Тоа утро, прв се паркирав на паркингот пред АМСМ. Нормално, се појавив во закажаниот термин, всушност, 15тина минути порано (во американската армија се смета, ако на мисија не си 15 мин. порано, значи касниш).
Се разбира, најмалку од сè сакав на мојот прв ФИМ да закаснам. Сепак, сите останати, на чело со капитенот, според „македонски принцип“, длабоко го пробија терминот и според мене (а и објективно), незамисливо каснеа.

Како и да е, конечно сите 10 возачи бевме присутни и спремни да се упатиме кон Соборниот храм, од каде нашето патување, официјално ќе започне. Тука беа и Васил Николовски и Петар Пројковски.
Овие двајца возачи, како што дури тогаш разбрав, одбрале различна рута од нашата и решиле да не користат ферибот, туку патувањето целосно да го реализираат по копнен пат, односно, да возат до бугарскиот град Русе и преку Дунав, да влезат во Романија. Подоцна, низ Романија, да продолжат за Украина, Белорусија, Русија и Естонија.
Ми беше жал за оваа нивна одлука, ми беше жал дека нема да сум заедно со двајца докажани доајени во Македонскиот ФИМ. Воедно, иако почетник, почувствував одредена дискрепанција во самите релации меѓу учесниците, поготово; капитен – поискусни учесници. Ова сознание во одредена мера, кај мене предизвика релативно горчлив вкус. Сепак, духот и чувството беа силни и потполно присутни, а пак вредноста на моралот беше во горниот дел на скалилото, кое го мери.
Тргнавме.
Васил и Перо отидоа пред нас.
Останавме осум мотори.
Мотел Кратер, кафе, Деве Баир... влез во Бугарија и возење низ централна Бугарија, сѐ до Севлиево. Преноќивме во бунгаловите кои се непосредно до самата мото-крос стаза, на која се вози, односно, возеше светско.
Следниот ден продолживме кон Варна.
У тој период Бугарија не располагаше со голем број автопатишта кроз својата територија, но некои 20тина км пред Варна имаше еден дел кој личеше на автопат.
Токму тука, од спротивниот правец, значи супротно движење, од некои од останатите возачи беше забележан Јово Превара, на својата Honda Pan European, како откако нѐ регистрирал, почнал со раката да манифестира одредено мавтање, кое колоквијално означува некаква негација.
Како што подоцна Мите Вегов објаснуваше, веќе тогаш кај него црвот на сомнежот започнал со движење низ ходникот на искушението.
Ова пак за кратко од тој момент, настапи.
Стигаме у Варна. У центар. Прекрасен град. Прекрасен парк... градска плажа... убави луѓе. Булевари... улици и улички. Стари згради... нови згради. Премногу прекрасни спомени од моето најрано детство...
Правец – пристаниште. Брод за Одеса да фаќаме. Пристигнуваме. Додека ние сме надвор, капитенот се упатува во дирекцијата, капетанијата, whatever… за бродот да праша. Следно што се дешава е Зрно, кој со себе при искачање од пристанишната зграда го носи својот кисел израз на лицето. Ова е следно кое го гледам и контам – нешто базично е погрешно.
Едноставно, ферибот за Одеса – нема. Няма такова нещо. Односно, во субјективно-идеалистичкиот свет на г-дин Зрно, сигурно има(ло). Меѓутоа, универзално гледано, не.
Има брод само за пешаци. За нормални луѓе.
Во тој момент сѐ (ми) пропадна.
Имено, невозможно (ќе) е да се отиде на ФИМ. Би морале и ние, како Васил и Пројко да возиме низ Романија, но Васил и Пројко, еден детал ги правеше малку поразлични од нас. Тие поседуваа романска виза во своите пасоши. Ние, не.
Мизеријата во која се најдов, исклучиво тешко беше да се претстави. Толку спремање и планирање. Фантазирање и проектирање. Сонување и мечтаење.
Плус... имав свои луѓе кои ме испратија на реливо. Имав луѓе кои ми помогнаа и кои, на некој начин, како некаква форма на херој те доживуваат (не сакам да звучам претенциозно)... и како сега да им се појавам ним пред очи. На што ќе личи тоа; те испраќаат на долг и предизвикувачки пат, а ти неславно се враќаш дома по два дена.
Всушност, сите бевме утепани на сличен начин. Со тоа што некои (бар јас така го тоа сфатив) и не гледаа со толкава фаталност на новонастанатата ситуација. Беа спремни да со едноставен shift си го продолжат / започнат одморот токму тука. На Златни Песоци. Хотели и коктели... Ноќни клубови... шипки... Бугарки и Украинки. За разлика од нив, јас сакав да се удавам у Црно Море.
Се обидовме да си ја пробаме среќата на товарното пристаниште. Се наоѓа во внатрешноста, односно, лоцирано е во Варненскиот залив. Да видиме, има ли алтернативна опција.
Wishful thinking. Опција – не постоеше. Среќата не ни беше наклонета. Единствено, кое ни преостануваше, беше да седнеме во една механа и добиеме утеха во форма на бугарски ќебапи (јас ги обожувам) и пиво.
Така и сторивме.
… To be continued -продолжува-
Ако го пропуштивте, првиот дел е овде.
Проф. Боби Иванов,
Магистер по Филозофија
Ставовите и мислењата изразени во категоријата Колумни се на авторите и нужно не ги одразуваат официјалните позиции на Мотори.ком.мк
Коментари