„Ги финализираме преговорите со возачот и неговиот менаџер. Се надеваме дека наскоро ќе ја слушнеме нивната одлука“ - Алекс Маркез ќе остане дел од Moto2 и ќе вози за Marc VDS?
Тимскиот менаџер на Marc VDS, Јоан Оливе се надева дека лидерот на табелата, Алекс Маркез ќе остане дел од тимот и во сезоната 2020. Маркез, кој ја вози петата сезона во Moto2 серијата, во моментов е на првото место на табелата со предност од осум поени во однос на второпласираниот Томас Лутхи. На пет трки, тој има постигнато четири победи.
Поради моменталната форма, се појавија гласини дека Алекс следната година ќе му се приклучи на неговиот брат Марк во премиерната класа каде во моментов остануваат уште три места кои треба да се потврдат: Pramac Ducati (Џек Милер), LCR Honda (Такааки Накагами) и Avintia Ducati (Тито Рабат).
Од сите овие, само местото на Рабат делува загрозено а Avintia сакаат некој нов возач кој ќе притиска повеќе. Но со оглед на нивната моментална форма, Маркез можеби се надева дека останувањето во Moto2 уште една година е подобра опција, пред да се ослободи некое друго место во 2021 година.
„Како тимски менаџер, немам друга желба за следната година освен тоа Марк да продолжи да настапува за нашиот тим“, изјави Јоан Оливе. „Денеска ги финализиравме преговорите со возачот и неговиот менаџер и се надеваме дека наскоро ќе ја слушнеме нивната одлука.“
Оливе, кој оваа сезона го презеде управувањето со тимот, вели дека првата победа на Маркез преставувала големо олеснување за сите кои се дел од екипата. „Конечно успеавме да го направиме тоа. На некој начин, со победата добивме потврда за нашата напорна работа.“
„Зимата беше тешка бидејќи моравме да почнеме речиси од почеток. Но работите се одвиваа добро и бевме убедени дека наскоро ќе почнеме да победуваме.“

Оливе, кој девет пати се има искачено на подиумот додека беше дел од класата 125cc, додава: „Успеавме да создадеме средина каде што Алекс ќе се чувствува многу удобно.“
„Тој се однесува многу зрело. Навистина е неверојатно колку е концентриран за време на целиот викенд. Без никакво сомневање, оваа година направи чекор напред и сега е еден од главните фаворити за титулата.“
Оливе предвидува дека до крајот на сезоната, четворица возачи ќе се борат за првото место.
„Јасно е дека меѓу главните фаворити се Том Лутхи и Аугусто Фернандез кој веќе има неколку победи оваа сезона. Друга опција е Бред Биндер, кој на две трки по ред се искачува на подиумот.“
Главното изненадување оваа сезона, Аугусто Фернандез, во моментов се наоѓа на третото место на табелата и заостанува 34 поени зад лидерот Маркез. Возачот на KTM, Бред Биндер, кој од следната сезона ќе биде дел од MotoGP се наоѓа на осмото место со заостанување од 52 поени зад лидерот.
Во меѓувреме, другиот возач на тимот, Чави Виерге се уште не може да ја префрли добрата форма која ја има на квалификациите и засега се уште не успева да се искачи на подиумот. Сепак, неговата форма се подобри на последните две трки. „Тој е одличен возач и сигурен сум дека наскоро ќе се искачи на подиумот“ , изјави Оливе.

Коментари