По овој викенд полека се поедноставува борбата за титула во WSBK, но не се намалува интензитетот дуелите во трките.

Веројатно луцкастиот Luigi Gigi Dall'igna задоволно си ја чешка брадичката по овој викенд. Причини има повеќе. Ducati победи и во двата највисоки шампионати, лидери се на табелата кога е во прашање тимската титула, водат во конструкторскиот поредок како и во поредокот на возачи! Што може човек да посака повеќе? 

Race 1 

Минатата година на оваа патека во првата трка победи актуелниот шампион Toprak Razgatlioglu, и со тој мајндсет настапи и оваа година откако поведе од самиот старт. И навистина се делуваше прикладно затоа што зад него беше Rea, па Lecuona, па дури потоа најбрзиот во шампионатот Bautista. И на квалификациите вака беше распределбата на силите, но за жал на Турчинот и Британецот, Шпанецот се “раплинува” како што одминува трката. Сега не му беше потребен ниту цел круг за да го преземе водството дури и со полн резервоар, нешто што му е вообичаено проблем на Шпанецот со детско лице, но убиствен инстинкт. Уште пред долгиот правец ги претекна Lecuona и Rea, а во осмиот свиок по долгиот правец го реши и Турчинот. Toprak знае дека нема време за губење и дека залудни се нападите откако ќе се “залаумфа” машинеријата Baucati , па веднаш нападна во деветиот свиок. За жал тоа беше крај за неговите шанси за победа, откако ни неговото познато касно кочење не го спаси од пад. Едноставно беше прерано за таков напад. Веднаш продолжи да трча по моторот, но знаеше дека тука завршува трката. Тоа им беше јасно и на неговиот тим кој заедно со младиот сонародник Can Öncü гледаа во очај додека актуелниот шампион се обидуваше да се врати во трка. За тоа време Шпанецот го изгуби водството и конечно му се посреќи на Rea кој ја искористи можноста и го презема водството пред Bassani и Lecuona. Сигурно ова е најдобрата шанса за победа за шесткратниот шампион? Не баш. Веднаш беше нападнат од младиот Италијан и падна на втората позиција. За кратко го престигна и Bautista кој го помина младиот сонародник на Honda и се упати кон Bassani. Како предатор неуморно го бркаше и го престигна младиот Италијан во 7-миот круг и веќе не го испушти водството до крај. На Rea не му остана ништо друго туку да го следи Италијанот на Ducati и да проба да го фати на искуство. Тоа и се случи на четири круга пред крај и ја задржи втората позиција до крајот. Ова е веројатно и една од подобрите трки на Британецот затоа што успеа да победи барем едно Ducati и донекаде да му се приближи на победникот Bautista, но тоа едноставно не е доволно за освојување на уште една титула. Toprak на крајот успеа со одличното возење да заврши како 15-ти за само еден бод. Уште подалеку од титулата и голем удар за неговите аспирации. Сепак ова се грешки кои одат на сметка на неконкурентниот мотор со кој прави чуда, или на сметка на доминантната комбинација на Alvaro и Ducati. Едноставно не се надокнадува изгубеното на правците со било какво сопирање во свиоците.

Superpole Race

Кусата трка за фаќање на фаворитот неспремен, кога нема можност да го распафта црвениот мотор и да избега во далечината? Да тоа е единствената шанса за да се одземе по некој ситен бод на човекот кој навистина делува непобедиво. И по целата трка која победи во претркување на тројката која цела сезона ни приредуваше преубави дуели, на крајот Турчинот ја реши победата во последиот круг во истиот тој деветти свиок во кој го изгуби водството, а и трката претходниот ден! Навистина покажа по којзнае кој пат и знаење и истрајност и талент да нападне во вистинкиот момент. По ова дури ни Bautista немаше одговор на цврстио напад на Toprak. Rea мораше да се задоволи со третото место, нешто што му стана вообичаено во оваа сезона.

Race 2

Стартувајќи по редоследот од кусата трка, Rea успеа да ги претекне конкурентите од третата позиција и да поведе пред Rinaldi, Toprak, Lowes и Bautista. Сега мора да го победа Шпанецот кој бега се повеќе во поредокот на возачи? Аха, важи…

До крајот на првиот круг го помина Турчинот на долгиот правец пред осмиот свиок, без никаков проблем и продолжи кон второто Kawasaki додека на врвот другото Ducati симултано го претекна Rea. Очигледна е предноста на италијанскиот мотор особено на правците каде максималната брзина е без конкуренција. Затоа е и итно потребна најавената Супер Концесија со што ќе се обидат да ги израмнат перформансите на моторите со што би добиле поблиски дуели и поизрамнета борба.

За жал веројатно е дека Honda и BMW ќе се “офајдат” најмногу од промените затоа што имаат најслаби резултати, додека Kawasaki и Yamaha сепак се борат за победа на скоро секоја трка. Ќе видиме, да не избрзуваме, затоа што деталите за начинот на кој ќе се имплементираат овие правила сеуште не се објавени.

Да се вратиме на трката. Rea се обиде во деветтиот свиок да нападне за водство, но наместо тоа ја изгуби и втората позиција од неговиот колега Lowes, па на следниот свиок ја изгуби и третата позиција правејќи грешка и паѓа на дури седмо место. Тоа е крај за Британецот и обидот да се прекине победничкиот пост. Напред продолжуваат Rinaldi, Lowes, Bautista и Toprak. По неколку круга Bautista се наоѓа на врвот, а по него и Toprak, додека полека попуштаат Lowes и Rinaldi. Послендата промена доаѓа кога Rinaldi прави грешка во фамозниот 9-ти свиок и ја препушта позицијата на Lowes, а за кусо време и на Rea. Rea го претекнува Lowes на 6 круга пред крајот и тоа е конечниот поредок на првите тројца. Alvaro, Toprak и Rea по којзнае кој пат. Ова е и веројатниот конечен поредек во конекуренција за возачи иако сме на уште 2 викенда до крајот и 124 бода за победи во сите трки, но Alvaro веќе води пред Rea со скоро недостижни 98 бода, а пред Toprak со исто така високи 82 бода! Навистина треба да се случи големо чудо за да освои 20-30 бода за да не ја освои титулата, а и во тоој случај ќе треба да се договорат Rea и Toprak кој ќе ги освои останатите трки, затоа што инаку ќе си одземаат бодови еден од друг…а тоа нема да се случи. Ако ништо друго ни остануваат уште трките во Индонезија и лудото финале во Австралија пред зимската пауза и уште една нова сеозна на првенството што станува се поинтересно. 

Иако, заради недостаток на ресурси, не ги покривавме и пониските класи сепак не може да игнорира феноменот Dominique Aegerter кој се сели следната сезона во WSBK како стар, а веројатно и нов шампион од SSP, но во исто време и старо нов шампион во MotoE!? Тоа е навистина уникатно постигнување и некарактеристично за современите возачи кои понекогаш бараат скоро идеални услови за натпреварување. Возење во различни класи беше сосема вообичаено во минатото кога гладијаторите од тимот на скоро починатиот Phil Read победувале во различни класи во трки кои се возеле и во ист ден! Со него се сели и второпласираниот депитант Lorenzo Baldassarri кој вози одлично, но едноставно нема шанси покрај расположениот “Доминатор”, како и Австралиецот Remy Gardner со што сериозно ќе се збогати оваа класа!








Back To Top