На денешен ден пред 14 години нашиот најуспешен мотокрос натпреварувач Христијан Илиоски за прв пат настапи на трка од Светскиот шампионат во Мотокрос.

Тој настапи на третата рунда од Светскиот шампионат во Мотокрос во класата МХ2 на патеката во Истанбул. Во конкуренција на 37 возачи тој на првата трка заврши на 30 позиција, а на втората на 29-та.

Ова беше прв настап за македонскиот возач на трка од Светскиот шампионат. Со стар мотор и голема желба да се биде помеѓу светската елита, беше чест во живо да се слушне коментаторот на ЕуроСпорт кога изјави „and now we see Hristian Ilioski from Macedonia“. Момент за гордост на сите љубители на мото спортот во земјава. Илиоски настапи на трката со финансиска помош за котизацијата од страна на мото клубот Мото Скопје и секако пријателите и семејството кои постојано беа со него.

Првиот настап на Илиоски на Светскиот шампионат помина без успех, но 2012 донесе момент за историја. Тој настапи на три трки, најпрво во Хрватска каде го освои 28-то место на двете трки, потоа следуваше Словенија со 24-то и 32-ро место, за на трката во Словачка да се избори за 20-та позиција која донесе еден поен од Светскиот шампионат за Илиоски и Македонија.

Оваа година популарниот Кико на првата трка од шампионатот на Македонија во мотокрос забележа јубилеј за почит. На патеката во Милци крај Гевгелија, битолскиот мото-крос возач ја забележа стотата победа во шампионатот. За Илиоски ова беше и 45 славје во низа на трките во земјава, со што само се потврдува неговата доминација. Тој годинава атакува на дванаесетта титула во низа.

Sequence 01.00 09 38 17.Still007 1024x576

Back To Top