Нашиот денешен соговорник е легендата на македонската мото сцена, познат како Вите. Зошто легенда? Читајте внимателно. 

Вите е Виктор Вешоски од Скопје, нема да ги откриеме неговите години, бидејќи нели моторџијата останува млад во душата засекогаш.
Со моторот за прв пат се запознал во далечната 1977 кога го добил својот Tomos cross junior од 50цц.

Што ќе ни кажеш за твоите почетоци?
Почетоците...во тоа време (1977) се возеа доста мотори, кога велам мотори мислам на Томоси нели. Низ Скопје возевме заедно со Врапче, Никче, Боро Попович, Кајли и многу други, да не ги набројувам сите. Повеќето од нив до сега се имаат и откажано од активно возење, од разни причини.

Како се снаоѓавте за опрема, делови..?
Во тоа време немаше од каде да се купат делови или опрема за моторите, ниту пак сервиси за нив. Гуми и делови носевме од Италија и Австрија, преку пријатели. Сервис си правевме самите, а помагаше секој што се разбираше барем малку. За продавница за мотори не ни сонуваше некој. Во цела Југославија имаше само три Kawasaki ZXR 750.

Вите е познато име кај сите на кои им се актуелни мото трките, кога за прв пат се натпреваруваше?
Првата трка беше во 1978, во Сомбор. Се тркав со мојот Томос, во класата 50 јуниор. На мојата прва трка завршив 9-ти што е огромен успех ако се има во предвид дека се натпреваруваа 90 мотори!

90 мотори? Како ли изгледала трката?
Се возеше по систем наречен "пар-непар", тоа значеше дека во квалификациите во една група возеа моторите со парни броеви, а во другата моторите со непарни. По принцип на излегување се доаѓаше до бројката која учествуваше во главната трка. Огромен успех беше и воопшто да се пласираш во самата трка, па затоа и 9-то место е толку значајно.

Беа ли интересни овие натпревари?
Самите трки беа доживување како за нас натпреварувачите така и за публиката. На трките се случуваше јас со мојот Томос од 50цц да поминам мотори од 175цц што беше бурно поздравувано од публиката.

Ја спомена публиката, ја имаше ли во голем број?
Па во Македонија овие трки се возеа во Кавадарци и во Струмица. Стазата всушност беа градските улици, оградени со бали сено, и бидејќи се возеше за Шампионат на Југославија, целиот град беше на улиците. Беше прекрасно да се вози во таков амбиент. Да споменам и дека овие трки за жал се возеа само до 1982, по што беа укинати.

Кој успех би сакал да го издвоиш од овој период?
Па најголем успех додека се натпреварував во класата Јуниор беше Првак на Југославија во 1981. Тоа воедно е и мој најдраг успех во досегашната кариера.

Кога освои се што можеше да се освои со Томосот, со што продолжи Вите?
Продолжив да се тркам за Шампионатот на Југославија во класата Супербајк 750ТТ, тоа беше најсилна класа. Јас бев единствен претставник од Македонија, и ако се имаат предвид условите во кои се тркавме ќе го споменам третото место на трката во Краљево во 1986.

Освен Шампионатот на Југославија, се возеа ли домашни првенства?
Се возеа во повеќето земји. Јас освен за Југословенскиот Шампионат, возев и за Државен Шампионат на Србија, каде станав првак во 1989 со мојот Каwasaki 750.

Како помина периодот околу распадот на Југославија, влијаеше ли на трките?
Па во времето кога почнуваше војната, т.е. веќе беше почната, јас и Кизо отидовме на трка во Бјелини во 1991. Не ни беше гајле што се пукаше наоколу, битно ни беше да возиме. За жал на таа трка ламелите на мојата Јамаха (FZ 750R) не издржаа па не ја завршив трката.

