MotoGP

Лудата сезона на трансфери е во полн замав

Кој каде ќе оди во следната сезона на MotoGP, и зошто. 

Се наоѓаме точно на половина на сезоната и веќе на големо се дискутира за иднината на возачите кои немаат договор за следната сезона. Да ја погледнеме моменталната состојба и евентуалниот исход.

Monster Energy Yamaha MotoGP

Fabio Quartararo стави потпис на уште еден нов договор со фабричкиот тим на Yamaha (до крај на 2024), со моторот со кој дојде во кралската класа, освои најпрво неколку пол позиции, а потоа почна да реди и победи и на крајот го круниса успехот со титула. Тогаш зошто би менувал го менувал тимот со кој ги направи најголемите успеси, а според сегашните резултати и е на добар пат да ги повтори истите? Не беше вака очигледен изборот на почетокот на сезоната, па дури и на крајот од минатата сезона кога на последните тестирања сите тимови донесоа подобрувања кои резултираа со поголема максимална брзина што покажува очигледен напредок, нели? Така делуваше, но…

Сепак и не е некоја енигма новиот договор ако се погледне конкуренцијата и она што би била евентуална опција за актуелниот шампион. Honda веројатно не би сакала да плаќа подеднакво двајца возачи, а и би внела немир во тимот кога би возеле двајца алфа возачи. Ducati има премногу опции и е на слатки маки, па не му треба уште еден Французин во тимот. Aprilia стана сериозна опција заради формата која ја покажа во првиот дел од сезоната, но тешко дека има толкав буџет за ангажман на еднократниот, а можеби на крајот од сезонава и двократен светски шампион. KTM никогаш не беше опција. Suzuki…

Најбитно од се е секако комбинацијата на моторот и возачот кои во моментов функционираат скоро беспрекорно, и по првичните невољи, влезе во една синхронизирана фаза. Со самото тоа Yamaha беше веројатно спремнa да одговори на сите барања на Французинот, особено ако се знае дека никој друг не може да извлече ни приближни резултати од овој мотор. Можеби ако побараше на другиот мотор да вози татко му Etienne, Lin Jarvis со насмевка ќе порачуваше веднаш тркачко одело и ќе го испратеше Franco Morbidelli надвор од гаражата иако има договор за следната сезона.

Franco Morbidelli (до крај на 2023 )сепак е вицешампион од 2020 година, во која воедно беше и подобар од Fabio, а и да не заборавиме Franco има освоено титула во Moto2. Тогаш што се случи со симпатичниот Италијан со бразилска крв? Многу веројатно се работи за проблеми со онаа тешка повреда на коленото која му задаваше проблеми уште од мината сезона кога едноставно му откажуваше послушност, бевме сведоци на навидум трапави падови во боксовите. Зошто тогаш јавно не сме чуле ништо за ова од страна на Morbidelli? Ретки се оние кои говорат јавно за повредите во светот на MotoGP. Дури и Marc не признаваше дека има потреба од уште една операција до моментот кога доби зелено светло од клиниката во Америка, а возеше (и победуваше) во таа состојба година и половина!? Еден е стравот од евентуален отказ, а другиот е дека не сакаат да ги откриваат слобостите пред конкурентите кои како пирани напаѓаат кога ќе намирисаат крв.

Секако помага и фактот што е дел од академијата на Rossi, со кого Јапонците имаат длабоки врски. Да се надеваме дека му е само потребно време да се залечи како што треба и дека ќе ги повтори добрите резултати од 2020 година. Дури и неговите позитивни коментари по освоена 13-та или 15-та позиција укажуваат на тоа дека ова е максимумот во моментов.

Кога сме кај Yamaha, останува единстен произведувач со само 2 мотори за следната сезона, а по повлекувањето на Suzuki ќе биде единствена која има конфигурација на реден мотор. Останува да видиме дали ова ќе и биде маана или предност.

