motori 55-Vespa-LX-3VПоканата за присуство на промоцијата на новата Vespa 3V во Рим ја прифативме со воодушевување. Претставници на мотори.ком.мк како единствен медиум во Македонија кој се занимава исклучиво со тематика од мото светот беа дел од премиерата на легендарната Веспа. 

55-Vespa-LX-3V

Поканата за присуство на промоцијата на новата Vespa 3V во Рим ја прифативме со воодушевување. Благодарение на официјалниот увозник за Веспа во Македонија - Динамикс, претставници на мотори.ком.мк како единствен медиум во Македонија кој се занимава исклучиво со тематика од мото светот беа дел од премиерата на легендарната Веспа.

Веспа како бренд е присутна на пазарот веќе 66 години, период за кој се продадени неверојатни 17.000.000 примероци од оваа икона. Култниот скутер е присутен во 88 земји преку официјални претставништва, а во светот постојат повеќе од 50 Веспа фан клубови, вклучувајќи го и оној во Македонија. Карактеристичниот италијански дизајн е она по што Веспа е препознатлива во светот.

Настанот на кој присуствувавме е од големо значење за Веспа, но и за целата Пијаџо групација. Клучни години во историјата на Веспа се 1946, 1958, 1977, 1996 и 2012. Овојпат Веспа понуди сосема нов агрегат, нов дизајн и значително подобрени перформанси.

Vespa 3V е достапна во неколку модели со зафатнина од 50,125,150 и 300цц, и со две ознаки, LX и S. За новите модели карактеристични се трите вентили по кои е добиено и името на моделите, а агрегатот го сочинува еден цилиндар во четворотактна изведба со воздушно ладење.

Клучните работи кои треба да привлечат нови Веспа зависници се:

  • Помала тежина
  • Воздушно ладење
  • Челична шасија
  • Електронско вбризгување на бензин
  • Намалена потрошувачка на бензин и намалена емисија на штетни гасови

Да се разбереме, далеку од тоа дека Веспа го извади новите модели за да ја зголеми продажбата, доколку го погледнеме бројките од минатите години, од 2008 до 2011 Веспа го зголемила уделот на Светскиот пазар од 18.2 на 20.1%

Дека работите се одвиваат одлично и во самата компанија говори и процентот на продажба во Пијаџо групацијата, вкупно 37% од сите продадени модели се Веспа.

FRV 8529

Овојпат инжињерите во Понте Дела (најдобриот светски центар за производство на мотори) имаа за цел да ја освежат старата и добро позната Веспа. Секако новиот модел не смееше да загуби од ликот, само мали но забележителни корекции беа дозволени, но затоа пак можеа да си играат со самиот мотор колку сакаат. Така после значително тестирање се одлучија за верзија со три вентили и воздушно ладење, а ова е направено пред се заради намалувањето на емисијата на штетни гасови и намалената потрошувачка. За да не остане сето ова на празен муабет, дојдовме и до бројките кои велат дека емисијата на штетни гасови е намалена за 30%, а потрошувачката... што велите за 55км со 1 литар при брзина од 50 км/ч? Премногу добро за да биде вистинито но така е, имавме прилика да го провериме ова при нашето дводневно возење низ Рим.

Технички карактеристики:
Мотор: 4 тактен, еден цилиндар, воздушно ладење
Зафатнина: 124,5 и 154,8
Моќност: 11,6 и 12,9кс

Уште една работа која е променета кај новите модели е курблата. Малиот помошник оди во историјата, а дечките од истражувачкиот центар на Веспа ни одговорија дека се одлучиле на ваков чекор бидејќи се убедени во квалитетот на новиот електронски систем за стартување. Поверувавме во нивната приказна, а кој не би поверувал откако ќе слушне дека целиот системот со се агрегатот бил тестиран на неверојатни 1.000.000км

41-Vespa-S-3V

Кога сме кај бројките да споменеме дека на новите модели сервисниот интервал е зголемен од досегашните 6.000 на 10.000км, а промената на каишот за пренос од сега ќе го правите на 20.000км.

Новите модели од серијата LX ќе бидат достапни во вкупно 6 бои (5+1 боја за туринг моделот), а оние од моделот S ќе можат да се нарачаат во 4+1.

За крај, го напуштаме вечниот Рим полни со импресии од возбудливото возење на прекрасната Веспа низ улиците полни со луди возачи. Ви препорачуваме да ги погледнете во живо новите модели, и воопшто не мислете се за квалитетот, Веспа е бренд.

Целата гама на Веспа може да се погледне кај официјалниот увозник за Македонија - Динамикс. Можете да ги побарате на нивниот  телефонски број ( 02/322 56 79), но најдобро да поминете до нивниот салон лоциран на ул. Рузвелтова во Скопје.

Динамикс е официјален увозник на целата групација на Пијаџо па доколку Веспата не ви прилега, сигурни сме дека ќе најдете нешто по ваш вкус.

Back To Top