Сезоната 2020 беше неверојатна. Видовме девет различни победници а петнаесет возачи се искачија на подиумот. Има голем број на кандидати кои би можеле да се борат за титула во сезоната која е пред нас...

2020-та беше чудна и тешка година за многумина од нас. Пандемијата ги промени нашите дневни рутини. Една од работите кои ни помогнаа барем за момент да се ослободиме од постојаните стресови и грижи беше неверојатната сезона во MotoGP. Во годината која беше полна со несигурност, MotoGP ни овозможи барем за момент да уживаме и да се опуштиме.

Некои од податоците минатата сезона се навистина неверојатни. Имаме девет различни  победници а петнаесет возачи успеаа да се искачат на подиумот. Дебитант победи на една трка, Јужна Африка и Португалија за прв пат имаа победник на една трка од Премиерната класа, прва победа постигнаа КТМ и Tech3, за прв пат по 2007 година Ducati ја освои титулата кај конструкторите а Жоан Мир стана Светски шампион. Да не заборравиме и дека по 20 години, Suzuki успеа да стигне до титулата. Воопшто не беше лошо, нели?

Сега е време да се подготвиме за сезоната која е пред нас. Пред стартот на секоја кампања, секогаш се обидуваме да погодиме кој ќе биде новиот шампион. Тоа е секогаш интересна дебата. Во минатото, двајца, тројца па можеби и четворица возачи беа главни кандидати за титулата. Сепак, во пресрет на првиот тест во Катар, има најмалку десет возачи за кои слободно може да се каже дека имаат шанси да дојдат до главната награда. А што е уште поинтересно, листата би можела да се зголеми по завршувањето на првата Гран При трка во Катар.

Актуелниот шампион Жоан Мир секако дека е еден од фаворитите. Шпанецот беше еден од најконзистентните возачи минатата сезона.  Тој и Suzuki можеби не беа секогаш најбрзи но беа конзистентни.

joan mir esp dsc3657.middle 1

Фабио Куартараро (Monster Energy Yamaha MotoGP), Франко Морбидели (Petronas Yamaha SRT) и Мигел Оливеира (Red Bull KTM Factory Racing) можеби постигнаа повеќе победи од Мир но возачот на Suzuki дури седум пати се искачи на подиумот.  За разлика од него, Франко Морбидели само пет пати заврши меѓу најдобрите тројца возачи.

Сега откако ја освоија титулата, Мир и Suzuki сигурно ќе се обидат и да ја одбранат.

Со заостанување од 11 поени, веднаш зад Мир заврши Франко Морбидели. 2020-та беше голема година за Италијанецот, кој да не заборавиме, настапуваше со постара машина. На крајот, можеби тоа се покажа и како подобра опција. Трите победи и двете места на подиумот му помогнаа да направи предност од  19 поени во однос на третопласираниот возач на табелата, Алекс Ринс (Team Suzuki Ecstar). Возачот со број 21 имаше навистина интересна година.

Поради проблеми со моторот го пропушти местото на подиумот на втората трка од сезоната а падот во Австрија беше прилично страшен. Дури и Морбидели призна дека тоа му бил еден од најстрашните моменти во кариерата. За среќа, Морбидели успеа да се спаси и докрај се бореше за титулата.

Иако Yamaha победи на половина од трките минатата година, Морбидели беше единствениот возач кој се најде меѓу петте најдобри по завршувањето на сезоната. Тимот мора да го направи својот мотоцикл многу поконзистентен доколку сака да го предизвика Suzuki. Морбидели повторно ќе настапи со постара машина и многумина сметаат дека тоа е погрешен чекор. Но после неверојатната сезона која ја имаше, Италијанецот со нетрпение го чека новиот предизвик.

