Невообичаена слика во сите 3 класи на немилосрдни борби меѓу тимските колеги

Викендов имаше неколку новини во MotoGP, секоја за себе важна и посебна, и ако за новиот тим веќе пишувавме, сега ќе се задржиме на другата новост, а тоа е најавата за спринт трките како реакција на се поголемите критики за побогата содржина на Гран При викендите. На другите автомото дисциплини не им е непознаница оваа адиција на трките, но MotoGP шампионатот веќе подолго време се спротивствува на новините. Во основа тоа би значела кратка трка, според најавата половина од класична должина на трка, и соодветно половина бодови за освоените позиции. Ова ја менува сликата за освојување на бодови во борбата за титула, но и за приодот кон викендот. Сега интензитетот на вртење брзи кругови е навистина вонсериски висок заради се помалите разлики меѓу натпреварувачите, па така ги имаме FP1, FP2 и FP3 со високо темпо кое ги гори тркачите од адреналин, наместо да се користат како тренинг сесии каде ќе можат да го сетираат идеално моторот за трка. Веројатно е со воведувањето на спринт трката да се скрати некоја од сесииите и тркачите да добијат поефективно користење на времето кое им е на располагање во текот на тркачкиот викенд. Деталите ќе ги знаеме во понатамошниот тек на сезоната.

Другата вест беше враќањето на Marc Marquez на патеките. Добро не баш на патеките туку сега за сега во боксовите. Целта е јасна. Потребно е да и се покаже јасно на Honda кој е главен во тимот дури и кога не настапува на неколку трки заради опоравување од последната операција, и да им се посочи на Јапонците дека помина времето кога Шпанецот успеваше со вонсериски напор да ги надомести мааните на моторот и да постигне неверојатни резултати. Како што пишувавме порано, нервозниот RC213V е и дел од причините за дополнителни повреди на Шпанецот, но неретко и на неговите колеги кои неретко се наоѓаат вон патеката по некое непредвидено салто кое им го приредува дивиот RC. Тоа не го крие ни 8 кратниот шампион кога на прес конференцијата јавно ги критикуваше HRC не само заради моторот туку и генерално заради целиот приод кој го имаат во шампионатот. Јапонците се генерално конзервативни и темелни што им пречи кога станува збор за брзо решавање на некои проблеми, како и за пробување на нови решенија. Едноставно се држат цврсто до проверени рецепти, што е веројатно одлично кога се работи за друмските мотори и автомобили кои ги произведуваат, но во овој шампионат во кој аеродинамиката и електрониката се се позастапени мора да се движат со многу поголема брзина. И буквално и метафорички. Дури и при анализата за моменталната поставеност на силите во шампионатот преку примерот за лидерот Quartararo кој го истакна како најдобар, но дека нема да може да ја одбрани титулата ако нема поголема поддшка од Yamaha која јасно каска зад Ducati и Aprilia, Marc само сакаше да стави дополнителен притисок врз Honda. Немојте да помислите дека го бранеше Французинот кој е реално како негов, така и на сите останати, најголем конкурент за освојување на титули, сега и во иднина. Гледајќи го повлекувањето на Suzuki, анемичноста на Yamaha, и збунетоста на Honda човекот не е далеку од вистината. Јапонската култура на прецизност, перфекционизам и квалитет, мора да се зачини со преземање на ризик, лудост и креативност на овој дел на светот. Промените се потребни под итно! Замислете каде би биле Honda и Yamaha без Marc и Fabio во иднина! Впрочем и сега Honda е редовно во Q1, додека само Французинот може да се пофали за тоа што ја гледаме Yamaha со (барем) еден мотор директно во Q2.

А сега да се вратиме на трката.

MotoGP 

Во тренинзите секако дека покрај вообичаените “виновници” Ducati, често се појавуваше и Fabio Quartararo кој се чини е единствениот кој може да им парира на моторите од Болоња. Очекувањата пред трката беа дека може да им се приклучат и возачите на Aprilia, но сепак оваа патека и температурата во Штаерска како да не им одговараше на црните ѓаволи од Ноале. Стартот на трката го одбележа и првиот старт од пол позиција за Enea Bastianini, токму во викендот во кој треба да се решава неговата иднина. Не може да биде подобро од ова? Особено ако се знае дека по стартот се задрлжа на сеуште добрата втора позиција зад Pecco, пред Miller и најголемиот конкурент за место во фабричкиот тим, Шпанецот Martin. Оваа четворка некако се одвои пред Vinales, Fabio и Espargaro, откако во првиот круг ги напушти и Mir во еден страшен пад кој го остави во болки. Ова беше очаен крај на лошата сезона во која паѓаше повеќе отколку вкупно во целата кариера до сега. Психолошкиот момент по повлекување на тимот со кој освои титула пред 2 години, и фактот што сеуште не е решен неговиот статус за идната сезона иако е јавна тајна дека ќе вози крај Marquez, си го направи своето. И самото тоа што ќе вози мотор кој во моментов е последно пласиран, сигурно не му го намалува стресот кој го меле младиот шампион.

А напред четворката од Ducati ни приреди забава. И ако сите помислија дека Jack, како добар пријател на Pecco ќе му чува грб на Италијанот, се случи спротивното. Откако го претекна Enea, Австралиецот по неколку круга следење се одлучи за напад кој траеше еден свиок, по што мораше да се помири дека едноставно не може да го победи тимскиот колега. Борбата на овие двајца ги остави лутите ривали Enea и Jorge во сопствена лута битка во која се изменуваа во едни агреснивни напади, карактеристични за двајца возачи кои се борат за иста цел. Можеби Ducati требаше да собере сила и да каже јасно кој им е планот, наместо да ги фрлат во ринг да се гонат во битка која наликува на борба со петли.

