Актуелниот MotoGP шампион Жоан Мир смета дека тој е возачот кој останатите треба да го победат. Но доколку Марк Маркез се појави на патеката, тогаш Шпанецот ќе го преземе приматот.

Жоан Мир е актуелен MotoGP шампион но во неговите очи има само еден фаворит во сезоната 2021 а тоа е Марк Маркез. Но сето тоа секако зависи и од фактот кога возачот на Repsol Honda ќе биде целосно подготвен за настап.

Последен настап поранешниот шампион го имаше на патеката во Херез, кога се здоби со фрактура на десната рака.

Веднаш после операцијата Маркез се обиде да се врати на патеката, но се повлече на самиот старт на квалификациите. Тогаш беше утврдено дека се скршила титаниумската плоча која му беше вметната и тој мораше да замине на втора операција. Сепак, на крајот повредата не можеше целосно да заздрави и поради тоа мораше да оди на уште една, трета, операција. Во моментов тој е на рехабилитација и се уште прима антибиотици.

А со оглед на тоа дека се уште се нема качено на мотоцикл, малку е веројатно возачот со број 93 да биде подготвен за тестот во март а исто така се доведува во прашање и неговиот настап на првата трка од сезоната која ќе се вози во Катар.

„Точно е тоа дека кога Марк еднаш ја освои титулата, следната сезона тој повторно беше фаворит за победа“, изјави Мир на прашањето дали смета дека и тој е еден од фаворитите за титулата во сезоната 2021. „Оваа година јас сум возачот кој другите треба да го победат, но не сум фаворит.“

„Мислам дека треба да покажам многу повеќе за да бидам фаворит. Точно е тоа дека минатата година ја освоивме титулата бидејќи бевме конзистентни и паметни.“

„Но исто така знам и дека треба да се подобрам. На хартија ги имаме сите работи кои ни се потребни да ја одбраниме титулата но мислам дека јас не сум фаворит. Јас сум возачот кој треба да го победат, но не сум фаворит.“

 DSC3929 copy

Кој мислиш дека е фаворит?

„За мене фаворит, ако се врати 100 проценти подготвен, е Марк. Тој е главен фаворит. Има поголемо искуство од мене, има повеќе титули, побрз е и тој е возачот кој останатите треба да го победат. Но ако го нема Марк, тогаш не знам кој би можел да биде фаворит. Во тој случај веројатно сум јас.“

„Но ако тој е на патеката, дефинитивно е фаворит.“

Мир ја почна минатата сезона без да се искачи на подиумот а на две од првите три трки, заврши на позиција која не носи поени. Сепак на крајот тој му ја донесе на Suzuki првата титула по 2000-та година.

„Со нетрпение чекам да почне новата сезона. Сакам да уживам и да напредувам. Тоа е мојата цел за оваа сезона. Ќе бидам пресреќен ако повторно успеам да ја освојам титулата“, вели Мир.

„Тоа е целта но во исто време сакам и да бидам подобар. Сакам да освојам повеќе пол позиции и сакам да победам на повеќе трки.“

Единствениот возач на Suzuki кој освои неколку титули во класата од 500cc беше Бери Шин во сезоните 1976 и 1977.

Back To Top