lg69725.middle 2

И Ринс ќе ја почне сезоната како еден од фаворитите. Сигурно се прашувате зошто? Иако на неколку трки минатата година тој возеше повреден, сепак резултатите кои ги постигна беа неверојатни. Падот кој го имаше на првата трка му влијаеше врз поголемиот дел од сезоната но и покрај тоа заврши на третото место.  Четвртото место во Чешка, само три недели по тешката несреќа, сигурно може да го вброиме како еден од неговите најдобри настапи минатата година.  Некои можеби не се сложуваат, но токму во тој момент Ринс покажа дека може да се бори за титулата.  Несреќите кои ги имаше во Австрија и Франција сигурно влијаеа врз конечниот резултат, но низата од четири подиуми на пет трки, вклучувајќи ја и победата во Арагон, јасно го покажува она што сите ние веќе го знаеме: Ринс е еден од најбрзите возачи на патеката.

Веќе зборувавме за една Yamaha а сега ќе зборуваме за други двајца нивни возачи. Сезоната почна одлично за Куартараро кој на трката во Херез стигна до победа. 25 поени додаде на втората трка. 50-те поени секако дека го вметнаа Французинот на листата на фаворити, но сезоната не се одвиваше според плановите.

Неконзистентноста беше главен проблем за Куартараро, Маверик Вњалес (Monster Energy Yamaha MotoGP) и Валентино Роси (Petronas Yamaha SRT). Имаше моменти кога нивниот мотоцикл беше најдобар на патеката но имаше и периоди кога тој не беше ниту меѓу петте најдобри мотоцикли. На крајот Куартараро заврши на осмото место со заостанување од 44 поени зад Мир и 31 поен зад тимскиот колега Морбидели.

Слична беше приказната и на Вињалес. Добро ја почна сезоната а потоа слично како и Куартараро имаше пад во формата. Првата победа во сезоната ја постигна дури во Мисано. За жал тоа не беше доволно за да се вклучи во борбата за титулата а на останатите седум трки тој не успеа да се искачи на подиумот.

Но и покрај тоа што минатата година не беше успешна за Вињалес и Куартараро, фабричкиот тим на Yamaha секако дека е еден од фаворитите за титулата. Ако новиот YZR-M1 се покаже како конзистентен мотоцикл, тогаш тимот има големи шанси да дојде до титулата.

meym vinales quartararo 15.middle 3

Не смееме да го заборавиме Ducati, тимот кој имаше големи промени. Џек Милер и Франческо Бањаиа доаѓаат на местото на Андреа Довициозо и Данило Петручи.  Двајцата возачи веднаш влегуваат на листата на кандидати за титулата. А со оглед на тоа дека и двајцата се млади, Ducati одлучи да вложи во иднината на тимот со надеж дека за брзо време ќе дојдат до титулата, нешто што не им успеало уште од 2007 година кога шампион беше Кејси Стонер.

Во Милер, тимот доби возач кој постојано ги завршуваше трките минатата година. Беше блиску до победи во Валенсија и Австрија а на крајот, возачот кој доаѓа од Австралија освои четири места на подиумот. Новите бои сигурно малку го зголемија и притисокот но нема никакво сомневање во однос на тоа дали Милер е подготвен за првата победа со Desmosedici. Ако победата дојде на почетокот на сезоната, тогаш во игра е и освојување на титулата.

43 jack miller aus dsc5404.middle 4

Бањаиа имаше навистина возбудлива сезона. Големо разочарување претрпе на Андалузиската Гран При трка а падот во Чешка значеше и скршеница на ногата поради што мораше да ги пропушти следните три трки. Се врати во голем стил на домашната трка. Иако се уште не беше доволно опоравен успеа да дојде до второто место . Слениот викенд во Мисано, Бањаиа покажа за што е способен.