Ducati Lenovo Team

Francesco Pecco Bagnaia (до крај на 2024) е со претходно решен статус за следните 2 сезони и засега нема причина да не ги одработи. Останува уште да се избори за барем една титула и иднината и за понатаму му е гарантирана.

Jack Miller (до крај на 2022) веќе се прости со тимот, по што е објавен нов 2 годишен договор со тимот на KTM. Второто место во тимот делуваше на почетокот на сезоната прилично сигурно за Jorge Martin, но по почетните пехови на негова страна, а успех на страна на Enea Bastianini, работите почнаа да се менуваат. Во минатите денови Шпанецот излезе со малку изненадувачка изјава дека сака да вози во фабрички тим и дека доколку не му го овозможи тоа Ducati ќе си ја бара среќата во друг тим. Тешко е да се замисли дека ќе оди во тимот на Honda на местото на Pol Espargaro кој неофицијално го губи местото, а исто така и во KTM. Веројатно се работи за притисок врз шефовите на Ducati кои до пред некој месец гледаа во него сигурен играч. Од друга страна пак Шпанецот за слабите резултати се брани со фактот што вози нов мотор кој беше проблем на почетокот на сезоната и за Pecco. Дури оди и до таму што ги релативизира успесите на Enea, на сметка на проверениот GP21 со кој победува Италијанот, а минатата сезона победуваше Martin. Разбирлив е притисокот на двајцата возачи врз менаџментот на Ducati, особено ако се земе предвид долгорочниот договор со Pecco, што ќе ја намали шансата за договор за вториот мотор. Соломонско решение би било потпишување на фабрички договор со двајцата возачи за следната сезона со клаузула за резултати, па кој биде подобар да седне на вториот мотор. Следи интересен период за, инака белокосите, менаџери Paolo Ciabatti и Davide Tardozzi.

Prima Pramac Racing

Johan Zarco (до крај на 2022) делува како совршен тестер за Ducati, а и носи солидни бодови во оваа сезона, па не се гледа некаква најава за негова смена. Доколку сепак дојде до негова замена, тешко е да се предвиди останување во MotoGP. Не дека нема возачки квалитети, туку едноставно си ја потроши можноста за возење во фабрички тим кога сред сезона го раскина договорот со KTM, па ги доведе во прашање неговата мотивација за да покаже нешто повеќе од ова што го гледаме во моментов.

За второто место кое во моментов го држи Jorge Martin (до крај на 2022) пишавме погоре, па ако не се работи за блеф од страна на Шпанецот, веројатно е да остане во тимот доколку не најде ангажман во фабричкиот тим. Ако сепак добие унапредување, тогаш на негово место би можел да дојде Enea Bastianini или доколку се реши Италијанот да остане во Gresini тогаш би можеле да го видиме Oliveira на вториот мотор. Португалецот преговара во моментов со Gresini, но се чека разрешница меѓу Jorge и Enea која ќе ги покрене другите пермутации.

Gresini Racing MotoGP

Веќе ги наведовме сите комбинации за местото на Enea Bastianini (до крај на 2022) , па не би се повторувале и тука.

Fabio Di Giannantonio (до крај на 2022) покажа одлична форма во последните неколку трки, особено по пол позицијата во Муџело, па за верување е дека ќе остане во тимот. Сигурно дека Италијанот ќе бара скромна сума за неговите услуги, што се вклопува во буџетот на една приватна и мала гаража од типот на Gresini. 

Mooney VR46 Racing Team

Luca Marini (до крај на 2022) некако почна да ја покажува очекуваната форма по трката во Муџело и делува како да го пронајде сетапот на GP22. Ќе видиме што ќе покажат следните трки, но според моменталната форма и фактот што е полубрат на еден 9-кратен шампион, веројанто ќе го гледаме и следната сезона.

Marco Bezzecchi (до крај на 2022) покажа дури и подобра форма од неговиот тимски колега, но тука треба да се земе предвид и фактот што вози проверен мотор GP21, кој правеше “р’шум” минатата сезона. Ова секако не го спори фактот што се работи за талентиран и брз возач, па очекуваме продолжување на договорот за 2023-та година.

