Крис Вермулен е следното големо име од мото светот со кој успеавме да договориме интервју за мотори.ком.мк
Кој е Крис Вермулен?
Крис е роден на 19 јуни 1982 во Бризбен, Австралија, во моментот се натпреварува во World Superbike шампионатот како член на Kawasaki тимот. Но ова не е прв настап за Вермулен на Супербајк, во 2004 и 2005 ги бранеше боите на Ten Kate Honda тимот, за потоа да премине во МотоГП. Од 2006-та стана член на Suzuki Rizla MotoGP тимот, соработка која траше до 2009-та година. Потоа тој потпиша договор со тимот на Кавасаки чии бои сеуште ги брани.
Во својата кариера има забележано повеќе успеси, од кои ги издвојуваме шампионската титула во 2003 во World Supersport, вице-шампион во Superbike во 2005, тој има 23 Супербајк подиуми и 10 победи, а има и една победа од три пол позиции во МотоГП.
Познат е по неверојатните перформанси на водени патеки, а во приватниот живот е колекционер на Hot Rod автомобили. Негов ментор беше познатиот Barry Sheene во чија чест на моторот ја вклучува бројката “7”.
Во моментов тој се наоѓа во родната Австралија каде закрепнува од операцијата по повредата со која се здоби од падот на патеката Филип Ајленд во 2010. До почетокот на сезоната во WSBK шампионатот (27-ми февруари) има уште неполн месец, времето го користи за рехабилитација, а одвои време и за неколку наши прашања.
- Што претпочиташ, MotoGP или WSBK и зошто?
Мојот фокус во моментот е на WSBK. Се работи за шампионат во кој е поистакната борбата, тркањето. Возачи од целиот свет можат да ги видат моторите кои и самите ги поседуваат како се натпреваруваат со брзини на ГП мотори. Трките се многу по блиски, се работи за трки во кои секој возач може да победи, не трки во кои победува најдобриот мотор.
- Која е најголемата брзина која си ја развил на мотор?
Мислам дека е 338km/h со GSVR800 во 2009 на патеката Mugello
- Кавасаки го претстави новиот ZX-10R кој имаше можност да го пробаш на патеката Сепанг, што мислиш за него?
Kawasaki и тимот направија одлична работа со моторот. Немав можност да го возам подолго но оние неколку кругови што ги свртев ме импресионираа. Посебно сум задоволен од моторот и од електрониката.
- Која трка ќе ја паметиш целиот живот?
Ги паметам сите трки, но највпечатлива дефинитивно е мојата прва МотоГП победа на патеката Ле Ман во 2007.
- Од 2012 во МотоГП повторно ќе се возат мотори од 1000цц, доколку Кавасаки состави тим дали би се вратил во МотоГП?
Можно е, се зависи од тоа што ќе сака Кавасаки да направи но ќе зависи и од тоа како ќе се одвиваат работите во шампионатот.
- Кој ќе ја освои титулата во WSBK годинава?
Се надевам јас!
- Кое е твоето мислење за повлекувањето на Дукати од Супербајк, дали сметаш дека Роси (парите за договорот во МотоГП) е причината?
Мислам дека тоа е дел од причината но севкупно гледано влијаат повеќе фактори. Имајќи во предвид дека минатата година најдобри возач на Дукати беше од приватен тим, веројатно фабриката размислува зошто да трошат толку пари кога приватен тим може да го добие истиот мотор и истата шанса да го освои шампионатот.
- Кој е твојот сон? Што ќе треба за да речеш –Готово е, го направив тоа, можам да се пензионирам.
Мојот сон е да ја освојам титулата во WSBK или MotoGP, но тоа секако нема да ме натера да се пензионирам. Го сакам возењето мотори, ги сакам предизвиците и верувам во постојана еволуција на моето возење во однос на развојот на моторите и гумите.
- Што е тајната да се биде брз на мокра патека? Како го правиш тоа?
Не знам, најважна работа е да се биде мазен. Кога си мазен си брз.
- Дали се каеш за некои одлуки во твојот тркачки живот?
Не воопшто, го сакам она што го правам и досега не сум се покајал за ништо
- Колку мотори поседуваш и кој е твојот омилен?
Имам 7 мотори, GasGas trial, Beta trial, 2 x RM250-ки, 2 x KLX140-ки и еден стар Harley Davidson. Највеќе ги возам KLX-те, забавни се на земја.
- Кој е твојот омилен Hot Rod?
Мојот омилен модел е 1954 Ford F-100, тоа беше мојот прв хот род и го користам секојдневно низ Австралија.
- Како тренинг постојано возиш крос мотори, дали си размислувал да ја промениш класата?
Не, никогаш не сум помислил да се тркам во мотокрос, навистина е забавно и претставува одличен фитнес тренинг но ќе остане на тоа.
- Кој е најдобриот совет кој си го добил од Бери Шин?
Не гледај назад, веќе беше таму, концетрирај се на патот кој е пред тебе.
- Кој е твојот совет за младите македонски моторџии?
Најважно е да ви биде забавно додека возите, и како што реков погоре, мазното е брзо.