Единствениот возач кој можеше да му се спротистави беше Вињалес. На крајот Пеко направи грешка во свиокот број 6 и на Вињалес му ја препушти победата. За жал вториот дел од сезоната не беше така успешен но останува фактот дека Бањаиа, како возач на фабричкиот тим на Ducati,  сигурно е еден од возачите кои ќе се борат за титулата.

francesco bagnaia itae 8300.middle 4

Досега набројавме седум возачи а се уште не сме стигнале до производителите. Прво, ајде да зборуваме за КТМ. Минатата година тие за прв пат победија на една трка во MotoGP.  Победата на Бред Биндер во Чешка беше едноставно неверојатна а веќе на следниот настап во Австија, иако стартуваше од седумнаесетото место, на крајот успеа да дојде до четвртата позиција. Иако овие две позиции му беа најдобар пласман минатата година, возачот кој ја освои наградата „Дебинатнт на годината“ имаше импресивен настап во текот на целата 2020-та. Понекогаш можеби не беше конзистентен, но не смее да се заборави и дека беше дебитант.

Кога зборуваме за неверојатна година, не може а да не го споменеме Мигел Оливеира. Еден од моментите кои ја одбележа минатата сезона сигурно беше трката во Австрија кога во последниот свиок, од третото тој изби на првото место. Оливеира успеа да се протне меѓу Милер и Пол Еспаргаро и на Португалија и Tech3 да им ја донесе првата победа во Премиерната класа.

Се до последната трка од сезоната Оливеира постојано беше меѓу најдобрите шест возачи на патеката. Сите со нетрпение ја чекаа последната трка во Портимао, домашната патека на Оливеира. Она што го направи Оливеира за време на трите дена беше блиску до перфекција. Пол позиција, најбрз круг и победа.  Ниту еден возач не успеа да му се приближи и трката ја заврши со победа и предност од три секунди зад второтпласираниот возач. Секој кој мисли дека Биндер, Оливеира и КТМ не можат да се борат за титулата, сериозно го потценува нивниот потенцијал.

jack miller aus 44 pol espargaro esp 88 miguel oliveira dsc1585.middle 5

Успеавме да дојдеме до тука без да го споменеме најдобриот тим во историјата на MotoGP.  Но не грижете се, не го заборавивме Repsol Honda. Не трба да се каже дека Марк Маркез е фаворит но се поставува прашањето дали Шпанецот е доволно опоравен за да се бори за место на подиумот и за победа. Дури ни самиот Маркез не е сигурен во тоа.

На другата страна на гаражата е Пол Еспаргаро кој од КТМ премина во Honda. Минатата сезона за возачот со број 44 беше одлична откако успеа да дојде до пет места на подиумот а сезоната ја заврши на петата позиција. Несреќите во Чешка и Австрија, каде без сомневање беше најбрзиот возач на патеката, се единствениот лош момент кој го имаше минатата година.

Помладиот од браќата Еспаргаро беше блиску до победа во Австрија и покажа дека е способен за тоа. Сега, кога е дел од тим кој е препознатлив по победите, се чини дека е исполнета и последната точка.

team launch factory 2021 01289 2.middle 6

Досега набројавме 11 возачи кои го имаат она што е потребно за да се борат за титулата. Тоа е половина од возачите на патеката. Во текот на сезоната сигурно оваа бројка и ќе се зголеми. Тука е и Валентино Роси кој не смее да се заборави. За „Докторот“  ова ќе биде 26-та сезона. Иако нема победа уште од 2017-та година, сепак минатата сезона во Херез и Каталуња покажа дека се уште може да се бори за врвот.

Алекс Маркез и Такааки Накагами покажаа потенцијал додека пак Tech3 KTM Factory Racing во Данило Петручи и Икер Лекуона  имаат добра комбинација на искуство, младост и брзина. За многумина тие не се меѓу фаворитите но сигурно можат да се борат за место на подиумот.

Истото важи и за Јоан Зарко од Pramac Racing кој покажа дека е способен да се искачи на подиумот. Останува времето да покаже дали Французинот ќе може да се бори за титулата сега откако најде нов дом.

На крајот на денот, возачите и мотоциклите кои се дел од серијата се најдобрите во светот. MotoGP е навистина компетитивно натпреварување и невозможно е со сигурност да се каже кој ќе биде победник. Првите неколку трки од сезоната ќе ни најават што можеме да очекуваме но конечниот одговор ќе го добиеме во ноември.

Back To Top