Интервјуто го направивме во едно кафуле на Широк Сокак во Битола, каде Кико придружуван од својата мајка час и половина ни раскажуваше за него и за неговите успеси.

Христијан Илиоски - Кико, шампион за 2009 во Источно-Европскиот шампионат во класите МХ2 и МХ2 јуниор.

Кажи ни како започна сето ова, од каде кај тебе желбата за крос мотор?
- Имав 6 години кога со мојот татко за прв пат отидов на крос трка во Битола, по завршувањето на трката имаше еден Kawasaki (85cc) кој многу ми се допадна и за моја среќа го добив како поклон. Со самото качување на моторот сватив дека тоа е тоа, кросот е мојата животна определба.

Кога започна со трките?
- Првата трка ја имав веќе на 7 години, а следната година и првата победа.

Значи првиот пехар е на 8 години, сега наполни 18, па колку пехари се собраа?
- Повеќе од 150

Импресивно! Некоја позначајна победа која би сакал да ја издвоиш?
- Сите победи ми се значајни и битни, така на пример во 2004 година во Источно Европскиот шампионат бев втор, со само еден поен заостанување зад првиот. Во 2005 бев прв на истиот шампионат, таа година возев на 4 најблиски трки во Европскиот шампионат, на трката во Севлиево-Бугарија го освоив шестото место. Таа година во генерален пласман бев единаесети со само четири трки од десет, во голема конкуренција од 120 натпреварувачи и сум единствениот кој донесол поени од Европско првенство за Македонија.

Како се движеше потоа твојата кариера?
- Потоа ја сменив класата, пораснав доволно за да возам во МХ2 и успесите продолжија да се редат. Единствениот застој го имав кога го возев бугарското првенство.

Што се случи тогаш?
- Немајќи доволно средства и услови за настап кај нас, одлучив да го возам бугарскиот шампионат пред се заради можноста да се надградувам професионално со сета потребна логистика. За секоја трка имав по три подготвени мотори и се што ми требаше за нив но изгледа им пречеше на сите тоа што сум Македонец и ги победувам па почнаа да ми прават опструкции.

Потоа се врати во домашното првенство и возењето за источно-европскиот шампионат?
- Да, моите родители на кои сум им најблагодарен за целата поддршка која ми ја даваат успеаја да соберат доволно средства за да можам да возам за источно-европско и тоа се покажа како успешна инвестиција.

Кажи ни нешто за твоите планови, до кога ќе возиш во МХ2?
- МХ2 во моментов највеќе ми одговара, не би се преселил во МХ1 бидејќи конкуренцијата тука е поголема. Да не ме разберат погрешно останатите, не велам дека конкуренцијата е слаба, туку дека во МХ2 борбите и конкурентноста се поголеми. Ќе преминам во МХ1 кога и возачите со кои сега се натпреварувам ќе преминат. Тоа е некаков природен тек на работите, така и ќе биде.

Кросот е познат како спорт во кој повредите се честа појава, каков е случајот со тебе?
- За среќа немам многу повреди, 4-5, скршена рака, рамо, повреда на плешка...и неодамнешна да речам чудна повреда во која се здобив со скршен заб. Едно камче од гумата на моторот кој беше пред мене успеа да го најде патот под кацигата и сега сум со скршен заб :)

Минатата година освен источно-европското првенство Кико се појави и на една трка од Светскиот шампионат.
- Тоа беше најголемото искуство за мене. Видовме до каде сме, а каде треба да бидеме. Сакам уште еднаш да им се заблагодарам на Мото Скопје кои собраа средства за котизација на трката без кои немаше да можам да се натпреварувам. Во однос на самата трка и подготвеноста на останатите тимови ние сме светлосни години зад нив. Доволно за тоа говори и фактот дека до минатата година котизација за возење на трка беше 1000 евра, а од оваа средствата се уплаќаат пред почетокот на сезоната во висина од 100.000 евра за целата сезона, па настап само на една трка е невозможен.

Кој друг ти има помогнато до сега?
- Имав голема помош од АМСМ, пред да се формира федерацијата имаше средства кои се одвојуваа за секоја трка и ни беа од огромна помош. Сега нема ништо. Лани за освојувањето на источно-европското првенство добив пофалница и тапкање по рамо. Од Агенцијата за млади и спорт единствената помош е стипендијата и минатата година ми дадоа 1000 евра со кои одпатував на еден натпревар во Романија, исто имав помош од општината Битола за два натпревари.

Според тебе АМСМ подобро си ја вршеше работата отколку МФМ?
-Сметам дека АМСМ помогна но и тоа не беше доволно за на Европско ниво, за МФМ можам да кажам дека беа нови и се надевавме дека ќе бидат поуспешни но и таму нема пари за своите претставници. Дефинитивно за било кој да вози на европско првенство потребни се 50-60000 евра годишно, тие средства не се ништо за неколку големи фирми кои ги има во земјава, а кои ќе бидат афирмирани на соодветен начин како спонзори на европски шампион. Во соседните земји федерациите се грижат за своите возачи, обезбедуваат спонзори и тоа се нивни заеднички успеси. Годинава Грците ми понудија да го возам шампионатот како нивни претставник. За секоја победа ми понудија награда од 1500 евра, во еден викенд се возат по две трки односно можност да заработам по 3000 евра неделно. Ја одбив понудата бидејќи сум поучен од лошото искуство во Бугарија, а и сакам да возам во Македонија.

Што друго би споменал во однос на подготовките, што ти фали/пречи?
- Ми пречи тоа што не можам да ја испланирам однапред целата сезона. Се случува да се подготвам за 4 трки па потоа излегува уште една-две, а јас дознавам дека ќе  имам средства да ја возам трката два дена пред почетокот на истата. Се ми е на брзање и ми пречи тоа што неможам да се подготвам однапред за она што ме очекува. Кога би имал спонзори или луѓе кои би се грижеле за тој дел би ми било многу полесно да се сконцентрирам само на трките.

Каде тренираш?
- Најчесто сум на патеката во близина на Битола или во Гевгелија, сепак највеќе сакам да тренирам во Грција, на патеките во близина на Воден и Лерин кои се одлично подготвени и ги има сите услови.

Според ова што ни го кажа ти активно тренираш, а на последниот прес на МФМ пред трката во Гевгелија како пречка за твој настап освен немањето конкурентен мотор беше наведена и слабата физичка подготвеност, цитирам "не може да издржи повеќе од 10 минути со јако темпо".
- Слаба физичка подготвеност!? Не ми се верува (се смее), дајте ми мотор каков што сакам и гарантирам први места на сите трки!

Значи доколку успее акцијата да се соберат средства за нов мотор Кико веднаш ќе продолжи да се трка?
-ДА! Се што ми треба е мотор. Стариот сеуште функционира и со него тренирам, но веќе е "истрошен" и може да се случи на сред трка да се расипе.

Интервјуто го направивме во едно кафуле на Широк Сокак во Битола, каде Кико придружуван од својата мајка час и половина ни раскажуваше за него и за неговите успеси. Акцијата за собирање средства за купување на моторцикл за Кико е во тек, повеќе инфо на линкот.

Back To Top