По силната форма која ја покажаа Bautista и неговото Ducati Panigale V4 R, особено во вториот дел од сезоната, освојувањето на титулата дојде како формалност. Но дали беше навистина лесно?
Многу е лесно да се каже дека победил најдобриот мотор, кога ги гледаме работите од страна. Секако дека најдобриот мотор не стига сам на целта? Дали тој што го вози најдобриот мотор прави грешки или максимално ги користи алатките кои му се на располагање? Дали најбрзиот мотор е најдобар во секој поглед? Ќе се обидеме да одговориме на овие прашања во текот на оваа анализа за тркачкиот викенд во кој го добивме новиот шампион на WSBK, Alvaro Bautista.
Race 1
Бодовната предност на Alvaro пред останатите двајца конкуренти беше доволна за комфорно да ги извози трките во Индонезија на патеката Мандалика, која, по којзнае кој пат, доби нова асфалтна подлога.
Реално имаше само еден конкурент во борбата за освојување на титула затоа што ако Toprak заостануваше со теоретски дофатливи 17 бода, тогаш Rea практично отпадна со шанса од само еден бод во своја корист доколку Шпанецот не освоеше ниту еден бод до крај на сезоната.
Со оваа комбинаторика на ум стартуваше и првата трка по најлудите квалификации во оваа сезона. Имено новата асфалтна површина покрај тоа што им остави тесна тркачка лента на “зелената” површина, заради тоа што е практично без претходно гумиран дел на идеалната тркачка траекторија, дополнително надвор од оваа патека се наоѓа површина која е полна со прашина и која делува како вистинска стапица. Па затоа и имаше толку падови од кои меѓу другите и Iker Lecuona заврши со тркачкиот викенд уште пред да започнат трките, по еден страшен пад кој го повреди младиот возач на Honda. Напукнат пршлен е резултат на падот. Lorenzo Baldassarri (SSP) може да биде пресреќен по неговиот пад кој заврши без сериозни повреди, откако слета на неговиот врат. Без фантастичната заштитна опрема сигурно ќе имавме уште еден црн викенд.
Причина за големиот број падови е секако одличниот контакт кој го нуди новиот абразивен асфалт, но и преодот на лизгавата подлога надвор од чистата идеална линија на движење, по што нема време за навремена реакција. Токму ова го посочи Rea кој заостануваше дури цела секунда зад Турчинот, за кој изјави дека возел како да не го гледа валканиот дел од подлогата и едноставно возел без калкулации. Веројатно има вистина и во тоа затоа што единствено така можеше да се надева на некакви слаби шанси за задржување на титулата, но вистина е и дека Toprak еднсотавно има неверојатно чувство за тоа што се случува под неговите раце и нозе. Контролата што ја има развиено на турските улици со неговиот, сега веќе починат, татко каскадер, додека ги правеле сите оние трикови со мотоцикл го научило да се прилагоди на непредвидливите услови на обичните улици. Нема таму посебни контролирани услови затоа што тие улици се користат за нормален сообраќај.
Toprak стартуваше од првата позиција, а веднаш зад него се протна одличниот Locatelli кој успеа да го помине Rea на стартот. Rea изгуби по првиот свиок и од Bautista, но за кратко ја поврати позицијата колку да покаже дека не е се уште за пензија. Дури и продолжи напред претекнувајќи го и Locatelli, па се чинее дека конечно ќе го прекине победничкиот пост. За негова несреќа, забавата му траеше 8-9 круга кога беше стигнат од Bautista и претекнат во 13-тиот десен свиок во еден изненадувачки напад. Имено сите ја замеруваат моќта на Ducati и леснотијата со која ги поминува “малецкиот” Шпанец, на правците, но во оваа трка како да сакаше да им докаже на сите дека може да претекнува и во свиоци, па скоро сите претекнувања ги направи токму во кривините. Досегашната сезона ни покажа дека Ducati потешко врти и од Yamaha и од Kawasaki, па новиот шампион се потруди да не разубеди во претпоставката дека е шампион само заради моторот. Тука и се заврши возбудата во првата трка, затоа што Турчинот беше пребрз за Шпанецот, а овај пак пребрз за Британецот. Toprak ја преживеа првата меч топка, додека Rea и математички испадна од комбинација.
