Moto Guzzi го одбележува својот 105-ти роденден со специјалната 105th Anniversary Edition серија, претставена на 3 септември 2026 година заедно со свеченото отворање на реновираниот фабрички комплекс во Мандело дел Ларио.
Јубилејната серија ги опфаќа V7 Stone, V85 Strada, V100 Mandello и Stelvio. Четирите модели добиваат сива боја со бисерен финиш и контрастни жолти детали на резервоарите, седиштата и бандажите, а инспирацијата за комбинацијата доаѓа од новиот изглед на фабриката и музејот на Moto Guzzi.

Четири модели во јубилејно издание
Најкласичниот претставник во серијата е V7 Stone со воздушно ладениот V2 агрегат од 853 кубика, 67 КС и 79 Nm, со тежина од 218 kg во возна состојба.
V85 Strada е повеќе патно ориентираната изведба од семејството V85, со алуминиумски бандажи и патни гуми. И тука се користи агрегат од 853 кубика, со 80 КС и 83 Nm, додека тежината изнесува 226 kg.
V100 Mandello е спортско-туристичкиот претставник и моделот со кој Moto Guzzi го воведе својот водено ладен V2 агрегат. Тој располага со 1.042 кубика, 115 КС и 105 Nm, а тежината во возна состојба е 233 kg.
На врвот е Stelvio, авантуристичкиот модел со истиот V2 агрегат од 1.042 кубика, 115 КС и 105 Nm. Со својата туристичка опрема, Stelvio е и најтежок од четирите модели со 246 kg во возна состојба.
Во продажба од октомври
Moto Guzzi 105th Anniversary Edition моделите треба да пристигнат во продажба во октомври 2026 година и ќе бидат достапни до крајот на 2027 година. Засега нема најава дека производството ќе биде ограничено на одреден број примероци.
Цените на јубилејните верзии сè уште не се објавени. За ориентација, актуелните почетни цени на стандардните модели се 9.600 евра за V7 Stone, 12.600 евра за V85 Strada, 15.800 евра за V100 Mandello и 16.600 евра за Stelvio.
Коментари