Реши да купиш половен мотор? Еве десет работи кои треба да ги погледнеш пред да се одлучиш за купување.
Мотор
Доколку си во можност провери го маслото (дали е чисто или барем дали има доволно во моторот) и водата/антифризот. Доколку е можно провери го и филтерот за воздух. По ова, стартувај го мотор.. дали пали веднаш и дали работи мирно? Има чад од издувот? Провери дали со вртење на рачката за гас моторот соодветно ги качува вртежите. Има ли чудни звуци, тропање, зуење кое доаѓа од моторот? Дали кумплугот е лесен? Менувачот треба да кликне природно при менување на брзина (не заборавај дека многу мотори имаат електронска заштита која ќе го изгаси моторот доколку се обидеш да го ставиш во брзина кога е спуштен страничниот потпирач). Провери и дали има истечено масло на самиот мотор или траги од рѓа.
Гуми
Дали се нови? Пристојни? Истрошени? Гумите се многу важен дел од моторот, па не би сакал да треба да одвоиш дополнителни 300-400€ откако ќе го купиш моторот. Погледни дали има мали пукнатини на страничните делови на гумата без разлика колку изгледаат нови. Уште една работа која мораш да ја провериш е датумот на производство. На страничните делови освен марката, моделот и димензиите на гумата, запишан е и датумот на производство кој најчесто започнува со "DOT" па четири бројки. Овие бројки ги означуваат неделата и годината на производство. Пример, "3407" значи дека гумата е произведена во 34-та недела во 2007-ма година. Гумите доколку се чуваат во соодветни услови можат да стојат и повеќе години без да загубат од перформансите, но ова важи само за нови гуми. Гума монтирана на мотор, без разлика на визуелната состојба треба да се смени на 2-3 години кај спортските мотори и 3-4 години кај туристичките. Доколку имаш финансиски можности, менувај ги гумите на максимум две години.
Кочници
Провери ги плочките и види уште колку е останато од нив. Скоро сите имаат изрезбан индикатор кој покажува колку е потрошена плочката. Доколку индикаторот е на минимум, плочките треба да се заменат. Провери ги и самите дискови. Доколку на нив забележиш траги од гребење значи плочките биле толку истрошени што сопирачките клешти гребеле на дискот.
Управување
Дали предниот дел заглавува во било која точка кога ги вртиш рачките лево-десно? Провери ги каблите, сајлите и истрошеноста на самите рачки, копчиња па и на инструмент таблата. Доколку има средишен потпирач (штендер) навали го моторот на задното тркало и провери дали има било каква луфта на предното тркало.
Провери ја амортизацијата, и провери го задниот дел од моторот.
Вилушки
Дали семеринзите се во ред (има ли масло на самите вилушки)? Доколку не си сигурен, а моторот кој го гледаш е возен пред извесно време, ќе има прстен од масло и прљавштина на долниот дел од вилушката. Доколку моторот е чист, притисни ја предната кочница и стисни ги рачките надолу колку што можеш неколку пати по ред. Вилушката треба да остане целосно сува, а доколку има макар и мали траги од масло биди сигурен дека наскоро ќе имаш работа на неа. Исто така не заборавај да провериш дали вилушките се прави. Доколку имаат вдлабнатини, гребаници и слично моторот во најмала рака бил лизнат.
Изглед
Провери ги детално маските на моторот, не би сакал после еден месец да треба да ги носиш на крпење и фарбање. Доколку купуваш спортски мотор, погледни дали има странични протектори за рамот (frame sliders), доколку нема, барај каде се лепени пластиките. Мотор кој никогаш не паднал е оној кој стои во изложбен салон, нов.
Електроника
Провери ги светлата, жмигавците, сирената... долги/кратки светла, индикаторите на инструмент таблата, стоп светлот... провери се!
Резервоар
Задолжително отвори го резервоарот и провери дали е чист внатрешно. Рѓосана внатрешност значи дека во најмала рака ќе треба често да го менуваш филтерот за бензин (читај непотребни нервози и одење пеш). Провери го и капачето на резервоарот, дали нормално се отвора и затвора? Лошо капаче за резервоар може да создаде вакум па моторот да не запали се додека не го отвориш и затвориш капачето повторно. Ништо страшно доколку знаеш дека е тоа проблемот, но лошо кога ќе те остави на среде пат без никој околу тебе.
Ланец
Дали е затегнат или лабав ланецот? Повеќето мотори треба да имаат 1-2цм луфта кај централниот дел од ланецот. Провери и дали е сув или подмачкан. Провери ги ѕвездите, дали и колку се изедени? Истрошени или скршени запци на ѕвездата значи дека таа веднаш треба да се промени. Кај ланците индикатор за истрошеност се и гумичките на секоја алка од ланецот.
Дали ти одговара?
Провери дали тој мотор е соодветен за тебе. Седни на него и осигурај се дека можеш да го држиш моторот стабилно. Возењето на моторот треба да биде уживање, доколку си премногу згрбавен, едвај ги дофаќаш рачките, или пак асфалтот го допираш само со прстите на ногата, побарај мотор кој ќе ти прилега и на кој со гордост ќе се возиш..
За крај не заборавај дека е најдобро да направиш тест возење. Повеќето сопственици нема да ти дозволат, но можеш да се нагодиш со нив. Понуди им да ги чуваат парите додека го пробуваш моторот, така сопственикот нема да се секира дали ќе паднеш. Во краен случај побарај да те повозат на моторот. Ќе осетиш дали мазно развива брзина, дали менувачот е тивок и дали кочниците функционираат како што треба.
Кога ќе одиш да го гледаш моторот, доколку не познаваш човек кој има искуство со мотори испечати го текстов, подобро да читаш пред да го купиш моторот, отколку потоа да читаш "10 работи кои треба да ги направиш за да го продадеш моторот".