Superpole Race
Вообичаено возбудливата трка од 10 круг без многу тактизирање и чување на пневматици не не разочара ни овој пат. Повторно старт според резултатите од квалификации како и во првата трка, но резултатите од оваа трка покрај тоа што се бодуваат, го одредуваат и стартот на втората трка, па има двојна важност. Прв повторно стартува Toprak, зад него повторно се пробива Locatelli, па Rea, додека Bautista паѓа од 5-тата на 6-тата позиција. Меѓу тројцата конкуренти се пробиваат Locatelli, Basanni и Lowes што им дава малку простор за дишење на Toprak и Rea, па можат да се наптреваруваат без да им пречи Bautista. За сега. И навистина Rea успеа да избие напред и да води 4-5 круга додека Toprak ги чуваше пневматиците па на 3 круга пред крај повторно нападна и си го врати првото место назад. За Bautista беше преризично да го нападне Locatelli и се помири со четвртото место. Toprak ја преживеа и втората меч топка.
Race 2
Оваа трка можеше да ни го донесе победникот ако се одлучеше Bautista да го следи Турчинот за освојување на титулата, но формата која ја покажа укажуваше на нешто сосема друго. Шпанецот не сакаше да ја освои титулата без да покаже дека навистина ја заслужува, па по стартот по кој падна за момент на четвртото место, полека почна да напаѓа кон првото место. Прво го реши Locatelli, исто во 13-тиот свиок, па се пушти по Toprak, кој ја изгуби првата позиција од Rea уште на стартот, па го следеше Британецот неколку круга. Во петтиот круг кога почна да го чуствува Bautista зад него се реши на напад и ја врати првата позиција од Британецот. За кусо време и Baiutista го мина Британецот и се впушти во потера. Потерата траеше неколку круга и откако се обидуваше да го претекне во свиоците на крај го помина на стартно целната рамнина, додека во боксот го гледаше истата менаџерска екипа на Ducati, која пред една недела присуствуваше на слична сцена во MotoGP.
На 8 круга пред крајот Bautista и Toprak успеаа да си ги заменат позициите дури двапати. Ова беше спортско одмерување на силите и преубава трка иако реално Шпанецот можеше мирно да си ја заврши трката на втората позиција. На крајот на 6 круга пред крајот Alvaro мораше да попушти пред нападите на Турчинот и веќе ја потроши муницијата. Влезе како втор во целта, но и како нов шампион на Ducati!
Емоциите беа толку јаки што немаше грам сила во него да ја прослави на нозе титулата. Едноставно притисокот за да испорача си го направи своето, особено ако го знаеме минатото на ова партнерство. А и Шпанецот не е веќе млад и надежен потенцијал (37) туку реализиран возач кој има еден тон искуство и во WSBK и во MotoGP.
И ако смета некој дека може само со силен мотор да им парира на фантастичните, шесткратниот шампион Rea, и маестралниот шампион Toprak, тогаш сигурно не се разбира многу од трки.
Точно е дека е полесен 25 килограми од Scott Redding кој го возеше истиот мотор 2 сезони, но Шпанецот покажа константост и брзина на сите патеки што на крајот му ја донесе титулата.
Веќе се најавени суперконцесии за да се изедначат перформансите на оние кои заостануваат, но пред се ќе ќарат Honda и BMW, заради слабите резултати, а овој поредок на силите ќе ни овозможи и следната сезона да гледаме фантастични дуели!
Пред тоа ни останува уште трката на Phillip Island, на која ќе влезат растеретени од борбата за освојување на титулата и можно и секое сценарио на патеката која нуди многу возбудувања.