11
Нед, Дек
4 нови содржини
Интервјуа

Игор Спиров - Зизи: Измешаните емоции од 2015 се мотив повеќе за 2016

Пред крајот на годината разговараме со Игор Спиров - Зизи, натпреварувач на Источно Европскиот шампионат во брзински мотоциклизам во класата до 600цц.

Следете нè на:

 

Кое е твоето гледиште за сезоната која изминува?

- 2015 за мене не заврши онака како што планирав, а за тоа причина беа повеќе фактори. Иако пред почетокот на сезоната се надевав на висок пласман и подобрување во однос на претходната година кога завршив на 5-та позиција во генералниот пласман, сепак на крајот околностите си го направија своето. 

Прво не те послужи среќата, а потоа и обврските не ти дозволија да настапиш во Бугарија...

- Да, на почетокот од сезоната започнав навистина добро имајќи во предвид дека имав одлично време и на првата трка избив на чело од колоната, но едноставно се случи мал пех заради кој доживеав пад на загревачкиот круг пред втората трка и заради оштетувањата на моторот не можев да настапам. Потоа заради лични причини не можев да отпатувам на првата трка во Бугарија, и кога ќе пресметате дека од седум планирани трки не сте настапиле на две веќе е јасно дека врвот е далечен.

zizi 2Спиров на патеката Пониква во Србија

Дали овие случувања ја намалија желбата за возење, знаеме дека потоа не настапи и во Романија

- Во Романија не отпатував заради трошоците, веќе беше јасно дека оваа сезона не можам да се борам за пиедесталот па беше по логично да заштедам средства за следните трки. Што се однесува до тоа дали ова ја намалило желбата за возење - не! Напротив, имам мотив повеќе и желба за поголеми успеси.

Ги спомена средствата, за оние кои не се запознаени, колку чини една натпреварувачка сезона?

- На една трка потребни се пари за нов сет гуми + уште една задна, гориво за моторот, патни трошоци, трошоци за спиење доколку не е обезбедено, јадење за време на престојот и котизација за трката, сето ова чини 1000 евра. Значи трошокот за една трка е 1000 евра, а во календарот за 2016 се планирани 7 трки што следствено значи дека за сезоната ми се потребни најмалку 7000 евра. Ова се тековни трошоци, во нив не се пресметани средства за подобрување на моторот или нешто слично.

zizi 5Зизи во свој стил

Каква е состојбата со твојот мотоцикл?

- Сега сум задоволен од моторот, имаме подобрување во однос на претходната сезона но сепак не е на она ниво на кое сакам да биде и на нивото на останатите натпреварувачи. Има многу полиња на кои може да се подобри, но задоволен сум што имаме подобрување во однос на стандардниот мотор кој го возев претходно.

Кој се грижи за твојот мотоцикл?

Би сакал да изразам јавна благодарност до мото сервисот Џани (кој се наоѓа зад зградата на Нова Македонија) и до мото сервисот Пајо (кој се наоѓа во кругот на фабриката Треска) за помошта околу моторот. Благодарение на нив моторот е постојано подготвен и среќен сум што се постојано околу мене за што и да ми затреба.

Како си задоволен од прикажаната форма?

- Јас лично сум задоволен од она што го прикажав во 2015 во целина, иако не сум задоволен од втората трка во Бугарија. На почетокот од сезоната на патеката Серес имав одлично време, секако треба да се има во предвид и дека за разлика од останатите возачи јас дојдов на патеката без никаква подготовка, значи по крајот на 2014, во 2015 првото качување на мотор ми беше во Серес за првата трка. Во конкуренција на возачи кои неколку пати претходно престојуваа на патеката и имаа по неколку денови за тренинг, јас успеав да се изборам за одлично време кое ми донесе старт од првиот ред. Исто така и последната трка во Бугарија која ја завршив на четвртата позиција беше одличен показател дека со добра подготовка можам да се борам за место на подиумот.

zizi 4Игор Спиров - Зизи

Како се подготвуваш во зимскиот период?

- Зимскиот период го користам за физички подготовки. Останувам во форма благодарение на физичката активност како и возењето на мотокрос кој многу ми помага за кондицијата. Голема благодареност до нашиот мотокрос возач Гоце Томовски кој ми овозможува во зимскиот период да тренирам со што ми овозможува да останам во форма до почетокот на сезоната.

Кој друг ти помага?