Брзо заврши оваа улична тепачка со отпаѓање на Enea во еден свиок кога отиде широко и ја преора песочната стапица. Мораше да се повлече заради оштетен преден пневматик кој полека губеше “здив”. Штета. Можеше да биде интересно до крајот. Вака делуваше дека Bastianini потклекна под притисокот, но за да не им олеснат при одлуката на своите шефови, се погрижи и Martin кој борејќи се против Miller за последното место на подиумот и самиот се најде надвор од патеката. Така Австралиецот го продолжи одлличниот низ на добри резултати, но не подобар од неговиот тински колега кој ја освои третатата победа во низ со што се израмни со Stoner во ова постигнување за тимот на Ducati. 

А кој беше втор? Покрај сите овие италијански мотори, Fabio успеа со уште едно маестрално возење да ја освои втората позиција и да изгуби само 5 бода во однос на Bagnaia, но ја зголеми разликата во однос на вториот во генералниот пласман Espargaro кој едвај успеа да се избори за шестата позиција и нови 10 бода. Неговиот тимски колега Vinales кој имаше одлични резултати до оваа трка, тонеше од 5 позиција на која се наоѓаше на почетокот на трката се до 13-тата на која заврши на крајот. Како евентуална причина се наведува непредвидено трошење на пневматици. Да се надеваме дека е привремено и дека нема да му ја наруши нагорната линија во формата на Шпанецот.

Олична трка имаше Luca Marini кој заврши како четврт и покажа уште еднаш дека можеби не е спектакуларен и атрактивен возач како Enea, Marco или Martin, но сепак вредно собира бодови и поинаку работи во текот на трката.

Французинот Zarco беше четвртото Ducati во топ 5, со освојување на петтата позиција. Подобар резултат од падот во Силверстоун.

Зад Aleix на седмата позиција заврши Brad Binder кој не успеа да го повтори успехот од минатата сезона. Иако имаше најави за дожд, сепак со овој мотор тешко дека може подобро од ова. Остантите резултати можете да ги прочитате од табелата на MotoGP, и нема да трошиме премногу зборови.

Moto2

И тука присуствуваме на интересен расплет во финишот на трката. Почетокот на трката ни ги намести првите двајца тимски колеги еден зад друг и се чинеше дека нема никој да им парира на Ogura и Chantra од Team Honda Asia. За среќа настапи пробивот на Vietti кој ги нижеше противниците еден по еден во негов стил, со што ја направи трката многу поинтересна. Во моментите кога се чинеше дека ќе добиеме вистинска битка за првото место кога Vietti го достигна второпласираниот Тајланѓанец, попушти предниот пневматик под агресивното сопирање на Итајилланот и се завршија сите надежи не за победа, туку и за било каков бод. Се чини дека претера кандидатот за титула, и до пред две трки лидерот во шампионатот. Зад првите двајца се одвиваше вистински четворобој во кој се претркуваа Dixon, повратникот Acosta, Fernandez и Canet. Навистина одлична борба која заврши по горенаведениот редослед кога на крајот Британецот му го одзема подиумот на фантастичниот Acosta кој се врати по тешката скршеница на надколеницата. И кога се чинеше дека и во овој случај тимските колеги ќе си ги задржат местата за зголемување на шансите за освојување на титула на Ogura во средната класа, нападна Chantra во стилот на Marquez и Dovizioso од 2018 и 2019 во последниот круг во предпоследниот свиок, но исто како и во примерите во кралската класа, Ogura врати во полседниот свиок и избега напред во уште една победа. И подобро што се случи овој напад, затоа што Јапонецот ја потврди подобрата форма и заслужено победи, со што го тргна на страна сомнежот за некакви тимски наредби. Браво!

Moto3

Во оваа класа борбите меѓу тимските колеги беа повеќе од некоректни. Веќе Garsia и Guevara во гаражата не се погледнуваат, а тоа се приметува и на патеката на која се користат сите дозволени и недозволени срадства за да се извади конкурентот од ритам и да се натера на грешка. И двајцата возачи се толку изедначени во формата и бодовно, што останува грешките да го решат победникот.

Но не се бореа за првите позиции на оваа трка туку за петтата и седмата позиција на кои на крајот ја завршија трката Segio и Izan. Битно третиот во генералниот пласман Foggia, имаше сопсствени проблеми и заврши уште подалеку зад нив на 12-тата позиција, со што само ја зголемија бодовната предност. 

А на победничкиот подиум славеше фантастичниот Ayumu Sasaki кој по стартот во еден момент се наоѓаше на првата позиција, но мораше да одработи 2 казни за сударот со Garcia во Британија, што го врати на дури 21-та позиција. Од таму беше неверојатно да се следи пробивот нагоре. И секогаш кога се очекуваше да го достигне максимумот заради трошењето на пневматици, Јапонецот одеше чекор подалеку и позиција понапред. Мелем за очи. На крајот не дозволи да му се приближи сонародникот Suzuki кој заврши како втор, па беше навистина убава глетка почитта меѓу сонародниците кога си честитаа на добриот резултат. Зад нив, со уште еден подиум, заврши дебитантот David Munoz кој продолжува да воодушевува со одличната борба против Турчинот Oncu.

Можеби најсреќен беше тимскиот шеф на Sasaki, шесткратниот шампион Max Biaggi кој се радуваше на победата како во деновите кога жареше и палеше на патеките во најмалата и средната класа, но на крај наиде на Valentino Rossi во кралската класа. Еве и вака може да се ужива уште долги години во спортот

Back To Top