Mandello del Lario е домот на најстарата европска марка за мотоцикли Moto Guzzi нешто повеќе од еден век! Затоа е токму ова име прикладно за последниот модел на оваа славна италијанска марка.

Moto Guzzi V100 Mandello

Знаеме која класа е најпопуларна во последните години и навистина треба да се запрашаме дали новиот модел на Moto Guzzi, не задоцни десетина години, или се уште има фраер(к)и кои би му се израдувале на спортскиот турер V100 Mandello?

И кога ќе се погледат флуидните линии кои започнуваат со елегантниот преден оклоп, па се спуштаат преку резервоарот до седиштето завршувајќи со округли задни светла кои повеќе личнат на издувни цевки отколку на сигнални светла, навистина заигрува емоцијата.

Специјална серија V100 Mandello Aviazione Navale 

Инсирацијата за дизајнот се секако славните тркачки претци на оваа италијанска убавица која се гордее со своето славно минато, надополнета со современа технологија што заедно нуди една интересна мешавина што му дава на овој мотоцикл шмек на рестомод.

Да се настапи во друштвото на прекалените Kawasaki Ninja 1000SX, Suzuki GSX-S1000GT Yamaha Tracer 9, Honda NT1100, BMW R1250RS, или на братскиот конкурент Aprilia Tuono V4, не е доволно само искуството на трките во Le Mans, туку е потребна и гопема самодоверба која ја црпи од напредната технологија како на пример сосема новиот мотор или активната аеродинамика!

А моторот е секако поставен надолжно во V формација, како што и долукува на секој Moto Guzzi, поставеност што задолжително повлекува класично “завлекување” на моторот при секое поодлучно завртување на десната рачка, но новата контра баланс осовина го сведува ефектот на минимум, колку да се знае дека сепак возите мотор од легендарната марка. Со овие подобрувања е и новиот мотор помирен и потивок, но секако не е изгубен карактерот на моторот со карактеристичниот звук, само сега со нешто намален број на децибели. Модерни времиња…

Инаку компактниот нов мотор брои 1042 кубни сантиметри и ослободува максимални  115КС на пристојни 8.700 вртежи во минута како и 104Nm на 6.750 вртежи. Секако најважно е дека ослободува дури 82% од максималниот вртежен момент на ниски 3.500 вртежи, правејќи го ултра корисен за движење низ град или по вијугастите планински патишта.

Покрај лесните материјали користени во главата на моторот и цилиндрите, со што се намалила инерцијата при движење на истите за дури 50% во однос на стариот мотор од 1.200cm³, изменета е сосема и архитектурата на главата за полесно “издишување” на моторот низ вентилите и издувните цевки кои сега доаѓаат од страна на главите наместо од напред. Ова не пречи при возење затоа што нивната позиција е релативно ниска, но и заради тоа што електрониката одговорна за контрола за гаста сега се наоѓа меѓу главите во V просторот со што се добива уште покомкатно пакување на целата единица. Вредно е да се спомене и сервисниот интервал на секои 12.000km како и декларираната просечна потрошувачка од под 3.9l/100km што би требало да овозможи околу 350km со 17 литри бензин, колку што собира во резервоарот. Воденото ладење на моторот не само што е технолошки исчекор на традиционалистот Moto Guzzi, туку заедно со другите доработки овозможува достигнување на Euro 5 нормите.

Моќта на моторот се пренесува до задното тркало преку 6 степен менувач, кој кај S моделот е и со она помагало за некористење на левата рачка за куплунг, Quickshifter, до неизбежниот кардански пренос. 

Инаку испораката на снага може да се персонализира преку сетирањето на мапите за контрола на компјутерот на моторот и контролата на пролизгување на погонското тркало, или едноставно да се препуштите на фабричките сетинзи прилагодени за возење во услови на дожд-Pioggia, Turismo за долги тури, Strada за гадски вожњи или Sport за нешто подинамично “бркање”. Новата современа ICU електроника го овозможува сето ова преку надгледување по 6 оски овозможувајќи прецизна работа на ABS сопирачките и контролата на пролизгување во зависност од аголот на навалување на мотоциклот, како и електронската drive by wire врска на акцелераторот.

Сетинзите ќе влијаат и на работата на суспезијата која се состои од Öhlins Smart EC 2.0 предни и задни полуактивни амортизери, повторно кај S моделот, додека и двата модела за безбедно сопирање користат Brembo двојни 320mm дискови напред и 280mm моно диск назад. Пневматиците Pirelli Angel GT II 120/70-17 напред и 190/55-17 назад се намонтирани на привлечните алу бандажи.

За да се комплетира целосната слика за современ мотоцикл тука е и новиот 5” TFT екран во боја кој влече корени од Aprilia, и кој се контролира преку командите на рачките.

Она што е куриозитет и светска премиера во светот на сериските мотоцикли се однесува на активните аеро крилца кои за првпат се промовираат во светот на 2 тркала. И ако тркачкиот тим на сестринската Aprilia ги бере плодовите од аеро трката во MotoGP со фактот што до пред 2 трки пред крај на сезоната беше во конкуренција за освојување на светската титула, овде се работи за поинаков бенефит од аеро крилцата.

Наместо за скротување на моќта на моторот со што би се избегнало кревањето на задно тркало и губење на драгоцени десетинки од секунда, овде се работи за избегнување на досадното струење на воздухот на отворен пат и поголемо уживање. 

Крилцата се дизајнирани да го намалат притисокот на воздухот за 22% во комбинација со ветробранот кој може да се прилагои електронски по висина, со што ќе се намалат ударите на ветер врз телото на возачот и совозачот. Елегантно решение со кое не се нарууваат чистите линии на оклопот, нешто што стана тренд по урнекот на MotoGP мотоциклите. Потрошени се над 200 работни часа во воздушнен тунел за развој на оваа иновација.

За тоа како вози Moto-Guzzi V100 Mandello и колку сето ова е навистина добро склопено ќе почекаме за евентуално тест возење во блиска иднина. 

Дали вам ви легна на око последната креација на компанијата која лани прослави еден век постоење?

Back To Top