победа се токму на оваа патека на која има постигнато неверојатни резултати. Практично на секоја трка која ја завршил овде, победил! Ако на 7-те победи на оваа патека ги додадеме и 3-те победи на амеирканско тло, но на патеката во Индијанаполис, како и уште 2 победи во класата Moto2, доаѓаме до една фантастична бројка од 12 победи во Ју Ес оф Еј! Ова плус фактот што со секое отсуство во тркачки викедн, се намалуваат шансите за освојување на уште една титула оваа сезона веројатно го фрустира и и ја распламтува желбата за враќање на патеките. Да се надеваме дека ќе биде се во ред со неговото здравје и дека ќе го видиме во полн сјај следниот викенд. 

Што се случува со останатите?

Ducati мора да се прибере и да го окупира подиумот, но со нивните главни пилоти кои освоија само 1 поен. Зборуваме за Pecco Bagnaia и Jorge Martin кои во првата трка завршија заедно во песокот, додека во втората првиот освои 15-та позиција, а вториот, овој пат, сам се испрати надвор од патеката. Тоа е цената на премногу експериментирање од страна на Ducati, наместо на усовршување на доминантниот мотор кој победуваше не само минатата сезона, туку и на првата трка во оваа сезона, но во рацете на Enea Bastianini во приватниот тим на Gresini. На оваа младиот Италијан доаѓа без никакво искуство и сигурно не помага новиот набиен распоред кој нема да простува ниту најситна грешка.

Актуелниот шампион Fabio Quartararo веројатно ќе биде среќен со освојување на уште еден подиум со оглед на историјата на Yamaha на оваа патека, но и дефицитот кој евидентно го има во однос на максималната брзина во однос на сите останати. Секако треба да поентира максимално заради отсуството на постариот Marquez како и (во моментов) слабата форма на Pecco кои од почеток важеа за главни конкуренти за освојување на титулата. Неговиот колега Franco Morbideli имаше солиден настап во минатата трка и конечно може полека да ја гради формата.

Pol Espargaro сака да се врати на подиумот и да покаже дека Honda не треба да се грижи заради отсуството на нивниот пулен, и дека сепак имаат возач на кој можат да сметаат во борбата за освојување на титулата. Иако е срчан возач кој секогаш дава се од себе, некако е далеку таа цел. Нека се фокусира најпрво на првата победа во кралската класа како и собирање на максимален број поени според потенцијалот на моторот, за мир во куќа. Сигурно нема да му помогнат пневматиците од Michelin кои планираат да донесат компонента слична на онаа од 2019-та година, но со современа каркаса прилагодена на новите текови во MotoGP, што и да значи тоа.

Тука е и двоецот од Suzuki кои посакуваат мирен викенд за висок пласман. И кај нив ќе зависи многу прилагодувањето на пневматиците заради пандемиската пауза од 2 години која ги измеша работите и ги направи претходните податоци небитни.

Aprilia со Aleix продолжува да се бори за високи позиции и да собира поени, додека пак Vinales едвај чека да го проба сетапот од загревањето во Индонезија на сува патека, кога успеал да најде конечно самодоверба во моторот. 

Австријците од KTM, осоколени од последната победа и второто место на првата трка, со право се надева на продолжување на добриот низ. Тоа се однесува за фабричкиот тим, додека сателитскиот Tech3 едвај ги скротува младите возачи кои веќе со искуство од 2 трки, и љубомората која се роди по фантастичниот резултат на потценетиот (и од наша страна) Јужноафриканец Darryn Binder, сакаат да се докажат дека можат подобро.

Кога сме кај Darryn да го споменеме и неговиот тимски колега од RNF Yamaha, Andrea Dovizioso кој му тече времето како на песочен часовник. Се помалку време за убедување на работодавците, а и на целата MotoGP публика, дека заслужува да остане во друштво на најбрзите. Огромен пресврт во формата ако се земе предвид 3 пати по ред вицешампионската позиција која ја уживаше додека возеше за Ducati. Да не заборавиме и дека покрај добрата форма на помладиот колега, на вратата чука и еден шампион од друга слична категорија.

Тимот на Vale Rossi конечно мора да донесе посолидни резултати. Luca Marini по одличните предсезонски резултати потона во поредокот, а Marco Bezzechi покажа одлично темпо на првата трка во Катар, пред да падне, додека на последната трка се бореше на опашката. Потребно му е искуство, но брзина не му недостасува. Luca веќе има искуство, па може да се обиде да покаже и поголема брзина и да ги повтори добрите настапи од припремите за сезонава.

Red Bull Ring, доби една измена

Надвор од овој викенд да кажеме и дека преопасната A1 Ring која заради новиот сопственик се вика Red Bull Ring, доби една измена со надеж дека сега ќе стане помалку опасна. Ќе видиме колку ќе биде побезбедна затоа што приодот кон свиокот број 3 е сеуште ист, иако на половина пат сега има шикана која ќе ги успори моторите. Делот за излетување во свиокот 3 треба да се прошири и да се адаптира на трка со мотори, во која излетувањето може да биде навистина опасно. Ако се земе предвид хаосот кој го видовме во 2020-та година кога летаа мотори на сите страни, тогаш е секако добредојдена секоја измена на оваа патека. Инаку оваа конфигурација ќе се користи само за MotoGP односно нема да се користи за настапите на F1. Тука можете да ја видите изградбата на шиканата.

Одиме со уште еден викенд исполнет со огромна доза на возбудувања, по што не чека само неколку дена пауза до следниот викенд и трката во COTA! 

Распоред за следење 

Сабота 02.04.2022 | Спорт Клуб 3
13:45  Moto GP Аргентина: MOTO 3 – ТРЕНИНГ 1
14:40  Moto GP Аргентина: MOTO 2 – ТРЕНИНГ 1
15:35  Moto GP Аргентина: MOTO GP – ТРЕНИНГ 1
16:35  Moto GP Аргентина: MOTO 3 – ТРЕНИНГ 2
17:30  Moto GP Аргентина: MOTO 2 – ТРЕНИНГ 2
18:25  Moto GP Аргентина: MOTO GP – ТРЕНИНГ 2
19:35  Moto GP Аргентина: MOTO 3 -  КВАЛИФИКАЦИИ
20:30  Moto GP Аргентина: MOTO 2 -  КВАЛИФИКАЦИИ
21:25  Moto GP Аргентина: MOTO GP – ТРЕНИНГ 3
22:05 Moto GP Аргентина: MOTO GP -  КВАЛИФИКАЦИИ
Недела 03.04.2022 | Спорт Клуб 3
17:00  Moto GP Аргентина:: MOTO 3 – ТРКА
18:20  Moto GP Аргентина: MOTO 2 – ТРКА
20:00  Moto GP Аргентина: MOTO GP – ТРКА
Back To Top