Македонскиот мотокрос натпреварувач Виктор Андреевски оствари уште еден одличен резултат во БМУ Европскиот мотокрос шампионат. На петтата рунда, одржана во Хајраболу, Турција, Андреевски го освои второто место во вкупниот пласман во класата MX125.
На патеката „Burak Özel“, долга 1.500 метри, Андреевски настапи со својот KTM за Ендуро Тим Водно – Скопје. Македонскиот натпреварувач се соочи со силна конкуренција, предизвици на патеката и исклучително високи температури, но викендот го заврши со две одлични трки и заслужено место на подиумот.
Од шестото до второто место во првата трка
Во првата трка Виктор имаше солиден старт и тргна од шестата позиција. Со брзо и сигурно возење успеа да напредува до второто место, но мал проблем со моторот го спречи да ја задржи позицијата до крајот.
И покрај проблемот, Андреевски ја заврши трката на третото место во MX125, зад победникот Ефе Окур од Турција и Теоман Масар од Бугарија.
„Во првата трка имав солиден старт и тргнав од шестата позиција. Успеав брзо да стигнам до второто место, но поради мал проблем со моторот ја загубив позицијата и завршив трет.“
Виктор Андреевски
Паметно возење и второ место во втората трка
Во втората трка македонскиот натпреварувач повторно мораше да се пробива напред. По стартот се најде на петтата позиција, но со трпеливо и паметно возење постепено ги минуваше конкурентите и стигна до второто место.
Овојпат Андреевски ја задржа позицијата до самиот финиш, завршувајќи зад Ефе Окур и пред Али Акафа од Турција.
„Во втората трка повторно имав солиден старт, од петтата позиција. Возев паметно и со многу труд успеав да стигнам до второто место и да го задржам до финишот. Со тоа го освоив второто место во вкупниот пласман и се искачив на подиумот.“
изјави Андреевски за Motori.com.mk
Со третото место во првата и второто место во втората трка, Виктор освои вкупно 42 поени и го заврши натпреварувачкиот викенд како второпласиран во MX125. Победник во Хајраболу беше Ефе Окур, додека третото место му припадна на Теоман Масар.
Прва вистинска можност за балкански подиум
Резултатот од Турција е особено значаен за Андреевски, кој по пет одржани рунди се наоѓа на третото место во генералниот пласман на БМУ шампионатот во класата MX125 со 106 поени.
Неговата цел во продолжението од сезоната е да ја задржи позицијата и да остане меѓу тројцата најдобри натпреварувачи во својата класа.
„Најголем предизвик на патеката беа високите температури. Задоволен сум од постигнатиот резултат и се надевам дека ќе го задржам пласманот и ќе останам на подиумот до крајот на сезоната. Овој резултат има многу големо значење за мене, бидејќи ова е мојата прва вистинска можност да бидам конкурент за подиум на балканско ниво.“
додаде Виктор
Благодарност до клубот и поддржувачите
Андреевски упати благодарност до сите кои веруваат во него и му помагаат да настапува во БМУ Европскиот мотокрос шампионат: Ендуро Тим Водно – Скопје, Automotive Group MK, Sparkasse Leasing Macedonia, Power Sport System, Boulevard Bakery, Arte Lingua Print House, O2 Universal, Inhale Plus и Momaz ДООЕЛ.
Следната, шеста рунда од БМУ Европскиот мотокрос шампионат ќе се одржи на 5 и 6 септември во Кортен, Бугарија, каде Виктор Андреевски ќе ја продолжи борбата за место на подиумот во генералниот пласман.

Коментари