По осамостојувањето?
Тоа беше тежок период...откако се распадна Југославија возев за Бугарскиот Шампионат. На трката во Софија во 1993 допатував со возење на моторот до самата стаза. Кога ме видоа на влезот ме исмејуваа бидејќи сите останати имаа тимови кои стоеја позади возачите, и одлична опрема, а јас бев сам, дојден на мотор.
На тренингот бев прв, па веднаш почнаа притисоците кон мене. Работата дојде до таму да ми вперуваат пиштоли и да треба и полицијата да интервенира. Сепак наредниот ден ја возев трката и го освоив првото место. За жал после овој настан ми беше забрането да возам во Бугарија, се до 1995 кога се смени власта па издејствував да можам повторно да возам. Во 1995 станав Првак на Бугарија во класата Супербајк со Kawasaki 750 (останатите натпреварувачи возеа со мотори од 1000цц)

Значи си станал Шампион на Југославија, Државен првак на Србија и на Бугарија, што друго?
Па да..возев и за Хрватскиот Шампионат, за Балканско Првенство, а и за Европското првенство. Во 1997 на пример на патеката Гробник во Хрватска бев петти во натпреварот за Европското Првенство. Тогаш возев Дукати 916sp, и бев во одлична форма. Италијаните ме бараа да возам и за нивниот шампионат, ама немав услови.

Низ моторџиските кулоари се шушка и за бројните падови кои ги имаш, што ќе ни кажеш за тоа?
Па имам многу падови, а најтежок пад кој сум го имал е оној во 1998 на патеката во Измир, Турција, на трката за Балканското Првенство кога при удар со 250км/ч удрив директно во ѕид и ги скршив вториот и третиот пршлен на вратот. Освен ова имам 30-на операции од падовите со мотор. Потежок пад освен тој во Измир беше и оној во 1996 во Бугарија кога на една трка ја скршив кичмата, имав внатрешно крварење, а и колкот ми беше здробен па сега носам плоча. Имам и штрафови во двете колена, шипка на ногата, прстите ми се скршени, безброј потреси на мозок...

Кои се последиците од сите овие падови?
Последици...после падот во Измир паузирав од тркање се до 2007-ма, ама не беше само заради здравствени проблеми, туку и заради фамилијата, не можев да им приредувам повеќе стресови.

После се ова ти продолжи да се тркаш?
Да, како што кажав, во 2007 учествував на меѓународна трка во Осјек, завршив 4-ти но разликата од првиот до мене не беше ни една секунда.

Дали тоа значи дека Вите сеуште не ја завршил тркачката кариера?
Оваа сезона доколку најдам спонзори сигурно ќе се тркам за нашиот шампионат. Сепак финансиите се пресудни. Сите трки досега ги имам возено без никаква помош од никого, а верувајте не се малку пари во прашање. За оваа сезона сепак не станува збор за голем трошок. Со денешнива фабрички мотори можеш да бидеш и тоа како конкурентен, се што ти треба се добри гуми.

Што би им препорачал на младите возачи кои сакаат да започнат со тркачка кариера?
Да си спремат доволно пари за да не се случи да почнат па да неможат да ја довршат сезоната. Исто така не е битно да инвестираат во брз мотор, доволни се добри гуми и срце за возење. Од младиве возачи би сакал да го издвојам Томи, како дете кое има што да покаже.

Кое е твоето мислење за моторџиите низ државава?
Кај нас има многу повеќе фалбаџии отколку моторџии. Сите се јаки на вилица, а кога треба да се вози сите се повлекуваат. Секоја чест на исклучоци, меѓутоа не се станува моторџија со самото тоа што тато ти купил 1000-ка. Треба возење.

Кажи ни нешто повеќе за себе, каков мотор возиш, дали возиш автомобил...
Во моментов возам Suzuki GSX-R 1000 k7, а во гаража имам паркирано и Kawasaki zx7r специјално направено за трки во фабриката Акрапович со вредност од 35.000 евра. Инаку возам автомобил еднакво брзо како и моторот, само тоа го правам по кривини, не на право, исто како и со моторот, не е интересно да возиш на правец брзо, секој го може тоа...

Која е максималната брзина со која си возел мотор?
370км/ч, со Кавасакито.

Се зборува дека Вите стасал до Скопје до Охрид за 45 минути, точно ли е ова?
Па да...ама тоа беше во 1994, со Yamaha YZF 750.

Целиот живот возиш брзинци, дали би возел чопер некогаш?
Чопер? Ни на крај памет не ми е, ќе одам автостоп ако треба, ама чопер нема да возам...

Дали си член на некој мото клуб и кое е твоето мислење за МФМ?
Член сум на MKD-StreetFighterz, а за МФМ искрено немам некакво изградено мислење. На што да го изградам? Искрено се надевав и очекував повеќе, се ветува многу, а за сега нема конкретни резултати. Се надевам дека оваа сезона ќе се смени сето тоа но искрено се сомневам..

Разговорот со нашиот соговорник го привршувавме полни со импресии и со насмевка на лицето. Разговаравме со легенда.

Back To Top