Франко Морбидели беше најголемото изненадување минатата сезона.

Возачот на Petronas Yamaha SRT, со својот настап ги изненади сите кои го следат MotoGP шампионатот. Сезоната ја заврши на втората позиција и покрај тоа што настапуваше со постара машина.

Тој ја почна сезоната 2020 без никаков притисок откако имаше просечен настап во 2019-та, кога беше засенет од тимскиот колега, Фабио Куартараро.

Барем така на себе гледаше Морбидели. Гневен и разочаран од перформансите во 2019-та, тој се фокусираше на тренинзите со цел да има што е можно подобар настап. На крајот таквиот пристап се исплатеше, постигна три победи и го освои второт место во генералниот пласман.

Морбидели, сезоната 2021 ја почнува на многу поразлична позиција. Тој е еден од возачите кои можат да се борат за титулата и покрај тоа што е единствениот возач на Yamaha кој ќе настапи со постара верзија на М1.

 DSC4516

Има нов тимски колега откако Фабио Куартраро премина во фабричкиот тим. Неговиот долгогодишен пријател и ментор, Валентино Роси, во иднина ќе вози заедно со него.

После преставувањето на машините со кои ќе настапи Petronas Yamaha SRT, имавме можност да разговараме со Морбидели. Во еден фасцинантен разговор, Италијанецот откри многу интересни детали за него.

Минатата сезона го победи тимскиот колега и ја освои втората позиција. Дали можеш да го повториш истиот успех и оваа година?

„Се надевам. Ќе се обидам да постигнам слични резултати. Работев исто како и минатата година, ако не и подобро. Ќе се обидам да покажам добри перформанси. Повеќе верувам во себе но и во мотоциклот. Оваа година работите се малку појасни. Секаде има простор за да се подобриме освен кај моторот. Ќе се обидам да ги постигнам истите резултати како и минатата сезона. “

Се чини дека главна мотивација минатата сезона ти беше настапот со постар мотоцикл. Дали така ќе биде и оваа сезона?

„Мотивацијата ми останува иста. Ќе бидам искрен со вас. 2019-та година за мене како возач беше прилично фрустрирачка. Но токму тоа од мене извади некои работи кои не ги очекував. Истото чуство ќе го имам и оваа сезона. Се надевам дека и сега ќе функционира. Што очекувам од машината? Не знам што да очекувам. Знам дека мојот мотоцикл во голем дел ќе биде ист но се надевам дека малите промени кои се направени ќе покажат добри резултати. Во однос на другите мотоцикли на патеката, не знам што да кажам. Ducati беше многу силен минатата година, особено пред крајот на сезоната. Мислам дека и оваа година ќе бидат добри. Не смееме да го заборавиме ниту Suzuki.“

Mobidelli fans

Другите возачи велат дека си еден од фаворитите? Дали мислиш дека можеш да се бориш за титулата или воопшто не размислуваш на тоа?

„Минатата година имав многу добра сезона а кон крајот на годината навистина се забавував со мотоциклот. Можев да нападнам и да го извлечам максимумот од машината. Многумина тоа не го очекуваа. Моја задача е да го повторам успехот. Тоа сакам да го направам и ќе се обидам да постигнам што е можно поголем успех. Но знам дека не зависи се од возачот. Јасно ми е дека голема улога игра и машината. Но исто така јасно ми е и дека не е голема разликата меѓу нас и останатите тимови. “

Дали има промени во начинот на кој тренираше? Дали работеше на нешто посебно?

„Се обидуваме да бидеме малку побрзи во еден круг. Минатата година успеав да дојдам до две пол позиции и дефинитивно на тоа треба да работиме. Работиме и во теретана но исто така и секој слободен момент го поминувам на патеката со цел да бидам побрз. На овие две работи се посветивме во текот на зимата.“

 DSC3557 copy

Што правеше конкретно ти за да се подобриш?

„Станав многу посериозен во однос на работата. Почнав да вежбам сам, да тренирам подобро, се фокусирав повеќе на мотоциклот. Резултатот од мојата посветеност го видов на тренинзите. Морам да признаам дека ми се допадна резултатот.“

Дали сметаш дека твојот однос со Валентино Роси оваа година ќе се промени со оглед на тоа дека сега ќе бидете тимски колеги?

„Роси е мој голем пријател и се надевам дека добро ќе соработуваме и во иднина. Но кога ќе се појавиме на патеката, ќе се бориме исто како и во минатото. Ништо нема да се промени. Но не смееме да заборавиме и на пријателството и човечката страна. Ова е само игра. Иако е многу важна, тоа е сепак само игра. Затоа е важно да се запомни дека кога ќе се натпреваруваме меѓусебно, се надевам дека тоа ќе биде за првото место и за работите кои се важни.“

Валентино Роси бил ментор на многу возачи кои постигнале добри резултати, возачи како тебе, Лука Марини, Пеко Бањаиа. Мислам дека и тој е горд кога некој од возачите кои ги набројав постигнува успех?

„Не знам што му поминува низ глава кога ги гледа возачите како постигнуваат добри резултати. Но мислм дека е навистина горд од тоа.“

Роси отсекогаш верувал во тебе. Дали тоа се должи на фактот дека тренираше на неговиот ранч? Кој беше најбрз тогаш на тренинзите?

„Сите тогаш трениравме заедно и мислам дека така најдобро можете да го видите карактерот на еден возач. Не зборувам само за Вале туку и за останатите возачи. Добро се познаваме бидејќи заедно трениравме. “

 DSC3309 copy

Кога ќе го видиш Роси во гаражата, дали на него ќе гледаш како на пријател или на ривал кој треба да се победи?

„И на двата начини ќе го гледам. Тешко е да се направи поделба. Можеби ќе има моменти кога на него ќе гледам како на возач кој треба да се победи, но сигурно ќе има и моменти кога во него ќе го гледам најдобриот пријател. Мислам дека така ќе биде кога ќе бидеме двајцата во гаражата. Тогаш спортскиот дух е многу поизразен.“

Што мислиш во однос на Марк Маркез?

„Тој имаше тешка повреда. Една од најтешките која може да ја има еден спортист. Не се сеќавам на друг возач кој изгубил една сезона во моментот кога е најдобар во својот спорт. Ќе биде тешко да се врати во препознатливата форма но не и невозможно.“

Дали мислиш дека Маркез ќе има ментални или физички потешкотии да ја врати препознатливата форма?

„Не можам ништо да кажам во однос на физичката подготовка бидејќи не знам каква е неговата состојба. Но можам да зборувам за менталната страна и проблемите со кои се соочува. Знам дека таква голема повреда ви прави проблеми и во начинот на размислување. Сите сме луѓе и се сеќаваме на лошите моменти. Секогаш е тешко кога треба да се вратите после голема повреда. Но тој е силен и сигурен сум дека ќе може да се врати во препознатливата форма.“

Back To Top