- Би сакал да им се заблагодарам и на моите другари кои се постојано со мене и ме поддржуваат во се што правам, секако тука се и спонзорите кои иако не се многу, нивната помош за мене е голема. Благодарност пред се до Мотул, но и до Мотоциклистичката Федерација на Македонија која преку Агенцијата за млади и спорт ме помогна пред крајот на сезоната.

zizi 6Игор Спиров - Зизи на патеката Плевен во Бугарија

Каква е состојбата со спонзорите?

- Како што спомнав и претходно, спонзорите се дефицитарни и секогаш се добредојдени, за 2016 се надевам дека ќе ја продолжиме соработката со Мотул со кои имам одлична комуникација, а новост е и тоа што Благоја Мартиновски, уредникот на вашиот портал Мотори.ком.мк ќе биде во функција на мој менаџер. Идејата е да обезбедиме доволно финансиски средства за успешен настап во сезоната 2016, а за возврат достојно да ги претставиме компаниите кои ќе се согласат на соработка.

Каков е планот за 2016 година?

- За 2016 година планирам да го возам целиот Балкански шампионат (до скоро познат како Источно Европски), исто така планирам да настапам барем еднаш и на легендарната патека во Краљево (Србија) како гостин. Во зависност од финансиските можности, подготовките за 2016 треба да започнат пред почетокот на сезоната за кога планирам тренинзи на патеката Серес во Грција. Исто така, доколку се остварат плановите би сакал да настапам и на една трка од Алпе-Адриа шампионатот.

Дали остануваш во истата класа или размислуваш за промена?

- Не, за сега останувам во класата F600 бидејќи за мене конкуренцијата е многу силна во класата до 600цц и не ми е предизвик да возам во 1000. Во мојата класа често се случува да возиме времиња дури и побрзи од оние во класата до 1000цц, но сепак борбата кај нас е многу поголема. Самите трки се предизвик, како за возачите така и за публиката која ужива во трки на кои стартуваат по најмалку 20 возачи. Во иднина секако ќе дојде време да ја променам класата и тогаш би возел во F1000, но за сега останувам во оваа класа.

zizi 3Игор Спиров на патеката Краљево во Србија

Зошто возиш со бројот 159, има ли некакво значење за тебе?

Бројот 159 е во знак на благодарност и почит кон мојот татко. Неговиот роденден е на 15-ти септември и затоа се натпреварувам со бројот 159.

Дали мислиш дека ни недостасува домашен шампионат?

Секако! Доколку се организираат трки во Македонија ќе има бенефит за сите, почнувајќи од организаторите, па до самите возачи преку конкуренцијата што ќе се создава и искуството со кое ќе се здобиеме. Секако доколку би се организирале трки ќе има услови да се појават и нови возачи и Македонија би имала повеќе претставници на меѓународен план. Се надевам дека во скоро време повторно ќе имаме прилика да се натпреваруваме во домашен шампионат во брзински мотоциклизам во кој македонските мото фанови ќе можат да уживаат во трките.

Нешто да додадеш за крај?

- Измешаните емоции од 2015 за мене се мотив повеќе за 2016 година. Започнав добро сезонава, моторот имаше подобрување, но ете се случи тоа што се случи и не завршив онака како што планирав. Затоа за 2016 посакувам да ме служи само спортска среќа, да биде се во ред и да продолжам онака како што завршив на последната трка во Бугарија. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на луѓето околу мене и на крајот од сезоната ќе се радуваме и ќе го славиме мојот најголем успех до сега.

comments

Би можело да ве интересира

Многумина сметаат дека тетоважите и мотоциклите одат заедно но никој не претпоставаше дека Honda ќе го свати ова толку буквално.

Во тек е последниот дел од турнејата Ducati Globetrotter 90, а Ducati Multistrada 1200 ќе се врати во гаражата на компанијата на 15-ти декември.

Кога размислувате за Кинески мотоцикли сигурно прво што ви паѓа на памет се скутерите. Но во Кина се повеќе расте побарувачката за големи машини.

Шефовите на Светскиот Супербајк шампионат објавија радикална промена на распоредот на патеката за втората супербајк трка во обид да се направи шампионатот поинтересен.

Дорна денеска го објави новиот надополнет МотоГП календар за 2017 година.

Хорхе Лоренцо изненади многумина со лесното прилагодување на новиот мотоцикл, но што навистина мисли тој за Desmosedici GP?

Бидете информирани за сите новости директно на вашата е-маил адреса
Реклами

Ви благодариме

Close

За тоа што споделувате содржини и го поддржувате нашиот веб сајт, Ви благодариме!