Точно десет години локалниот Мото клуб „Охрид“ претставува вистински културен промотор и амбасадор на градот ширум европските земји.
Точно десет години локалниот Мото клуб „Охрид“ претставува вистински културен промотор и амбасадор на градот ширум европските земји. Иницијативите за негово основање каде ќе се гаат заедничките интереси на ова супкултурно движење, датираат од крајот на 90-тите години.
Така, потребата од дружење и информации, љубовта и страста кон моторите, начинот на живот, спортското делување и заедничките интереси, доведуваат до создавање на клубот во 2003-та година.
„Во принцип, уште од крајот на 90-тите години имаше неколку иницијативи за формирање на мото клуб. Со оглед на тоа што информациите ги прибиравме претежно од скопските здруженија, се јави потреба за сопствен локален клуб со кој кај луѓето ќе се наметне сообраќајната едукација и културата во возење. Имавме два состаноци за формирање и на 24-ти април 2003-та година се одлучивме на ваков чекор. Интересно е тоа што клубот е полу-приватен, а го создадовме со сопствени средства. Во статутот стои дека јас, Неим и Небојша како основачи сме претседатели на истиот, а се менуваме наизменично на секои две години. Имаме и секретар, Павле Вучетиќ, кои ги врши техничките работи.“ - вели Људмил Цветаноски, еден од основачите на Мото клубот „Охрид“.
Мото клубот „Охрид“ е од отворен тип, наменет за сите оние кои сакаат дружење и забава, односно за оние кои не гледаат да ги остварат личните интереси преку зачленување во истиот.
„Постојат два типа на клубови. Едните се оние кои што се строго хиерархиско подредени, а членовите имаат различни чинови. Во истите не може секој да пристапи, доколку не волонтирал или не ги исполнува условите. Од друга страна, ние сме отворен клуб, а единственото што не спојува е искрената љубов кон моторите. Не сме добредојдени за оние гледаат преку клубот да остварат личен профит. Најбитното од се е почитување на правилата во сообраќајот и културата во возење.“ - додава Цветаноски.
Во моментов, Мото клубот „Охрид“ брои околу 140 членови, од кои 50-тина се активни. Организацијата на активностите е поделена од локален, републички и интернационален аспект.
„Локално, главна цел е организирање собири и пречекување гости од другите клубови. На републичко ниво, секоја година учествуваме на релито Македонија, кое се оддржува по повод независноста на земјава. Единствена манифестација која од осамостојувањето до денес се оддржува во континуитет. Интернационално, имаме тури низ европските и балканските земји, но и подалеку.Тука е европското рели на кое секоја година се собираат моторџиите на различно место. Веќе 12 години сме дел од истото со наши возачи и претставници, а нивниот број зависи од периодот и финансиските средства со кои располагаме.“ - потенцира Небојша Маткоски, актуелен претседател на клубот.
Охридските моторџии делумно го имаат извозено европското тло, а Нордкап на северот од Норвешка се наведува како најдалечна дестинација која е „освоена“ од основањето на клубот.
„Сме возеле од Шведска, Германија, Шпанија, Португалија, балканските земји, Тунис, азискиот дел од Турција. Секаде каде што одиме, ја претставуваме нашата држава. На оние официјални собири каде сме пријавени, се свири македонската химна. Вон границите, задолжително се вози со македонско знаме и она на мото клубот, во чие лого е вметнат знакот на градот Охрид. Со нас носиме доста пропаганден материјал, се запознаваме со луѓе пред кои ги претставуваме убавините на нашиот град. На еден начин, придонесуваме за туризмот во Охрид. И сето тоа со наши средства, без никаква поддршка од институциите. Сме имале помош од општината, но таа била симболична.“ - додава Маткоски.
Според евиденцијата на Мото клубот „Охрид“, во градот под Самоиловата тврдина преноќуваат околу 6000 странски моторџии на годишно ниво. Како што истакнува Неим Керимовски, Охрид претставува крстосница и вистинска „Мека“ за моторџиите.
„Првиот викенд од мај, во Охрид ни доаѓаат на гости членови од скоро сите македонски клубови, но и наши познаници од поранешните братски републики, како и од Бугарија и Грција. Некои идат по наша покана, некои самоиницијативно, а трети по препорака. Нашата статистика вели дека во Охрид доаѓаат околу 6000 моторџии од целиот свет. Некои остануваат на ден, два, додека други преноќуваат и по десет дена. Нашиот град постана вистинска дестинација, за сите оние кои тргнале на долг пат. Оние од јадранот кои се движат кон Грција и Северна Африка остануваат тука, но и оние кои патуваат во обратен правец. Најдобрата промоција и реклама за турзмот е од човек на човек, доста често бесплатно помагаме доколку некој моторџија го снајде дефект. Тоа е онаа колегијалност која владее помеѓу сите моторџии во светот.“ - потенцира еден од основачите, Неим Керимовски.
Карактеристично за нашите сограѓани е книгата на пријатели, во која своја впечатоци оставаат сите добронамерници кои го посетиле локалниот Мото клуб „Охрид“.
„Имаме книга каде впечатоци запишуваат сите оние кои ќе не посетат. Секој наш гостин се запишува во истата, дополнуваат каде патувале, кога заминуваат, оставаат адреси, датуми и контакт телефони. Сето ова останува како спомен за едно големо гостопримство и пријателство, а неретко некои доаѓаат повторно навраќаат во Охрид.“ - додава Керимовски.
Она што се наведува како недостаток кај охридските моторџии е поголема поддршка од институциите, за организарање масовни мото-собири кои би привлекле гости од сите земји ширум светот.
„Секаде каде патуваме во странство, општините стојат зад тие масовни собири како спонзори. Сами не можеме да успеме. Охрид е идеално место за организирање на таква манифестација. Потребно е сместување за различни категории моторџии, дали во шатори, приватно сместување, авто-кампови или хотели. Потребно е обезбедување звучно име од музичкиот свет, а сите знаете дека слушаме рок музика. Колку повеќе се инвестира, толку повеќе се добива. Организациски ни е потребен простор за оддржување на таков собир, како и бина за изведувачите, трошоци кои би ги покрила општината. Не не интересира профитот. Ние сме одговорни за дружењето и за тој дел од организацијата. Исто така, потребна ни е канцеларија каде сите заинтересирани ќе можат да се обратат. Така полесно ќе функционираме и ќе бидеме подостапни за јавноста, но и за сите заинтересирани кои се вљубеници во моторот.“ - велат од Мото „Охрид“.
Зимскиот период е карактеристичен за гаражирање на моторите, но нашите сограѓани велат дека до крајот на месец ноември се уште постојат услови за возење во некои од соседните земји.
„Имаме уште две-три „вожњи“, претежно индивидуални во Албанија и Грција. Зимскиот период е за подготовка. Во потрага сме по канцеларија. Ние како клуб се оддржуваме од членарина, а трошоците сами ги покриваме. Исто така, плаќаме на Мото федерацијата како нејзини членки. Имаме неколку спонзорства од приватни фирми, кои сосптвеност на наши членови. Нашата цел е сите оние кои сакаат да возат мотор, вистински да ги упатиме во сообраќајна култура. Неоддамна имавме акција, за носење заштитна опрема и кациги на возачите на мотори. Треба навистина позитивно да се влијае кај почетниците, со цел почитување на правилата во сообраќајот.“ - завршуваат членовите на Мото „Охрид“.
Текс и фото: „OhridNews.com“