Ако некој од овие двајца сепак попушти со формата или направи нешто непредвидливо, што ќе биде доволна ппричина за замена, тогаш сигурно прв кандидат е Vietti кој во моментов води во поредокот во Moto2 и е сериозен кадидат за титулата.

Repsol Honda

Marc Marquez (до крај на 2024) е веќе позната приказна и не би ви досадувале повеќе од веќе она што го знаеме сите. Ако се врати во подобра форма од онаа по која замина  операција тогаш можеме да сметаме на нови возбуди и борба за нова титула. Во спротивно неизвесно ќе биде негово заминување од спортот.

Pol Espargaro (до крај на 2022) е веќе со една чизма надвор од Honda и се споменува се почесто негово враќање во KTM (Tech3). Едноставно и по сите промени на мотоцклот не можеше да се наметне како некој кој може да освојува подиуми или победи иако, иронично, токму тој го освои единствениот подиум за Јапонците и тоа на првата трка сезонава. На негово место се спрема да дојде Joan Mir кој, покрај тоа што е шампион (2020-та) одговара на стилот на возење на Marc, односно се потпира на моќно сопирање со предната сопирачка длабоко во свиокот. Покрај искуството на негова страна е фактот  што има иднина пред себе затоа што има само 24 години.

LCR Honda

Alex Marquez (договор со HRC до крај на 2022) според резултатите е се подалеку од задржување на местото, но по разрешницата на Jack Miller, кој се споменуваше како негова замена, шансите за останување пораснаа. Помогна и одличниот настап на последната трка кога успеа да се избори од последното место до 10-тата позиција откако настапи со многу болки по страшниот пад во FP4. Сите очекуваме да покаже форма достојна за двократен шампион (Moto3 & Moto2)

Takaaki Nakagami (договор со HRC до крај на 2022) е мониториран за евентуално продолжување на договорот. Неговите добри резултати во последните неколку трки кога беше редовно најбрза Honda, останаа засенети од последниот инцидент на трката во Барселона. Критиките за инцидентот одеа на сметка на Јапонецот, но не е се така едноставно. Taka изјави дека дека секако ја признава вината и не би се бунел против евентуална казна, но исто така додаде и дека при сопирањето бил вовлечен во заветрината на Pecco, и дека сопирал скоро идентично како и останатите возачи, но сепак не можел да го предвиди исходот. Тоа се поклопува со неколкуте инциденти до сега кога од слична причина возачите но можеа да сопрат на време, како на пример она на Mir во Франција или Enea во Муџело, или на она страшно излетување на Morbidelli и Zarco во Австрија во 2020-тата кога за малку не страдаа повеќе возачи.

Ова е веќе тема за друг прилог и зборува за комплицираноста на актуелната генерација на мотори.

Како и да е, Јапонецот јавно им се извини на Pecco, кому му ја уништи трката, но и на Rins кој се здоби со скршеница на дланката. Кој не бил одговорен за туѓа повреда не може да знае колку голема е вината што се чувствува, и дека тоа е повеќе од доволна казна.

Да се вратиме на темата трансфери. Доколку сепак не го задржат во MotoGP, веројатна замена ќе биде Ai Ogura. Глава за глава, што би се рекло.

Aprilia

Aleix Espargaro (до крај на 2024) е со тазе обновен договор, како и неговиот тимски колега Maverick Vinales (до крај на 2024) и со тоа сосема кратко завршуваме со Aprilia.

RNF Aprilia 

Andrea Dovizioso (договор со Yamaha до крај на 2022) е на пат за пензија, по очајните резултати за некој кој се врати во MotoGP со цел освојување на титула. Едноставно адаптацијата на необичниот мотор на Yamaha трае предолго за да му се понуди уште една шанса, а и самиот Dovi делува како да му е веќе смачено од обидите. Неговото место можеби ќе го полни некој од возачите на Tech3 или некој дебитант. Jo Roberts би бил еден од опциите, особено ако се земе фактот што, покрај добрите резултати, ја одби Aprilia за оваа сезона.

Darryn Binder (договор со Yamaha до крај на 2023) за жал нема да ја ужива заштитата на Yamaha за следната сезона, но секако доколку продолжи со одличните настапи може да си обезбеди сам продолжување на кариерата. Од друга страна пак, Alex Rins нема ангажман…

Red Bull KTM

Jack Miller (до крај на 2024) е новиот возач со кој конечно KTM добива искусен возач кој ги има возено другите V4 мотори на Honda и Ducati, и може да донесе вредни информации и насоки за подобрување на моторот. Додуша ако ги земеме неговите стари изјави дека не сака да го прави и подобрува моторот туку само да се трка со него, и не изгледа баш како успешна инвестиција, но луѓето знаат да се сменат, особено ако се одврзало кесето на Австријците

Brad Binder (до крај на 2024) си ја работи работата за која е платен и во услови кога моторот не е во форма да испорача резултат, тој вади максимум од него. За него е сигурно местото во тимот.

Tech3 KTM

Remy Gardner (договор со KTM до крај на 2022) е неочекувано подобриот од двајцата дебитанти, но е се погласен во критиките на сметка на KTM за слабите резултати. Секако ов не делува баш добро за негово останување во тимот. Како и да е, ќе мора или тој или Raul да му направи место на повратникот Pol, по што можно е префрлање во Super Bike.

Raul Fernandez (договор со KTM до крај на 2022) не само што не ја покажа извноредната форма со која победуваше минатата година во Moto2, туку генерално како да се повлече од коментарите со кои се расфрлаше на почетокот. Или некој го подучил или се помирил со ситуацијата во која се наоѓа, особено по повлекувањето на опцијата да се пресели на RNF Yamaha со која претходно преговараше. Тука е и Pedro Acosta кој имаше неверојатен подем во Moto3, а сега почнува да кликнува и во Moto2 и може да му го земе местото на сонародникот.

Очекуваме разрешница за поголемиот број на слободни места во деновите што следат.

Би можело да ве интересира

Со воведување на CE 04, електричниот макси скутер, на почетокот на оваа година BMW јасно стави до знаење дека во блиска идиниа може да очекуваме многу повеќе од германците во овој сегмент. 

Почитувани љубители на мотоциклистичката култура,

Со особена чест Ве покануваме да бидете дел од првата манифестација CRUISE CULT – The Art of the motorcycle 2022, која ќе се оддржи во сабота 25.06.2022 год., во период од 12.00 ч. – 17.00 ч. во Парк на Франкофонија - Скопје.

Трките беа далеку од досадни и неинтересни во трите класи, во кои жештината и конфигурација на патеката, прописно ги истоштија натреварувачите.

Кој каде ќе оди во следната сезона на MotoGP, и зошто. 

Иако викендов во Мизано ја видовме првата победа на актуелниот шампион, сепак титулата е далеку од одбранета.

Од оваа недела CFMoto станува достапен на три нови локации во државата. 

Листа на мото настани

Чопер клуб го најави Run to the Sun 2022.

  • 24 Јуни 2022 - 25 Јуни 2022
  • Clubhouse 3313
  • Илинденска 138, Скопје

Ноќни Волци Балкан: Интернационален мото собир.

  • 09 Јули 2022 - 09 Јули 2022

Најава за мото собирот на МК ЏИНКА Радовиш кој ќе се оддржи на 29/30/31 јули 2022 година. Повеќе детали наскоро.

  • 29 Јули 2022 - 31 Јули 2022
  • Клубски дом
  • Планина Плачковица

Дводневен мото фестивал во организација на МК Тиквеш Рајдерс од Кавадарци.

  • 17 Јуни 2022 - 18 Јуни 2022
  • 12 Другари
  • Ваташа, Кавадарци

Благодарност!

Ви благодариме за тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт.